ЕвропаЕвропа.Портал

ЕУ е против „трка“ со САД за вакцината за Ковид-19

По најавата на францускиот фармацевтски гигант „Санофи“ дека ќе му даде предност на американскиот пазар при испораката на вакцината против Ковид-19, откако ќе се развие вакцината, од ЕУ дојдоа остри критики.

Брисел, 14 мај 2020 (МИА) – По повод најавата на САД дека се „први во редот“ за добивање на вакцината против Ковид-19, која ја развива француската компанија „Санофи“, европски дипломати од Брисел порачаа дека тоа не е „трка“ и ја повикаа администрацијата во Вашингтон да се приклучи кон глобалните напори за истражување, производство и дистрибуција на идната вакцина.

По најавата на францускиот фармацевтски гигант „Санофи“ дека ќе му даде предност на американскиот пазар при испораката на вакцината против Ковид-19, откако ќе се развие вакцината, од ЕУ дојдоа остри критики.

Француското Министерство за финансии предупреди дека таквата одлука на француската компанија е „неприфатлива“, и покрај фактот што истражувањето за вакцините делумно беше финансирано од американскиот Центар за биомедицински напредни истражувања и развој.

Од друга страна, Брисел испраќа своја порака до Вашингтон на кого ова не му е првпат да се обиде со финансиски средства да стекне право на приоритет за идната вакцина против коронавирусот, коментираат светските агенции.

– ЕУ инсистира на солидарност и блиска соработка како најефикасен одговор на Ковид-19. Вакцината против Ковид-19 треба да биде општо јавно добро и да биде универзално достапна, рече портпаролот на Комисијата, Стефан де Керсмакер.

Во Брисел потсетуваат дека на донаторската конференција организирана од ЕУ, партнерите ширум светот собрале 7,4 милијарди евра со цел да се обезбеди глобална достапност до вакцини, дијагностика и третман за Ковид-19.

– На донаторската конференција учествуваа 40 држави од целиот свет, а беа присутни и некои американски учесници. Се надеваме дека американската администрација ќе биде вклучена во овој глобален одговор, наведуваат во Брисел.

Се додава и дека што и да одлучат САД, стратегијата на ЕУ во врска со заедничката соработка за глобалниот одговор против пандемијата Ковид-19 нема да се смени.

САД и Русија не учествуваа на меѓународната донаторска конференција што се одржа на 4 мај што ја организира ЕУ.

Во Европската комисија велат дека на француската компанија „Санофи“, покрај помошта што ја добива од националните власти, на располагање и се и наменски програми на ЕУ за финансирање на истражување и развој.

Претставници на „Санофи“ наведуваат дека во втората половина од 2020 година, може да има клинички испитувања на вакцината, која доколку се покаже како успешна, би можела да биде на пазарот во втората половина на 2021 година.

Европската комисија, преку Европската инвестициска банка во април обезбеди 80 милиони евра за германската фармацевтска компанија „Кјурвак“, која исто така работи на истражување на вакцина против Ковид-19.

Брисел го презеде овој чекор по информациите објавени во германските медиуми за настојувањето на американскиот претседател Доналд Трамп од „Кјурвак“ да обезбеди ексклузивен пристап до евентуална идна вакцина против Ковид-19. јт/

Таг
Back to top button
Close
Close