• Thursday, 29 August 2024

Стартува јавниот повик за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ во Општина Центар

Стартува јавниот повик за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ во Општина Центар

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - Почнува  Јавниот повик за проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ кој опфаќа 90 корисници, жители на Општина Центар. Преку овој проект граѓаните корисници во сопствениот дом бесплатно добиваат помош и поддршка од страна на стручни и обучени лица. Три пати во неделата по два часа ги посетува негувател кој им помага во извршување на основните  домашните задачи и набавка на прехранбени намирници или лекови, два пати во неделата по еден час ги посетува физиотерапевт кој им дава физикална терапија односно масажа и еднаш во месецот ги посетува социјален работник, информираат од Општина Центар.

Од Општината појаснуваат дека право на апликација имаат сите лица над 62 години, кои се корисници на пензија или на социјална помош. Корисниците не треба да има повисоки примања од 35 000 денари месечно и треба да се жители на општината.

-Корисник на ова право може да биде само еден член на семејството освен ако се приложи извештај специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второ лице. Исто така корисник на овој проект не може да биде лице кое користи нега во домашни услови од друг субјект давател на иста услуга како Црвен Крст на Република Северна Македонија или друг субјект, велат од Општина Центар.

Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите да пополнат барање во Архивата на Општина Центар и да аплицираат. Подетални информации и потребни документи заинтересираните може да прочитаат на веб-страницата на Општината.

Градоначалникот на општината Горан Герасомовски истакнува дека овој проект е незаменлив и секогаш ги добива највисоките оценки од највозрасните граѓани.

-Проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ е од непроценливо значење за пензионерите бидејќи преку овој проект им помагаме на нашите повозрасни сограѓани полесно да се справат со секојдневните домашни обврски. Дел од повозрасните граѓани се со нарушено здравје поради што имаат потреба од асистенција, дел од нив и немаат средства да си платат надворешно лице за помош па општината одлично им излегува во пресрет. Со помошта на стручните лица вклучени во овој проект на нашите баби и дедовци им овозможуваме полесна старост и обезбедуваме подобри пензионерски денови, изјавил градоначалникот Герасимовски. 

Од Општина Центар најавуваат дека ќе продолжат да работат на проекти кои се од клучно значење за граѓаните. сст/са/

Фото: Општина Центар