• Saturday, 31 August 2024

Врнежите недоволни за културите, земјоделците да продолжат со грижата за посевите

Врнежите недоволни за културите, земјоделците да продолжат со грижата за посевите

Скопје, 31 август 2024 (МИА) - Краткотрајните врнежи што деновиве зафатија одредени делови од земјава, не беа доволни за земјоделските култури, велат агрометеоролозите и предупредуваат дека површините, посебно со пченка, кои не се под системи за наводнување, може да бидат со многу низок принос.

Според агрометеоролозите, ваквите временски услови се поволни за појава на болести и штетници во лозарството и овоштарството.

-Изминатата недела имавме сончево и топло време, на некои места појава на краткотраен дожд. Сепак, овие врнежи кои паднаа во изминатите денови на некои места, не беа доволни за земјоделските култури. Пролетните и окопните култури имат поголема потреба од вода, посебно пченката, која е типична култура и има долг вегетациски период, создава голема вегетативна маса, од поникнувањето се до млечна зрелост потрошувачката на вода значително расте. Оние површини кои не се под системи за наводнување можат да бидат со многу низок принос, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Тие потсетуваат дека некои видови овошки во овој период од годината, во август, ги формираат цветните папки.

-Доколку немаат доволно количество вода, родот за идната година може да биде со многу неуедначен пораст, плодовите да останат ситни, а може да дојде и до нивно опаѓање. Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви, потенцираат агрометеоролозите. мч/сст/

фото: МИА архива