• Thursday, 29 August 2024

Гутереш го повика Израел да ги прекине воените операции на Западниот брег

Гутереш го повика Израел да ги прекине воените операции на Западниот брег

Њујорк, 29 август 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш го повика Израел да ги прекине воените операции на Западниот Брег, откако израелските сили соопштија дека вчера почнале голема антитерористичка операција во која загинаа најмалку 11 Палестинците. 

-Генералниот секретар е длабоко загрижен од најновите случувања на Западниот Брег и силно ја осудува загубата на животи, вклучително и на деца, изјави неговиот портпарол Стефан Дижарик. 

Гутереш го повикува Израел да ги исполни релевантните обврски според меѓународното хуманитарно право и да преземе мерки за заштита на цивилите и обезбедување на нивната безбедност, додаде Дижарик. 

-Тој апелира до безбедносните сили да покажат максимална воздржаност и да користат смртоносна сила само кога е строго неопходно за да се заштити животот. Овие опасни настани ја поттикнуваат веќе експлозивната ситуација на окупираниот Западен Брег и дополнително ја поткопуваат палестинската власт, ​​додаде портпаролот на генералниот секретар на ОН. 

„Само прекинот на окупацијата и враќањето кон значаен политички процес кој ќе воспостави решение за две држави ќе донесе крај на насилството“, додаде Дижарик. 

-Обединетите нации ќе продолжат да работат со сите страни за таа цел, да бараат деескалација на сегашната ситуација и да ја промовираат стабилноста во регионот, рече тој. 

Постојаниот претставник на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, истакна дека од 7 октомври Иран активно работи на „криумчарење софистицирани експлозивни направи во Јудеја и Самарија“ (библиското име за Западниот Брег), наменети за употреба во самоубиствени бомбашки напади во срцето на израелските градови. 

-Државата Израел нема да седи со скрстени раце и да чека сцени од експлозии на автобуси и кафулиња во центрите на градовите. Операциите на ИД во Јудеја и Самарија имаат јасна цел: спречување на иранскиот терор преку посредници кои би им наштетиле на израелските цивили, рече Данон.

ИД претходно соопшти дека двајца палестински вооружени напаѓачи биле убиени за време на судирите со граничните полицајци во Џенин, а уште тројца во напад со беспилотно летало во блиското село.сд/

фото:МИА архива