0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Ќе се изработува проект за поврзување на канализацијата од Виница на пречистителната станица кај Кочани

Општина Виница и комуналното претпријатие „Солидарност“ се договорија заеднички да изготват технички проект за поврзување на канализациската мрежа од градот и од три населени места со пречистителната станица за отпадни води кај кочанското село Мојанци.

Виница, 24 февруари 2019 (МИА) – Општина Виница и комуналното претпријатие „Солидарност“ се договорија заеднички да изготват технички проект за поврзување на канализациската мрежа од градот и од три населени места со пречистителната станица за отпадни води кај кочанското село Мојанци.

Проектот треба да биде оперативна поддршка на веќе потпишаниот договор помеѓу Амбасадата на Швајцарија, Министерството за животна средина, општините Виница и Кочани, како и јавните претпријатија од двете општини, за што е добиен грант од околу 2,4 милиони швајцарски франци со кои треба да се реализира поврзувањето.

– Презедовме обврска во најкраток можен рок да изготвиме инфраструктурен проект со кој ќе може да аплицира преку ИПАРД 3 програмата за добивање дополнителни финансиски средстства за изградба на мрежа од цевководи во Виница и селата Јакимово, Лески и Истибања. Потоа таа мрежа ќе се поврзе на заеднички колектор кон пречистителната станица. Со тоа во иднина ќе се спречи излевањето на фекалните отпадни води во коритото на реката Брегалница и нејзиното деградирање, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

Според Димитров, проектот што ќе се изработува треба да предвиди целосно опфаќање на деталната канализациска мрежа од споменатите населени места, при што истовремено и Општина Кочани ќе треба да подготви проект за селата Оризари и Тркање кои не влегоа во првата фаза на поврзувањето кон пречистителната станица кај Мојанци.

Поврзувањето на канализациската мрежа од Општина Виница кон системот за пречистување на отпадните води кај Кочани беше најавен како приоритетен од страна на Министерството за животна средина. Филтер станицата беше предадена во употреба во јули, минатата година, а чинеше околу 23 милиони швајцарски франци што беа обезбедени како донација од Владата на Швајцарија. та/вг/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close