• Thursday, 29 August 2024

Муцунски од Загреб: Предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ е камен-темелник на нашата стабилност и напредок

Муцунски од  Загреб: Предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ е камен-темелник на нашата стабилност и напредок

Скопје, 28 август 2024 (МИА) - Предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ не е само процедурална работа - таа е камен-темелник на нашата стабилност и напредок. Како земја која последна успешно го помина патот кон членство во ЕУ, хрватското искуство и застапување во име на Западен Балкан се апсолутно клучни. Успешната хрватска приказна е инспирација за сите нас и потсетување дека со истрајност, единство и стратешка визија, членството во ЕУ сè уште е достапно.

Ова меѓу другото го истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на посебната сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде што се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа - локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ), Муцунски, од вчера, на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, престојува во работна посета на Република Хрватска, во рамки на која оствари одвоена средба со својот домаќин. На средбата со хрватскиот министер за надворешни работи, се посочува, двајцата министри ги поздравија одличните билатерални односи со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заеднички интерес, НАТО-сојузништво и пријателство кое се негува во изминатите 32 години. Притоа, се додава, заеднички констатираа дека претстојното усвојување на Заедничката изјава меѓу премиерите Мицкоски и Пленковиќ е токму во тој правец – да се потврди европската иднина на земјата и заемната волја за натамошно интензивирање на билатералната соработка.

-Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка на Хрватска во процесот на нашето ЕУ-интегрирање, што има значење за развојот на регионот и за стабилноста на Европа. Во оваа насока, министерот Радман ја потврди хрватската позиција за поддршка на ЕУ-проширувањето и реформскиот процес на нашата земја, со цел побрзо интегрирање во Унијата. Муцунски и Радман разменија мислења и ставови околу актуелните регионални и глобални предизвици, со цел поголема координација и засилена соработка на тој план, се наведува во соопштението.

Посебен фокус во разговорите  се посочува, беше ставен на економската соработка, при што беа разгледани можностите за нејзино интензивирање. Муцунски ја искористи оваа прилика да информира за новата надлежност на Министерството кое го предводи, и во таа смисла ja нагласи потреба од зајакнување на економските и надворешно-трговските потенцијали за соработка.

Во рамки на посетата на Загреб, министерот Муцунски се обрати и на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, зборувајќи на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус: Европа - локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“.

Во своето обраќање, Муцунски нагласи дека пријателството меѓу Северна Македонија и Хрватска е одличен пример за тоа што може да се постигне кога народите работат заедно со дух на соработка и меѓусебно почитување.

-Нашата заедничка историја и аспирации поставија цврста основа за партнерство кое не само што им користи на нашите две земји, туку придонесува и за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Нашите билатерални односи се доказ за моќта на дипломатијата, покажувајќи како дијалогот и соработката можат да ги трансформираат предизвиците во можности. Во овие брзо променливи и сè понестабилни времиња, потребни се висока будност, стратешко размислување и проактивен ангажман во партнерство со што е можно повеќе земји-истомисленици. Тие бараат целосно искористување на нашиот надворешно-политички потенцијал, почнувајќи од традиционалната дипломатија до трговијата, хуманитарната помош и инвестициите, истакна Муцунски, наведуваат од МНР.

Зборувајќи пред хрватските дипломати за нашите реформски чекори во процесот на ЕУ-интегрирање, Муцунски, се наведува, потенцира дека предвидливоста во процесот на пристапување во ЕУ не е само процедурална работа - таа е камен-темелник на нашата стабилност и напредок.

-На нашите граѓани им дава надеж и чувство за насока, ги мотивира нашите реформи и ги закотвува нашите аспирации во поширокото европско семејство. Во овие турбулентни времиња, каде што глобалните тензии и регионалните предизвици се постојано присутни, посветеноста на ЕУ за проширување мора да биде неуморна. Не се работи само за исполнување на дадените ветувања; станува збор за препознавање на стратешката важност на интегрирањето на Западен Балкан во обединета, безбедна и просперитетна Европа. Тоа е и стратешка неопходност и историска можност, истакна министерот.

Во контекст на ЕУ-агендата, во завршниот дел од своето обраќање, тој нагласи дека поддршката од Хрватска е непроценлива.

-Како земја која последна успешно го помина патот кон членство во ЕУ, хрватското искуство и застапување во име на Западен Балкан се апсолутно клучни. Успешната хрватска приказна е инспирација за сите нас и потсетување дека со истрајност, единство и стратешка визија, членството во ЕУ сè уште е достапно, додаде Муцунски.

Во рамки на работната посета, министерот Муцунски, утре како член на државната делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе се вклучи во програмата на неговата прва официјална посета на Република Хрватска, која се реализира на покана на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, стои во соопштението од МНРНТ. вг/ев/

Фото: МНРНТ