Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Еколошка едукација на учениците во основно образование во Кочани за правилен третман на опасниот отпад 

Едукативна еколошка кампања за правилна селекција на опасниот отпад денеска реализираа Општина Кочани и Друштвото за управување со отпад „Нула oтпад“ од Скопје во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на планетата Земја.

Кочани, 22 април 2021 (МИА) – Едукативна еколошка кампања за правилна селекција на опасниот отпад денеска реализираа Општина Кочани и Друштвото за управување со отпад „Нула oтпад“ од Скопје во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на планетата Земја.

Со едукацијата беа опфатени учениците од прво до трето одделение во шесте основни училишта и децата од голема група од градинките од општина Кочани.

Преку креативни активности децата учеа за селектирањето и начинот за постапување со опасен отпад, како и за воспоставување систем за управување со отпадни батерии во садови за рециклирање во училиштата, градинките и во сите поважни институции во општината.

Целта на кампањата е најмладите да осознаат дека овој отпад навидум изгледа како нетоксичен, но неговото неселектирање и мешање со комуналниот и друг отпад од домаќинствата, несоодветното третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање тешки метали во воздухот, водата и почвата.

– Краткорочни решенија и резултати нема во ова што ние го работиме. Активностите во училиштата и градинките ги спроведуваме континуирано од самите наши почетоци и така ќе продолжиме. Ефектите ги гледаме веднаш по направените едукации. Децата се наши екоамбасадори кои наученото го пренесуваат дома, на родителите и своето поблиско опкружување, додека вистинските резултати ги очекуваме на долг рок со креирање нови генерации со висока еколошка свест, истакна Билјана Костадиновска од „Нула отпад“.

Со цел да не изостане еколошкото образование во услови на пандемија, кога воспитно образовен систем е дигитализиран, „Нула отпад“ подготви и дигитална онлајн екоедукација за основните училишта и градинки.

Во рамките на одбележувањето на 22 Април – Денот на планетата Земја, во училиштата во Кочани се реализираа повеќе активности за разубавување и озеленување на непосредната околина. та/сст/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close