• Tuesday, 27 August 2024

Министерство за енергетика: Почнува имплементацијата на Патоказот за праведна транзиција

Министерство за енергетика: Почнува имплементацијата на Патоказот за праведна транзиција

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Под претседателство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска одржан е состанок на Советот за праведна транзиција на кој се дадени насоки за идните активности што треба да се спроведат во рамки на Патоказот за праведна транзиција. 

Од Министерството за енергетика информираат дека е ревидирана сегашната структура за водење на овој процес со цел да се воспостави соодветна функционална структура и дека се дефинирани управувачки тела кои веднаш почнуваат со активности за имплементација на праведната транзиција. Со цел забрзување на динамиката на процесот, Советот ќе се состанува еднаш месечно.

- Праведната транзиција подразбира премин кон економија со ниско ниво на емисии на јаглерод, при што ја обезбедува иднината и егзистенцијата на работниците и заедницата. Таа се заснова на социјален дијалог помеѓу работниците, синдикатите, работодавците, Владата и заедниците. Планот за праведна транзиција обезбедува и гарантира подобри и попристојни работни места, социјална заштита, повеќе можности за обука и поголема безбедност на работните места за сите работници погодени од глобалното затоплување и политиките за климатски промени, истакнала Божиновска.

Според Божиновска, иницијатива за праведна транзиција е потребна на сите нивоа.

- И ние како Влада, ќе се заложиме при процесот на праведна транзиција мандаторно да се реализира инклузивен и социјален дијалог. Ќе донесеме мерки за ублажување на негативните ефекти врз работниците и регионите, ќе направиме огромни напори да ги заштитиме ранливите домаќинства од енергетска сиромаштија. Понатаму, низ разни модалитети ќе дадеме поддршка за работниците за нови бизниси и создавање пристојна работа, ја пренесува Министереството за енергетика изјавата на министерката Божиновска.

Оттаму посочуваат дека планот обезбедува пристап до 85 милиони американски долари грантови и концесиски финансиски средства. Вкупните почетни проценки за потребните инвестиции изнесуваат три милијарди евра кои треба да се мобилизираат од приватни инвестиции и средства од развојните банки, дополнети со буџетски средства за да се имплементира овој процес. Се очекува дека две милијарди евра ќе бидат распоредени од приватниот сектор преку олеснување на инвестициските бариери, првенствено во обновливи извори на енергија. бак/аа/

Фото: МИА архива