• Wednesday, 28 August 2024

Да се преиспита прескокнувањето нивоа на урбанистичко планирање, нов закон до ноември

Да се преиспита прескокнувањето нивоа на урбанистичко планирање, нов закон до ноември

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Дел од општините веќе ги изработуваат проектите за училишта, градинки и катни гаражи, откако стапија во сила неодамнешните измени во Законот за урбанистичко планирање, за кои скратената постапка во законодавниот дом власта ја правда со потребата од поедноставување на  процедурите и користење на средствата што ги определи Владата со ребалансот на Буџетот за поддршка на општинските проекти.

На почетокот на септември треба да биде формирана работна група за нов закон за урбанистичко планирање кој ресорниот министер Александар Николоски го вети пред невладиниот сектор од каде реагираа за скратената постапка за законските измени, но и на нивната содржина. Ресорното Министерство очекува законот да биде изготвен во октомври или ноември годинава. Најавува и конкретни чекори за подготовка на специјални закони со кои ќе се забрани градењето во скопските општини Центар и Карпош, но според дел од експертите, не треба да се случи целосен мораториум туку првенствено да се направи ревизија на сите детални урбанистички планови. 

Од Комората на овластени архитекти и инженери на барање на МИА, во освртот на законските измени, оценуваат дека намерата за забрзување на изградба на објекти од образованието, здравството, социјалната заштита и слично финансирани и управувани од државата преку директна изработка на урбанистички проекти е за поздравување, но прескокнувањето на нивоата на урбанистичко планирање треба сериозно да се преиспита, бидејќи со тоа не се унапредуваат постапките за уредувањето на просторот преку неговото целосно согледување, а што е спротивно на духот на Законот.

Од Комората потенцираат дека Законот за урбанистичко планирање, заедно со Законот за градење, се двата основни закони за инженерската професија чиј предлагач е ресорното Министерство за транспорт.

- Комората ја поздравува иницијативата на Владата да се подобри регулативата во оваа област и со големо внимание ги следи измените на Законот за урбанистичко планирање, кои беа усвоени во август 2024 година. Постапувајќи по принципите на транспарентност, инклузивност и професионалност, Комората секогаш го вклучува своето широко членство особено за суштински прашања како ова. Предлог измените како што беа објавени во јавноста и во Собранието на РСМ, беа проследени до професионалните одделенија за да можат членовите да се изјаснат по нив. Комората претходно редовно била консултирана за измените на законска регулатива предложена од Министерството за транспорт, појаснуваат од Комората.

Очекуваат дека оваа пракса ќе продолжи согласно најавениот процес за изготвување на целосно ново законско решение кое ја уредува областа урбанистичко планирање од страна на ресорното Министерство, како и за останатите законски решенија. Имајќи во предвид дека Комората е центар на целокупната стручна јавност во градежништвото, како и секогаш, своите ресурси ги става на располагање и во корист на подобрување на оваа и било која друга законска регулатива.

Како осврт кон измените на Законот за урбанистичко планирање, истакнуваат дека со нив е надмината неусогласеноста меѓу јавен повик и јавна набавка и дека е постигната зголемена конкурентност преку олабавување на критериумите за добивање на Лиценца за урбанизам, но, како што велат, не за сметка на квалитетот.

Укажуваат дека е потребно е да се преиспита и делот од измените што го третираат периодот за (не)одговарање од страна на надлежен орган и постапките што се дозволени.

Според Комората, многу е важно за одреден тип на објекти кои се реализираат и само со урбанистички проект – катни гаражи, да се дополни со одредба која ќе појасни дека се однесува само на објекти кои ќе се запишат во идна целосна сопственост на државата или во сопственост на единиците на локална самоуправа и во чијашто изградба ќе се користат средства од буџетот на државата или од буџетот на единиците на локална самоуправа.

- Позитивно е поедноставувањето на определени процедури за изработка и донесување на урбанистички проекти. Отстранувањето на определени квалитетни одредби заради тоа што Законот за градење не е усогласен со нив (пр.: потврда за урбанистичка усогласеност), исто така треба да се преиспита. Потребно е да се преиспита и одредбата за рокот на завршување на постапки по стар закон. Намерата за враќање на Општите акти е за поздравување, но веднаш треба да се продолжи со изработка на планска документација за сите рурални средини за да се поттикне развојот, притоа поставувајќи го прашањето зошто немало активност на тоа поле досега, велат од Комората за МИА.

Потенцират дека јавноста, а особено стручната јавност, секогаш без исклучок треба да биде консултирана и вклучена во подготовка пред донесување и при спроведување на законска регулатива, затоа што таа како најдобар практичар и познавач на проблематиката, може да даде најголем придонес за нејзино унапредување. 

Од Министерството за транспорт и врски за МИА велат дека од дел од општините доставиле известување дека работат на проекти за јавен интерес како училишта, градинки и катни гаражи.

-Со последните измени во Законот за урбанистичко планирање се олеснува изградбата на градинки, школи, амбуланти, болници, катни гаражи и други објекти од јавен интерес. Општините веќе се во процес на изработка на проекти со цел да се изготват овие објекти кои се во интерес на граѓаните. Се очекува забрзана динамика и силна градежна офанзива во периодот кој следи, изјавија од Министерството за транспорт и врски за МИА. 

Министерството за локална самоуправа, според најавите, набрзо ќе објави јавен повик, на кој општините ќе треба да аплицираат со проектите кои ќе бидат финансирани од Владата која, според најавите, денеска ќе одлучува за користењето на средствата што во износ од шест милјарди денари беа обезбедени со ребаланост. 

- Дел од средствата наменети за проекти на општините во вредност од 250 милиони евра се предвидени во ребалансот и веќе на следната владина седница во вторник очекуваме да почнат полека да се користат за потребите на граѓаните преку општините, соопшти минатата недела премиерот Христијан Мицкоски.

Нови 15 милијарди денари за поддршка на проектите најавува дека ќе бидат предвидени во новиот буџет. 

Власта во Собранието нема две третини за промена на Уставот и нема да има поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, за што најдобар доказ е тоа што прелогот не го става на гласање, објави на

Според Министерството за транспорт, како што ветил министерот Николоски, на почетокот на септември ќе се формира хетерогена работна група со претставници на сите засегнати страни и на релевантни НВО со цел, како што подвлекуваат, да се изработи сеопфатен и квалитетен закон за урбанистичко планирање. - Мислиме дека во текот на октомври или ноември законот треба да е готов, велат од ресорното Министерство.

Веќе се прават координации и  за подготовка на специјален закон со кој би се стопирало градењето во општините Карпош и Центар, којшто го најави министерот Николоски на дебатата во Комисијата за финансирање и буџет за законските измени за урбанистичко планирање. 

-Во координација со активностите на службите во собранието и надлежните служби во министерството во периодот кој следи е предвидено да се разгледа овој закон, да се направи одредена драфт верзија согласно иницијативата на министерот и во една поширока јавна дебата со сите експерти и засегнати страни и да се донесе закон кој ќе биде во интерес на граѓаните, велат од Министерството за транспорт и врски. 

Според Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија во овие две општини не треба да се направи нагло мораториум за градењето, туку итна ревизија на сите почнати детални  урбанистички планови за целосно да се ревидират  маркици со висини и ширини и да се зголемат површини од јавен интерес. 

За некој  ДУП ако е толку критичен, нагласува, може да се стави и еден вид мораториум, но не и на  целата територија. Мора паралелно да се прави прогрес. Мора да се направат измени и дополнување на сите дупови, вели Велковски за МИА.

Оценува дека има потреба  од ревизија во делот на градба  особено во овие две општини и добро е, според него, што е отворено прашањето затоа што таму е набиена градбата и е пополнето секое празно место со објекти, но објекти А1 каде има приземје, два ката и нормални услови за да може луѓето да живеат да паркираат.

-Не знам колку мораториум ќе биде сега реален, но прво и основно под итно треба да се направи ревизија на сите дуп-ови во тие општини.  Под итно да се направат, може не да се стопира као мораториум, но да се забави издавањето за да може да се направи  ревизија при што ќе се ревидира висината, габаритите на објкетите, за да може да се добие простор, превенствено да се зголемат  јавните површини за објекти од јавен интерс - спорт, рекреација, паркирање, паркови и зеленило, нагласува Велковски.

Посочува дека такви објекти има се помалку на штетата на квалитетот на животот, а најважно е, како што вели, да се запрашаме кому му треба толку интензивна градба и толкав  број на станбени единици. - Сега практично направивме на луѓето кои имаат пари повторно да купат станови и  да си ги пласираат парите бидејќи  сега веројатно им е профитабилно да вложуваат во недвижности, а всушност млади брачни парови што имаат потреба да не можат да дојдат до стан со сегашните цени, вели Велковски.  

Министерот Николоски, барајќи поддршка за законските измени на дебатата во Собранието, рече дека во општините Центар и Карпош  се случувал и се случува урбанистички хаос.

- Стојам на располагање да донесеме специјални закони за двете општини  на ист начин како што направивме за градот Охрид, да ставиме јасни критериуми по кои ќе се развиваат и да ставиме  забрана за градење да речеме во следните 20 години. Но, тоа да не биде лабилен мораториум како што направи Општина Центар па имаше мораториум за секаде освен за ул. „Козара“ и за „Дајмонд“. Не гледам дека некој во јавноста реагираше што се кренаа четири кули по 25  ката од страна на Лимак, но се реагира за многу други работи. Со овие специјални закони ќе го ограничиме развојот таму, но не може заради две општини во кои се случувал хаос во изминатиот период да ја  казнуваме цела држава. Остатокот од државата мора да се развива, народот ни се исели и не смееме да продолжиме да функционираме на тој начин, рече Николоски, образложувајќи ги измените на Законот за урбанистичко планирање.

Со  тие законски измени се поништи одредбата која предвидуваше процедурата за донесување на деталните урбанистички планови да трае четири години, што беше и основата забелешка на невладината О2 Иницијатива од каде со други организации од невладиниот сектор бараа повлекување на измените и нивно носење во редовна постапка.  

- Основна и прва забелешка е во однос на 600 ДУП-ови чиј што рок на носење е изминат поради новиот закон во кој што стои член во кој се вели дека ако не се завршени во рок од четири години, мора да продолжи постапката по новиот закон, односно земање на параметрите од новиот закон. Сега ги враќаме во живот, значи ќе одат како што се веќе проектирани по стариот закон, а тука немате реална состојба, попис и многу елементи кои веќе се изменети низ годините а кои мораат да се вклучат во самите урбанистички планови. Вака нема да се вклучат, изјави Татјана Стојановска од О2 Иницијатива.

Според министерот Николоски, пак, рокот од четири години што беше досега, а во кој треба да се завршат сите постапки за донесување на урбанистичките планови, креирал правна несигурност и е причина за 600 заглавени планови.

- Прво, како е определен рокот од четири години, второ, кој вели дека планот мора да се донесе и како трето, во моментов преку 600 планови се заглавени и не се ниту напред ниту назад. Ниту јас како министер можам да ги прифатам, ниту да ги одбијам, ниту Министерството може да даде позитивно и негативно мислење. Свесен сум дека намерата била  добра, но ова мора  го затвориме правно што не значи, ова е мој политички став,  дека тие планови ќе се донесат. Може да се донесат, а може и не, бидејќи има минимум два политички филтра - Министерството што го водам и општините, од кои во најголем дел ВМРО-ДПМНЕ и коалцијата има мнозинство, рече Николоски, образложувајќи го законот.

Граѓанските организации реагираа и дека со тоа што урбанистички проект нема да помине  јавна анкета со која ќе се слушат граѓаните, ниту пак низ општински совет, ќе се овозможи  да се градат катни гаражи без никаква анализа. Николоски, пак, смета дека изградбата на овие објекти ќе биде еден од начините за решавање на сообраќајниот хаос, бидејќи, како што вели, во половина држава тротоарите се окупирани со возила.

Со измените на Законот  се избриша и правилото „молчењето е одобрување“ за урбанистичките планови и според Николоски, се зајакнуваат ингеренциите на Министерството за транспорт, заради „претходно дивеење на одредени општини“.

- Веќе нема да се прават манипулации, да не речам „финти“, да се користи рокот од 20  дена. Досега законот велеше дека во рок од 20 дена доколку Министерството за транспорт не се произнесе во однос на конкретен урбанистички план се смета дека добил позитивно мислење. Тоа веќе нема да се случува, вели Николоски.

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно во истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија,  без амандмани и без дискусија од пратениците.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, наспроти апелите од невладините организации, го потпиша Указот за негово прогласување, објаснувајќи дека министерот за транспорт Александар Николоски и образложил  дека без измените не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти.  Сиљановска Давкова истовремено го повика ресорниот министер веднаш да почне со работа за подготовка на нов закон со учество на невладиниот сектор и опозицијата со цел, како што рече, да се решат проблемите со хаосот во урбанизмот. 

Лидија Велковска 

Фото: МИА архива