0_Македонија.ПорталГраѓански секторМакедонија.Слајдер

Два фемициди за две недели-невладините бараат системски одговор на родовото и семејно насилство

Невладините организации денеска реагираат на како што посочуваат двата случаи на фемициди во две недели, што според нив укаќува на тоа дека за многу жени домот е небезбедно место, како и дека постои апсолутна и итна потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици.

Скопје, 12 мај 2020 (МИА) – Невладините организации денеска реагираат на, како што посочуваат двата случаи на фемициди во две недели, што според нив укажува на тоа дека за многу жени домот е небезбедно место, како и дека постои апсолутна и итна потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици.

-Веднаш по донесувањето на првите мерки за заштита од вирусот КОВИД-19, Хелсиншкиот комитет посочи на ризикот од зголемување на семејното насилство во кризните услови со кои се соочуваме. Во неколку наврати Комитетот предупреди дека донесените мерки кои се засноваат на самоизолација, мора да бидат родовосензитивни и да ги имаат предвид сите аспекти на постоечките односи на моќ, за да не доведат до прекршување на правата на жените во нивните домови, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Изминатиов период, велат од комитетот, во медиумите излегоа објави за две убиства на жени од страна на интимен партнер, пред две недели во Арачиново и пред два дена во Скопје и додаваат дека фемицидот, или убиството на жена затоа што е жена, претставува најтешка форма на насилство врз жената, која е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво.

Според истражувањата во нашата земја, наведува Хелсиншки, во повеќе од 80 отсто од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била почната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер.

– Оттука, имајќи предвид дека најчестиот вид фемицид е како последица на семејно насилство, домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемијата. Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Во нашата држава фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се квалификува како потежок облик на убиство, кога е сторено при вршење на семејно насилство. Оттука, останува проблематичен недостатокот на статистички податоци за фемицидите, за што најчест извор на неофицијални статистички податоци се известувањата и податоците на медиумите, велат од Хелсиншкиот комитет.

Вонредната состојба, додаваат, не смее да биде изговор за прекршување на човековите права на жените, а особено правото на живот и правото на живеење без насилство. Спречувањето на фемицидите подразбира преземање на сите неопходни чекори на сите нивоа на општеството. Поради тоа, уште еднаш потенцираме дека од особена важност во овој период е државите да пристапат кон изнаоѓање нови и креативни решенија за поддршка и заштита на жртвите, а со крајна цел спречување на потенцијалните фемициди. Непрепознавањето на насилството врз жените/родово базираното насилство и семејното насилство значително ја намалува довербата во надлежните институции. Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира инситуциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција.

Од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, велат дека фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, и за жал, често застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост.

-По објавувањето на вознемирувачката вест за вчерашното убиство на млада жена во Скопје од страна на својот партнер, за неполни две недели во нашата држава бележиме 2 фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици, велат оттаму.

Ги повикуваат МВР, Основното Јавно Обвинителство и Министерството за труд и социјална политика за итно разрешување на случаите и покренување на соодветни постапки против сторителите.

-Постојано предупредуваме за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза, и повторно апелира за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции. Очекуваме кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската Конвенција, велат од националната мреќа.

Оттаму додават и дека ќе ги следат случаите, постапувањето на институциите и преземените мерки, како и секој случај кој вклучува насилство врз девојки, жени и/или нивните деца.сст/лв/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close