0_Магазин.ПорталСцена

Дваесеттиот фестивал „Егзит“ ќе се одржи од 13 до 16 август

Откако епидемијата заврши во повеќето балкански земји, новите датуми за 20-тата роденденска прослава на „Егзит“ - најголемиот фестивал во нашиот регион и еден од водечките фестивали во светот се одредени - од 13 до 16 август годинава.

Скопје, 29 мај 2020 (МИА) – Откако епидемијата заврши во повеќето балкански земји, новите датуми за 20-тата роденденска прослава на „Егзит“ – најголемиот фестивал во нашиот регион и еден од водечките фестивали во светот се одредени – од 13 до 16 август годинава.

Тимот на „Егзит“ најавува и дека целиот настан ќе се организира во блиска соработка со Националниот кризен штаб на Република Србија, а како една од мерките ќе биде и намалување на капацитетот на фестивалот на половина од вообичаените 55.000 посетители дневно. Исто така, ќе бидат затворени и рововите во кои инаку се сместени околу 40 бини и зони. Сепак, најимпресивните места на Петроварадинска тврдина кои го прават „Егзит“ легендарен, како што се колосалната „Денс арена“, главната бина и култната бина „Ноу слип“, како и уште некои сцени, ќе блескаат и ова лето во полн сјај!

Повторното покренување на продажбата на влезниците започнува на 1 јуни, додека повеќе детали за фестивалот, можноста за рефундација и програмата пристигнуваат во претстојните денови. Фестивалскиот тим потврди дека голем број од изведувачите се исклучително желни да настапат ова лето. Многумина беа во изолација со месеци, одвоени од фановите, па „Егзит“ го гледаат како можност за сите повторно да се обединат.

Од „Егзит“ додаваат дека добиле многу препораки и е-пораки за поддршка од уметници, агенти и други фестивали, кои одржувањето на „Егзит“ го гледаат како шанса за оживување на комплетната светска ивент-индустрија.

– Уште поважно од оживувањето на музичката индустрија е сигналот за надеж и оптимизам кој го испраќаме кон целото општество, а тоа е дека најлошото е зад нас. Помеѓу ширењето паника, што во минатиот период не недостасуваше, и оптимизам, ние секогаш го избираме ова второто, кажа основачот на „Егзит“ Душан Ковачевиќ.

Србија, како и многу европски држави, повторно ќе ги отвори своите граници без никаков лимит или пи-си-ар тестови (PCR). Организаторите напомнуваат дека доколку дојде до нов бран на епидемијата во поединечни држави, посетителите од тие земји ќе мора да поминат на пи-си-ар тест кој ќе биде бесплатен или со симболична цена. Сепак, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека епидемиолозите очекуваат дека ситуацијата во цела Европа до август ќе биде целосно под контрола. вг/сп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close