• Thursday, 29 August 2024

ПП Левица: Градоначалникот на Ѓорче Петров ќе добие кривична пријава од Левица

ПП Левица: Градоначалникот на Ѓорче Петров ќе добие кривична пријава од Левица

Скопје, 28 август 2024

 

Ја известуваме јавноста дека против градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, поради пречекорување на границите на своите службени овластувања и сериозни сомнежи за криминална и коруптивна бизнис зделка, од страна на Левица ќе биде поднесена кривична пријава.

За жал, зад превезот на најавениот Центар за лица со аутистичен спектар во општина Ѓорче Петров, градоначалникот Стојкоски и ДПМНЕ со намера да ги прикријат игрите за личен профит, грубо и неколкукратно прекршија низа Закони и целосно го прескокнаа Советот на Општина Ѓорче Петров при донесувањето на Одлуки од надлежност на Советот.

Центарот којшто вчера беше најавен пред медиумите, ќе се наоѓа во старата општинска зграда и претставува донација од бугарската амбасада. Како што потенцираа на вчерашната прес-конференција бугарскиот амбасадор, министерот Таравари и градоначалникот Стојкоски, општинската зграда, односно земјиште, е донирано!

Примената и дадената донација, односно располагањето со имотот во општинска сопственост, се противзаконски дејствија бидејќи надлежен орган за донесување вакви одлуки е Советот на Општината. За овој Центар и преземените чекори, Советот и советниците воопшто не беа ниту информирани, односно за преземените дејствија и донесените своеволни одлуки од страна на Градоначалникот се информираа од вчерашната прес-конференција!

Во оваа прилика, потсетуваме дека:

На почеток на мандатот, советниците од Левица поднесоа Иницијатива за отворање на Дневен центар за деца и лица со посебни потреби, но истата беше експресно одбиена од страна на Градоначалникот и ДПМНЕ;

Откако Општината доби ново седиште, советниците од Левица поднесоа Иницијатива за отворање на читална и катче за млади на местото старата општинска зграда, но и оваа Иницијатива беше одбиена;

Имајќи ја предвид долгата листа на чекање за упис во градинките и поволната локација за нова градинка на местото на старата општинска зграда, советниците од Левица поднесоа Иницијатива за пренамена и адаптација на објектот во градинка, а и оваа идеја не наиде на поддршка од ДПМНЕ и Стојкоски.

Конечно денес, на овој начин добивме образложение за одбивањето на Иницијативите на Левица и се утврди дека станува збор за алчност за личен профит.

Со почит, 

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.