Дописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Евробарометар: Мал пад на граѓанската доверба во ЕУ, миграцијата и климата најважни

Есенскиот Евробарометар покажува мал пад на довербата на граѓаните во ЕУ во однос на пролетта, од 44 на 43 отсто, додека главните преокупации на Европејците остануваа климатските промени и миграцијата.

Брисел, 20 декември 2019 (МИА) – Есенскиот Евробарометар покажува мал пад на довербата на граѓаните во ЕУ во однос на пролетта, од 44 на 43 отсто, додека главните преокупации на Европејците остануваа климатските промени и миграцијата.

Довербата на граѓаните во ЕУ е зголемена во дванаесет земји членки, највеќе во Бугарија и Романија, додека највисока доверба во ЕУ имаат Литванците и Данците, пред Бугарите. Најниска стапка на доверба во ЕУ имаат Британците, Французите и Грците, под 40 отсто.

И покрај просечниот пад од еден процентен поен, граѓаните повеќе веруваат во ЕУ откако во националните влади и националните парламенти.

Недовербата во ЕУ е зголемена од 46 на 47 отсто, додека недовербата во националните влади изнесува 61 отсто, а во парламентите 60 отсто, покажува анкетата на јавното мислење на европските граѓани.

Иако над половина од граѓаните на ЕУ се задоволни со начинот на кој функционира демократијата во ЕУ, стапката е сепак пониска од оваа пролет, додека е зголемена стапката на оние кои не се задоволни.

Миграцијата останува на врвот на европските преокупации на граѓаните со 34 отсто, на исто ниво како и на пролет, додека загриженоста за климатските промени е на второ место и постојано расте, од 22 отсто на пролет на 24 отсто оваа есен. Пред пет години само пет отсто од граѓаните изразиле загриженост за климата.

На трето место на грижите на европските граѓани е економијата со осумнаесет отсто, исто така непроменето во однос на пролетта, додека тероризмот паѓа од 18 на 15 отсто, невработеноста е на седмо место.

На национално ниво пак, граѓаните на ЕУ се најзагрижени за нивните социјални и здравствени системи, на второ место се животната средина, климата и енергијата заедно, на трето место е невработеноста.

Граѓаните на ЕУ сметаат дека приоритет на ЕУ треба да биде развојот на обновливи енергии, потоа борбата против употребата на пластика, и земјоделството. тм/ссм/

Таг
Back to top button
Close
Close