• Thursday, 29 August 2024

Лукашенко: Не го осудувам апсењето на Дуров, ако е виновен, треба да одговара

Лукашенко: Не го осудувам апсењето на Дуров, ако е виновен, треба да одговара

Минск, 27 август 2024 (МИА) - Коментирајќи го притворањето на основачот на платформата „Телеграм“, Павел Дуров, во Франција, белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека не ги осудува француските власти, бидејќи, според него, ако некој е виновен, тогаш треба и да одговара.

Како што истакна белорускиот лидер, „многумина од оние кои беа лоши ученици во школо, сега почнуваат да ја критикуваат белоруската власт и да тврдат дека некаде на Запад, на пример, во Франција, е подобро отколку дома“. Според него, рускиот претседател Владимир Путин своевремено му раскажал за еден од своите разговори со францускиот претседател Емануел Макрон по изборите во Белорусија во 2020 година, кога францускиот лидер спомнал политички затвореници во Белорусија.

Минатата сабота вечер, француските медиуми јавија дека основачот на „Телеграм“, Павел Дуров, е приведен на аеродромот „Бурже“ по излегувањето од приватен авион кој наводно пристигнал од Азербејџан.

Според француската печат, Дуров, кој има француско државјанство, бил на француска потерница поради вмешаност во прикривање информации за нелегални активности на неговата апликација „Телеграм“, вклучувајќи дистрибуција на детска порнографија и трговија со дрога.

Тој исто така се сомничи за неспремност да соработува со властите. ссм/

фото: архива