• Tuesday, 27 August 2024

На тенискиот турнир во Дебар трета година по ред најдобар Емин Врзиволи

На тенискиот турнир во Дебар трета година по ред најдобар Емин Врзиволи

Дебар, 26 август 2024 (МИА) - Заврши традиционалниот тениски турнир, што е последователна спортска активност во рамки на манифестацијата „Дебарско културно лето 2024“.

Во овој спортски настан, кој се одржа под покровителство на општина Дебар, учествуваа 24 натпреварувачи, што е за двајца повеќе од лани, или 12 повеќе од претходната година.

Во финалето се сретнаа Шабан Троци и Емин Врзиволи, при што подобар беше Врзиволи, познат стоматолог, кому ова му е трета година по ред да биде најуспешен.

Пехарите за освоените прво и второ место им ги врачи Фуат Спахиу, претседател на Советот на општината и познат спортист.

-Честитки за победниците, но и за сите учесници за спортскиот дух и фер натпревари. Благодарност до оние кои беа ангажирани за успешна реализација на оваа спортска активност. Ви посакуваме понатамошни успеси на овој прекрасен спорт, кој внесе поинаква свежина во спортските активности во Дебар, рече Спахиу.

Натпреварите се одржаа на спортскиот полигон во деветолетката „Пенестија", каде претходно се одржа турнирот „Streetbal 2024" на кој најдобра беше екипата „Sortie BB“, како и турнирот во мал фудбал на кој триумфираше екипата на „Делиши компани".вт/бт/

Фото: МИА