• Monday, 26 August 2024

Локализиран пожарот во тетовската млекарница, нема повредени

Локализиран пожарот во тетовската млекарница, нема повредени

Тетово, 25 август 2024 (МИА) - Пожарот во млекарницата Хит 73 во Камењане, Општина Боговиње е локализиран по речиси два часа гаснење на огнот од страна на пожарникарите.

Според информациите од дежурните во Територијалната противпожарна единица во Тетово, пожарот бил пријавен во 18 часот и 20 минути. На гаснење на пожарот заминале целата смена, како и сите пожарникари кои дошле во ноќната смена од 19 часот.

- Во моментов го локализиравме пожарот, отсековме еден дел од фабриката, сега гори долниот дел од фабриката, поголемиот дел е изгаснат. Спасувавме со багери и слична механизација. Дојдоа пожарникари од други градови, помагаа и локални фирми со цистерни и механизација. Мислам дека целосно ќе биде ликвидиран за неколку часа. Не можам да ви кажам од што избувнал. Штетата е голема, фабриката е со полн капацитет. Фала му на Бога што нема жртви или загрозени, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека на помош стигнале и пожарникари од Гостивар, Скопје и Кавадарци.

- БППЗ на Град Скопје со две возила е стигната на пожарот во Тетово, информираше Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Густиот чад од пожарот во млекарницата која се наоѓа на десетина километри од Тетово се забележуваше и во градот, а се чувствува и непријатната миризба. ас/лв/

фото: ЦУК