Балканското наследство со нова европска визија – презентирани резултатите од прекуграничниот проект „КУЛТУРНА ОБЛАСТ“ во Крива Паланка
- На денешната конференција за медиумите во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка беа претставени досегашните резултати и реализирани активности во рамки на проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“, што се реализира во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, а во чии рамки се предвидени нови музејски простори, современа опрема и европска визија за балканското културно наследство и туризмот во прекуграничниот регион Бугарија- Северна Македонија.
Крива Паланка, 17 јуни 2026 (МИА) – На денешната конференција за медиумите во Локалната установа Градски музеј, Крива Паланка беа претставени досегашните резултати и реализирани активности во рамки на проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“, што се реализира во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, а во чии рамки се предвидени нови музејски простори, современа опрема и европска визија за балканското културно наследство и туризмот во прекуграничниот регион Бугарија- Северна Македонија.
Денеска беше извршен увид во изградбата на дополнителен музејски простор за културни и образовни активности, како нов образовен модел на отворено со кој се зголемуваат просторните капацитети и ефективноста на Градскиот музеј во Крива Паланка, а на прес-конференцијата беше презентиран напредокот во активностите од проектот.
-Со изградба на амфитеатрална летна сцена за настани и работилници сакаме да го приближиме културно - историското наследство до младата популација. Истовремено, во тек е постапка за набавка на мултифункционално возило за подобрување на организациските, логистички и теренски капацитети на музејот, како и набавка на дополнителна музејска опрема и имплементација на лабораторија со систем за евиденција на посетителите во нашата установа. Во следниот период ќе се продолжи и со изградба на музеј на отворено во Културно- едукативниот центар во селото Градец, истакна Драган Величковски, директор на Градскиот музеј, Крива Паланка.
Вулнет Арифи, раководител на секторот на ЕУ при Министерството за локална самоуправа на Македонија, одговорен за сите ИПА и ИНТЕРРЕГ програми, посочи дека овој проект е одличен пример како прекуграничната соработка може да создава конкретни придобивки за граѓаните, да ја унапредува локалната инфраструктура и да го претвора културното наследство во двигател на локалниот развој.
-Денешниот настан е можност да се увериме дека европските средства се претвораат во реални инвестиции на терен, а тоа не се само градежни зафати, туку се инвестиции во иднината, локалната заедница, во младите генерации, културата и туризмот, како значајни развојни ресурси, рече Арифи.
Особено го истакна успехот на Приоритет 3 - „Интегриран развој на прекуграничниот регион“ од програмата Интеррег ИПА Бугарија-Македонија, кадешто преку таргетираниот повик во овој период се спроведуваат 10 проекти во државата, што, како што нагласи, покажува дека македонските општини, јавни институции и културни установи, како и граѓанските организации имаат капацитет да размислуваат стратешки и да креираат заеднички решенија за заедничките предизвици.
-Тоа е суштината на европската кохезија, да се градат мостови меѓу луѓето, институциите и регионите, нагласи Арифи.
Во рамки на овој проект доосега е спроведено обемно истражување и подготвена е интердисциплинарна дијахрониска студија за европските влијанија во балканските традиции во културното наследство во прекуграничнииот регион Бугарија-Северна Македонија, анализа на туристичкиот потенцијал, а изработени се и каталог и културен календар за обединување на културните настани. Веќе се утврдени и неколку тематски културни маршрути кои ги обединуваат традициите и фестивалските програми на општините од регионот, што ќе им се нудат на туристите.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека инвестициите во културата и културното наследство се подеднакво важни како и инвестициите во комуналната инфраструктура, бидејќи тие го градат идентитетот на заедницата и создаваат нови можности за развој.
-Со уредувањето на дворот на Градскиот музеј и создавањето на музеј на отворено во Градец создаваме нови простори каде што ќе се среќаваат културата, образованието и туризмот. Ова се инвестиции што оставаат трајни вредности и придонесуваат за афирмација на богатото културно наследство на Крива Паланка и регионот, истакна Митовски.
Тој потенцираше дека Општина Крива Паланка останува пример за успешно искористување на европските фондови и меѓународната соработка, потсетувајќи дека општината неодамна беше препознаена и наградена од Делегацијата на Европската Унија, како една од водечките општини во државата во користењето на средства од ИПА програмите.
Проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ во фокус ги има спецификите на локалните балкански традиции, европските влијанија преку различни аспекти на темата „А ла Франка“ во архитектурата, уметничката декорација и вредности, предметите од домаќинството, модата и начинот на живеење. Проектните активности се тематски обединети преку презентирање на културна поврзаност во традицијата и иновациите во секојдневниот живот за време на периодот на преродбата.
Партнери во проектот се Регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил како водечки партнер, Историскиот музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј Крива Паланка и Здружението „Пеонија“ од Кратово, со поддршка од Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и Општина Ќустендил.
Вкупната вредност на проектот изнесува 984.870 евра, а истиот е со времетраење од 24 месеци.
Во наредниот период со проектот ќе се развие дигитална платформа и апликација, ќе се изработи каталог со 3Д модели „Старите куќи на градот раскажуваат приказни“ (Ќустендил - Дупница - Крива Паланка - Кратово) со идеја да се оживее сеќавањето на куќите од 19-ти и почетокот на 20-ти век, кои постепено го губат својот изглед и автентичност. Активностите ќе кулминираат со тридневниот фестивал „Балканско наследство од 19 век“ во Кратово, на кој ќе се демонстрираат традициите, занаетите, храната и начинот на живот од овој значаен историски период.
Проектот претставува пример за успешна прекугранична соработка и нуди модел за трансформирање на културната поврзаност во атрактивна туристичка дестинација преку тематски пристап кој ги обединува науката, културата и дигиталните решенија.
Очекувањата се дека реализираните инвестиции и активности ќе доведат до значително зголемување на посетеноста, поголема видливост на културните локалитети и создавање нови можности за локален економски развој.ид/вј/
Фото: МИА