Дописници МКДОпштински вести

Епидемиолошката состојба во Охрид поволна, нема новорегистрирани случаи заразени со коронавирус

Моменталната епидемиолошка состојба во Охрид и околината е поволна, нема нови заразени лица од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата во земјата, во Охрид досега се регистрирани вкупно 15 позитивни случаи, од кои седум се веќе оздравени пациенти, додека за останатите осум веќе се добиени првите негативни резултати, останува да се почека на потврда на вторите негативни резултати.

Охрид, 7 мај 2020 (МИА) – Моменталната епидемиолошка состојба во Охрид и околината е поволна, нема нови заразени лица од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата во земјата, во Охрид досега се регистрирани вкупно 15 позитивни случаи, од кои седум се веќе оздравени пациенти, додека за останатите осум веќе се добиени првите негативни резултати, останува да се почека на потврда на вторите негативни резултати.

– Материјалите денеска се испратени во референтните лаборатории, очекуваме и вторите резултати да бидат негативни, така што се надевме дека до крајот на викендот во Охрид да нема активни случаи на болни од Ковид-19. Односните осум лица за кои се чекаат вторите резултати се без симптоми, без какви било здравствени проблеми, независно што пред две седмици беа со позитивни резултати на коронавирусот, изјави Сашо Точков, директор на Центарот за јавно здравје во Охрид.

Точков рече дека поволната ситуација не смее да значи опуштање во однесувањето на населението, дотолку повеќе што се очекува во Охрид како ќе се олабавуват мерките за ограничено движење да се зголемува и бројот на гости од другите места. Тој апелира на претпазливост, одговорност, совесност и особено почитување на мерките како носење маска, физичка и социјална дистанца и лична хигиена.

– Активноста на вирусот опаѓа, но тоа не значи дека сме вон епидемија, треба одговорно и совесно однесување, посочи тој.

Точков, кој е и претседател на Општинската организација на Црвениот крст во Охрид, истакна дека и во рамки на Црвениот крст се следат сите чекори што ги преземаат останатите земји во врска со епидемијата на коронавирусот, во однос на одржување на мерките за однесување на плажите за претстојниот летен период.

– Како што ќе се уредуваат мерките за однесување за концесионерите со плажите, така ќе се определуваат и активностите на спасителите на вода. За спасителите се подготвува посебна обука, која покрај стандардните активности ќе биде со посебен фокус на превенцијата на ширење на заразата. Тоа значи следење на активностите на капачите на плажите, однесувањето како во вода така и на копно, со контрола за придржување кон забелешките и препораките што ќе бидат донесени на централно ниво, рече Точков.

Релативно малиот број заразени лица со Ковид-19 во Охрид се смета дека е последица на одговорното однесување на населението, демонстрираната висока свест на граѓаните кои генерално доследно ги почитуваат мерките за спречување на ширење на заразата. аб/мс/

Back to top button
Close
Close