Дописници МКДОпштински вести

Едукативна работилница за кривопаланечките основци за заштита од злоупотреби на Интернет

Ризиците од злоупотреба на Интернет и безбедноста во онлајн-комуникациите беа тема на едукативната работилница што се одржа денеска во Основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка.

Крива Паланка, 13 февруари 2020 (МИА) Ризиците од злоупотреба на Интернет и безбедноста во онлајн-комуникациите беа тема на едукативната работилница што се одржа денеска во Основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка.

 

На работилницата учествуваа 20 ученици од деветто одделение кои низ практични примери градеа вештини како да ги препознаат и да се заштитат од опасностите на интернет и социјалните мрежи, но и кои се основните правила што треба да се почитуваат во онлајн-комуникациите.

-Работилницата ја водеа Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и социјални мрежи, и Билјана Јаневска-Кордалова, едукатор, кои на креативен начин, со интеракција, им ја доближија на основците информатичката писменост и безбедноста на интернет. Оваа активност е дел од проектот „Медиумско описменување за критичен младиски став“, информираше Жаклина Цветковска од Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка.
Едукативна работилница на истата тема  вчера се одржа и во ООУ„Илинден“ во Крива Паланка,  на која учествуваа 20 ученции од деветто одделение. Работилници за заштита од интернет злоупотреби во наредниот период ќе се одржат и во ООУ„Христијан Тодоровски Карпош“ во Ранковце и ООУ„Кочо Рацин“ во Кратово.
Проектот „Медиумско описменување за критичен младиски став“ го спроведува Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка „КААРТС“ во партнерство со веб-порталот „Аберџија“, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност-КриТинк“, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк-Центар за европски стратегии.

-Целта на проектот е младите да бидат медиумски писмени за да развијат критичен став кон информациите  што допираат до нив, да ги селектираат медиумските пораки и да бидат сигурни и безбедни во онлајн-комуникациите. Истовремено, младите ќе креираат и едукативни содржини за медиумска писменост, со што ќе го поттикнат и младинскиот активизам за потребите на младите во заедницата, додава Цветковска. ид/хс/ 

Back to top button
Close
Close