• Wednesday, 28 August 2024

Градоначалникот Колев им порача на младите велешани да не ги уништуваат реконструираните спортски терени и детски игралишта и урбаната опрема

Градоначалникот Колев им порача на младите велешани да не ги уништуваат реконструираните спортски терени и детски игралишта и урбаната опрема

Велес, 27 август 2024 (МИА) - Под слоганот „Немој да уништуваш“ градоначалникот на Општина Велес Марко Колев денеска упати апел до младите   да не ги уништуваат реконструираните спортски терени во градот и детските игралишта и урбаната опрема.

Тој потенцира дека изминатите повеќе од две години Општина Велес интензивно работи на реконструкција на речиси сите спортски терени и детски игралишта во градот.

-За жал, она што разочарува е негрижата на младите генерации кои во вечерните часеви дивеат и уништуваат. Сведоци сме на секојдневно вандалско однесување, возење со велосипеди и мотори по тартан патеките и спортските терени, повеќе лица качени на лулашка за едно лице, скокање и удирање по клупите и останатата урбана опрема, поради што дел од новите игралишта се веќе оштетени, појасни Колев.

Тој ги  охрабри  младите да бидат пример за оние кои се однесуваат погрешно, а возрасните да разговараат со своите деца и да ги советуваат.

- Апелираме за свест и разум да не се уништува она што е направено со народни пари, а секој што ќе примети вакво вандалско однесување да пријави до надлежните институции.Заедно да се грижиме и да се однесуваме одговорно кон околината во која живееме, порачува градоначалникот Колев.

Најави поставување камери на сите спортски терени  во градот, а на две-три спортски терени пред неколку месеци камери  веќе  се поставени.

Воедно загрижувачки е што на некои од  реновираните спортски терени како на пример  во Населбата Тунел во новиот дел на градот  пред месец се поставени и веќе се искршени новопоставените камери за надзоз.ад/са/

Фото: Општина Велес