• Thursday, 29 August 2024

Признание од Делчевско-каменичка епархија за ученичката Милена Ангелова за освоените медали на Гео-олимпијадата во Пекинг

Признание од Делчевско-каменичка епархија за ученичката Милена Ангелова за освоените медали на Гео-олимпијадата во Пекинг

Делчево, 28 август 2024 (МИА) - По повод празникот „Успение на Пресвета Богородица" признание од свештенството при Делчевско-каменичка епархија, доби Милена Ангелова, ученичка која освои два бронзени медалa на неодамнешната Гео-олимпијада во Пекинг. 

Наградата и ја додели епископот на епархијата г Марко, кој нагласи дека станува збор за особен успех кој треба да биде пример за сите ученици.

-Сакаме на овој ден да и честитаме на нашата сограѓанка и да ја споделиме таа радост и во оваа прилика да и поклониме еден скромен дар. Тоа е само навидум скромен дар, затоа што дарот наш е нашата љубов од срце која ја подаруваме и посакуваме уште многу, многу успеси на нашата млада сограѓанка, истакна епископот г.Марко.

Споделувајќи ги своите импресии за учеството на Олимпијадата, освојувачот на два бронзени медали се заблагодари за црковниот дар, потенцирајќи дека наградата од црквата е голема чест за неа и сите кои придонесоа да го постигне големиот успех.

-Наградата од епархијата и од епископот беше големо задоволство и голема чест што ја добив. На Олимпијадата кое беше прекрасно искуство, учествував поради освоеното прво место на државниот натпревар по Географија. Потоа следуваше селекција на која одбраа четворица од нас кои го претставувавме нашиот тим. Подготовките траеја два месеци во кои се потрудивме што повеќе да научиме за да можеме да се претставиме во најдобро светло. Запознавме голем број студенти со кои разменивме контакти и се уште сме во контакт со нив, истакна Ангелова.

Како освојувачот на два бронзени медали од Делчево, има покана за селекција за Олимпијада по геологија која ќе се одржи наредната година. На младите со слични амбици им посака да веруваат во себез сметајќи дека на тој начин ќе го пронајдат патот до успехот. вс/вг/


Фото: МИА