Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Две интервенции на кочанските пожарникари за гасење запалени објекти

Територијалната противпожарна единица од Кочани вчера попладне имаше две одделни интервенции за гасење пожар на објекти кај кои е причинета поголема материјална штета.

Кочани, 16 април 2021 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Кочани вчера попладне имаше две одделни интервенции за гасење пожар на објекти кај кои е причинета поголема материјална штета.

Првиот пожар бил пријавен околу 15 часот, а од огнот била зафатена штала во селото Теранци, во кој нема повредени лица, но изгореле две грла крупен добиток. Огнот е локализиран за кратко време и спречено е негово проширување на другите помошни објекти.

Втората интервенција била кај запалена семејна куќа на улицата „Д-р Николиќ“, во централното градско подрачје на Кочани.

– Околу 18 часот добивме пријава за пожар на објект за индивидуално домување и веднаш интервениравме со пет возила и 13 пожарникари, а на помош ни дојдоа и колегите од Виница со едно возило. Опасност претставуваше густината на објектите за домување во близина и можноста огнот да се префрли на нив, но успеавме навреме да интервенираме и да спречиме проширување. Освен оштетувањето на кровната конструкција и на дел од внатрешноста на објектот, друга штета првично не е регистрирана. За среќа, нема ниту повредени лица, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Како превентива од евентуaлно повторно разгорување на огнот и кај двата објекти, пожарникарите вршеле контрола на секој час.

Увид на местото на пожарите извршиле екипи од Оддлението за внатрешни работи – Кочани, а дополнително треба да се утврди причината за избувнување на огнот и висината на направената штета. та/цр

Таг
Back to top button
Close
Close