• Tuesday, 24 September 2024

Љутков со министерката Обуљен Коржинек: Ги интензивираме одличните македонско-хрватски односи во културата

Љутков со министерката Обуљен Коржинек: Ги интензивираме одличните македонско-хрватски односи во културата

Скопје, 23 септември 2024 (МИА) - Одличните релации меѓу Северна Македонија и Хрватска на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО, се отсликуваат и во традиционално добрата соработка во културата, се согласиле министерот Зоран Љутков и министерката  за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, на денешната билатерална средба во Загреб.

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата била искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ. Министерката Обуљен Коржинек истакнала дека Хрватска останува гласна во поддршката на евроинтеграцискиот пат на нашата земја, додека Љутков, во тој контекст истакнал дека и неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицкоски на оваа пријателска држава е дополнителен импулс за продлабочување на односите.

Љутков, на хрватската колешка ѝ го образложил значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и ја претставил новата директорка, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која има долгогодишно искуство во областа на културата. Тој подвлекол дека Центарот има големи потенцијали за проширување на соработката во културата, но и за промоција на природните ресурси на нашата држава, како и можност за проширување на надлежностите во образованието и науката.

На средбата биле истакнити многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а министерката Обуљен Коржинек особено ги издвоила успешните копродукциски филмски проекти меѓу двете држави, како и преводите на дела од реномирани македонски и хрватски автори на двата јазика. Таа изразила особено задоволство од присуството на македонски театарски творци во Хрватска кои бележат завиден успех, стои во соопштението.

Министрите споделиле искуства во однос на развојот на креативните индустрии, при што министерот Љутков искажал подготвеност за примена на добрите хрватски практики, посочувајќи дека овој сектор е во приоритетите на Министерството за култура и туризам и за него ќе бидат одделени зголемени буџетски средства.

Љутков и Обуљен Коржинек разговарале и за идните чекори во однос на мултилатералните иницијативи, при што го поздравија повторното активирање на иницијативата КОМОКОСЕЕ – Совет на министри за култура, во чии рамки ќе се одржат состаноци на експертско и на министерско ниво. Било разговарано за активностите, поточно за уредувањето и за наративот на музејската поставка при продолжувањето на проектот за отворање на поранешниот југословенски павилјон во „Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија.

Како што соопштуваат од Министерството, Љутков упатил покана до министерката Нина Обуљен Коржинек за возвратна посета на земјава, за време на одржувањето на фестивалот на Регионалната унија на театри „Рута“ во Скопје. нд/вј/

Фото: МК

You May Also Like