• Thursday, 26 September 2024

Предадено во употреба повеќенаменското игралиште во Висока Маала во Општина Василево

Предадено во употреба повеќенаменското игралиште во Висока Маала во Општина Василево

Струмица, 26 септември 2024 (МИА) - Предадено е во употреба повеќенаменското игралиште во селото Висока Маала, во Општина Василево, кое е лоцирано веднаш до училиштето на влезот од населеното место и претставува функционална целина каде учениците ќе се образуваат, едуцираат и спортуваат, соопштија од Општината.

Според градоначалмникот Славе Андонов, чија изјава е пренесена на општинската страница, досега селото Висока Маала било населено место без ниту еден спортски објект.

- Многу генерации ученици од Висока Маала ќе имаат спомени од детството и училишните денови на ова игралиште. Висока Маала доби ново квалитетно место за рекреирање, стои во изјавата на Андонов, кој најави завршување на реконструкцијата на повеќенаменските игралишта во селата Радичево и Владевци.

Изградбата на игралиштето опфати асфалтирање на површина од 574 метри квадратни, негово оградување со висока метална ограда, поставување на кошеви и голови, како и клупи за седење, а игралиштето е осветлено со лед рефлектори.

Средствата за овој проект во износ од 3.832.074 денари се обезбедени од општинската каса. рт/мд/

Фото: Општина Василево