• Thursday, 29 August 2024

Хорот „Митрополит Козма Пречистански" на летниот камп на Митрополијата на Катерини, Китрус и Платамонос

Хорот „Митрополит Козма Пречистански

Дебар, 29 август 2024 (МИА) - На летниот камп на Митрополијата на Катерини, Китрус и Платамонос учествуваа и членови на хорот „Митрополит Козма Пречистански" од Кичево.

- На барање на нашиот почитуван епископ Антаниски г. Партениј а со помош на нашиот долгогодишен пријател архимандритот старец Матеј Псомас, а со широко отвореното срце за сите, особено за децата, на митрополитот на Катерини, Китрус и Платамонос г. Георгиј, учествувавме на летен камп, кој се одржа од 20 до 26 месецов, рече за МИА, Филип Тинтоски од хорот „Митрополит Козма Пречистански".

На летниот камп  учествувале  45 членови на нивниот хор, кои биле на  различна возраст. 

-Она што особено восхитуваше, беше тоа како сите овие млади лица се обединети во љубовта Христова, песната, играта, џагорот, посетата на излетничките места. Исто така особена радост и духовен восхит за сите беа посетите на женскиот манастир на светиот Ефрем Сирин во близина на Катерини и новиот манастир на светиот Дионисиј од Олимп каде што ја имавме честа да се поклониме на моштите на светиот Ефрем Сирин, светата великомаченичка Екатерина и многу други, и духовно да се исполниме од подвигот на овие манастири, додаде Тинтоски.

Според него, врв на ова дружење била неделната воскресна архиерејска литургија со која чиноначалствувал митрополитот на Катерини г. Георгиј во селото Вронду каде што хорот учествувал, како што вели, на покана на митрополитот, на негова и на голема радост и на жителите од селото,  а по повод фрескоживописот на новоизградениот храм. 

-По светата литургија бевме срдечно угостени и примени од митрополитот на закуската на која учествуваа и дел од претставниците на општината и неколку пратеници. Пред сите нив беше прочитано и благодарственото писмо и врачен скромниот дар од г. Партениј за митрополитот Георгиј, којшто беше видно радосен за ваквата татковска грижа на нашиот владика. Митрополитот се заблагодари од срце и на нашиот хор му подари икона со ликот на светиот Николај Мирликискиот Чудотворец во сеќавање на овој настан, нагласи Тинтоски.

Од име на членовите на хорит,  искажува голема  благодарност до г. Партениј, до архимандритот Матеј Псомас и митрополитот г. Георгиј кои, како што вели „овозможија да ја почувствуваат оваа огромна радост". вт/са/

Фото: Филип Тинтоски