• Friday, 27 September 2024

Виртуелните миленичиња „Тамагочи“ се враќаат на сцена

Виртуелните миленичиња „Тамагочи“ се враќаат на сцена

Лондон, 24 септември 2024 (МИА) - Виртуелното милениче „Тамагочи“ е играчка во облик на јајце, за којашто сопственикот треба да се грижи како за вистинско милениче. Својот врв на популарноста го имаше во 1990-тите, но сега повторно станува сè попопуларно.

- Сега може да се поврзете со пријателите, да играте интернет-игри и да преземате различни додатоци, а тоа не е така заморно како што можеби било со некои од претходните модели, изјави менаџерката на брендот, Прија Јадеја.

Не е изненадувачки што новите играчки не се исти како оние од пред 30 години... Иако сè уште изгледаат исто - јајцевиден мал уред со екран и копчиња, но со многу повеќе функции. Тоа покажува дека обидите на јапонската компанија „Бандај намко“ да го оживее својот бренд вродиле со плод. Продажбата на оваа играчка на светско ниво е повеќе од двојно зголемена меѓу 2022 и 2023 година, а „Тамагочи“ ја доби својата прва продавница и во Велика Британија. 

- Кога повторно почнавме да го продаваме, мислевме дека „Тамагочи“ ќе биде најпродаваниот меѓу „милениумците“ (луѓе родени во 80-тите и 90-тите). Но, сега децата го запознаваат овој уред, и навистина е возбудливо да се види како тие го прифаќаат тоа, нагласи Јадеја.

За разлика од 90-тите, сега има неколку видови виртуелни миленичиња, коишто сè уште „имаат потреба“ од јадење, пиење, спиење, прошетки и сите други виртуелни потреби.  си/ссм/

фото: Фејсбук