• Thursday, 29 August 2024

Евалуација на 20 предмети каде има одлука за дисциплинска мерка или разрешување судија или претседател на суд согласно Законот за Судски совет

Евалуација на 20 предмети каде има одлука за дисциплинска мерка или разрешување судија или претседател на суд согласно Законот за Судски совет

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Евалуација на 20 дисциплински постапки, каде е донесена одлука за изрекување дисциплинска мерка или одлука за разрешување судија или претседател на суд согласно Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, донесен во 2019 година ќе биде направена во рамки на проектот „Независност преку отчетност - следење и проверка на судската одговорност во Северна Македонија“,  финансиран од страна на Британската амбасада, а спроведуван од Коалиција на здруженија на граѓани „Сите за правично судење“.

Програмски координатор во Коалицијата „Сите за правично судење“ Ивана Петковска, на промоцијата на проектот, најави дека анализата ќе биде објавена во март 2025 година, посочувајќи дека ќе се следи и процесниот дел, во смисла на тоа, колку е почитувана Европската конвенција за човекови права од аспект на начелото на фер и правично судење.  

Дарко Аврамовски, извршен директор на „Сите за правично судење“, се осврна на тоа од каде добиле инспирација за овој проект, чие времетраење е од јуни 2024 до март 2025 година.

- Проектот дојде како инспирација, првенствено преку нашите секојдневни контакти со судиите, со нивната работа и нивните впечатоци и задоволство од работата на Судскиот совет, меѓутоа и како резултат на истражувањето што беше спроведено од Здружението на судиите и Здружението на јавните обвинители во соработка со Државната комисија за спречување на корупција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, каде мнозинството судии, преку 50 проценти од судиите, истакнаа недоверба и незадоволство во начинот на кој се спроведуваат ваквите дисциплински постапки, рече тој, меѓу другото.

Даниел Филер, заменик - амбасадор во Амбасадата на Обединетото Кралство, изјави дека Велика Британија ќе дава понатамошна поддршка на овој клучен сектор поради неговата важност, поради економската стабилност и безбедност на земјата.

- Владеењето на правото продолжува да биде еден од главните столбови за стабилно општество. Транспарентноста и отчетноста во правосудниот систем се многу важни, нагласи Филер.

Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет, ја поздрави поддршката од Британската амбасада за проектот. 

- Податоците од проектот ќе бидат имплементирани се надевам во некое законско решение, или состојбата ќе биде анализирана во рамките на Судскиот совет. Кажавте дека проблемите во однос на дисциплинската одговорност на судии се привлекува години наназад. Така да, добро е да се детектираат сите слабости и добро е да се размислува во насока на отворање на тие постапки за јавноста, подвлече Дамева.

Таа нагласи дека го поддржуваат овој проект, како и другите што се во насока на подобрување на состојбите во судството и имплементација на препораките и додаде дека финалниот резултат од проектот, многу ќе помогне во насока на тоа како да се поправаат работите. 

Според неа, законската регулатива и не е толку лоша, има пропусти, но, тие ќе се надминуваат преку законски измени, но, оти треба да се смени менталитетот на секој од нас. 

Ѓорѓи Андонов, заменик - претседател на Здружение на судиите на Република Северна Македонија, изрази надеж дека овој проект, „што секако ќе има релевантност и е од големо значење, ќе наиде на слух кај оние кои ги носат одлуките и кои се тие кои вршат измени и предлози на законите“.

- Потребно е и подобрување на капацитетите што ги имаме, бидејќи ние сега зборуваме за подобрување на некои процеси, а на терен и во пракса се сретнуваме со недостаток во број судии, вработени во судовите, капацитетите на судовите, тоа е навистина реален проблем што значително влијае за извршувањето на работните задачи, а на тој начин и во однос на одговорноста што ја носиме ние како судии и како вработени во правосудството, смета Андонов.

Доцентот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Денис Прешова е главниот експерт кој ќе го води истражувањето. Тој рече дека станува збор за еден вид експертска ревизија, ќе се анализира работењето во делот на одговорноста на судиите на Судскиот совет. Но, не само Судскиот совет, туку воопшто целата постапка како се одвива, вклучувајќи го и жалбениот совет при Врховниот суд. бд/аа/

Фото и видео: МИА