0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderИнтервјуМИА ИстражуваПолитика

Дујовски за МИА: Вонредна состојба првенствено за да му се помогне на здравствениот систем, полициски час не значи превласт на МВР

Сепак, нагласува Дујовски, бидејќи станува збор за особено чувствително ограничување на слободното движење на граѓаните, потребно е малку повеќе да се елаборира полицискиот час, онака како што е воведен во Северна Македонија и причината поради која се воведува. Тој потенцира дека иако се нарекува полициски час, тоа не значи дека МВР и полицијата имаат доминантна улога во државата ниту, пак, дека полициските структури раководат со тековите во општеството.

Скопје, 26 март 2020 (МИА) – Првенствената цел на воведувањето на вонредната состојба е да му се помогне на здравствениот систем, побрзо и на поедноставен начин да се донесуваат одлуките поврзани со заштита на здравјето на граѓаните во услови на пандемија на Ковид-19, а полицискиот час е мерка што во овој кризен период може многу да придонесе да се почитуваат одлуките на Владата за заштита на животот и здравјето на граѓаните.

Ова во интервју за МИА го посочи деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, кој истакна дека веднаш по воведувањето на вонредната состојба, можеше лесно да се увиди дека препораките не се почитуваат, некаде дури и со сериозни прекршувања.

Сепак, нагласува Дујовски, бидејќи станува збор за особено чувствително ограничување на слободното движење на граѓаните, потребно е малку повеќе да се елаборира полицискиот час, онака како што е воведен во Северна Македонија и причината поради која се воведува.

Тој потенцира дека иако се нарекува полициски час, тоа не значи дека МВР и полицијата имаат доминантна улога во државата ниту, пак, дека полициските структури раководат со тековите во општеството. Напротив, со воведувањето на полицискиот час се ставаат во функција капацитетите на повеќе државни органи, а заради заштита на здравјето на граѓаните.

Дујовски во интервјуто за МИА вели дека охрабрува податокот дека барем во првото деноноќие од воведувањето на построгите мерки за малолетниците и за повозрасните лица не се забележани непочитувања од нивна страна, но загрижува податокот дека и по неколку дена голем број граѓани не го почитуваат полицискиот час од 21 до 5.

За вонредната состојба, која првпат се воведува во историјата од осамостојувањето на државата, за зголемената моќ на Владата, евентуалните ограничувања на сферите во кои ќе се носат уредби со законска сила, за ситуацијата во која се најде земјава да прогласи вонредна состојба во моментот кога имаме техничка Влада, но и за позитивните вести од Брисел за почеток на преговорите за членство во Унијата, разговаравме во интервјуто за МИА со декантот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

Триесетдневна вонредна состојба прогласи претседателот Пендаровски со цел поефикасно справување со Ковид-19. Ова е првпат во историјата на самостојна Македонија да се воведе ваква состојба. Вашето мислење што тоа ќе значи за системот на земјата?

Воведувањето вонредна состојба се покажа како неопходна мерка за да можат државните органи да функционираат нормално, колку што тоа би било можно во овие сложени услови. Се наоѓаме во особено чувствителен период во кој Собранието е веќе распуштено и беа распишани предвремени парламентарни избори за 12 април оваа година. Во такви услови, сите институции во државата работат со одредени ограничувања, особено во делот на почитувањето на Законот за спречување на корупцијата, Законот за јавни набавки, вработувањата во јавниот сектор итн. Вонредната состојба како што е дефинирана во Уставот предвидува ограничување на дел од правата, но тоа е сосема соодветно регулирано и познато за повеќето граѓани.

Владата веќе функционира во услови на вонредна состојба. Донесени се повеќе уредби со законска сила, кои имаат за цел да го стабилизираат системот и да помогнат да се нормализира животот на граѓаните до најголема можна мера, но и да се преземат навремени мерки за поуспешно справување со последиците од кризата што неминовно следува.

Сепак, првенствената цел на воведувањето на вонредната состојба е да му се помогне на здравствениот систем, побрзо и на поедноставен начин да се донесуваат одлуките поврзани со заштита на здравјето на граѓаните. Токму затоа, од особена важност е сите граѓани да разберат дека во овој случај станува збор за здравствена криза и пандемија што му се заканува на целиот свет. Политичарите само ги почитуваат барањата и укажувањата на здравствените власти и вонредната состојба е воведена како неопходен чекор во борбата со новиот вирус Ковид-19. Директно поврзано со ова е и воведувањето на полицискиот час, кој го ограничи движењето на граѓаните, за различни категории граѓани во различен период од денот, но на целата територија на државата. Во вонредна состојба, Владата носи брзи и ефикасни одлуки за да дејствува најдобро што може, во нашиот случај во тесна соработка со здравствените работници и членовите на Главниот координативен кризен штаб.

Сепак, животот треба да продолжи колку што е можно понормално, а Владата има обврски да ги регулира сите прашања што имаат значење за општествениот и економскиот развој. Затоа, веќе сме сведоци на уредби што ги регулираат образованието, финансиите, економијата, царините, транспортот итн. Беше донесена и уредба со законска сила за ставање во мирување на сите подготвителни дејства поврзани со организирањето на изборите. Ова овозможи да бидат ослободени повеќе ресурси, да се спроведуваат потребните набавки, а за да се обезбедат потребните ресурси пред сè во сферата на здравството.

Барем засега, а благодарение на системот што добро се организира за одговор на кризата, нема некои поголеми нарушувања на економските текови, граѓаните оправдано може да се чувствуваат сигурно. Ова особено е значајно за перцепицијата на ризикот што е присутна кај граѓаните. Работата на институциите е токму и во таа насока. Да се прави добра и квалитетна анализа на ризикот, но и да се влијае на перцепцијата, која е особено значајна и сега, а ќе биде уште позначајна по завршувањето на здравствената криза и враќањето на нормалната состојба во државата.

Не помалку значајно е и воведувањето полициски час, што исто така се случува првпат на целата територија на државата. Какви се Вашите процени, се почитува ли полицискиот час, ќе влијае ли позитивно на целокупната состојба?

Како реална потреба и пред сè по предлог од надлежните во Министерството за здравство воведен е полициски час, добро забележавте, првпат на целата територија на државата. Полицискиот час е мерка што во овој кризен период може многу да придонесе да се почитуваат одлуките на Владата за заштита на животот и здравјето на граѓаните. Веднаш по воведувањето на вонредната состојба можеше лесно да се увиди дека препораките не се почитуваат, некаде дури и со сериозни прекршувања. Укажувањата граѓаните да останат дома, да не се групираат, да не патуваат надвор од државата, задолжително да се пријавуваат на влез во државата, да се самоизолираат итн. останаа само делумно почитувани.

Сепак, бидејќи станува збор за особено чувствително ограничување на слободното движење на граѓаните, потребно е малку повеќе да го елаборираме полицискиот час, онака како што е воведен во Северна Македонија и причината поради која се воведува. Иако се нарекува полициски час, тоа не значи дека МВР и полицијата имаат доминантна улога во државата ниту, пак, дека полициските структури раководат со тековите во општеството. Напротив, со воведувањето на полицискиот час се ставаат во функција капацитетите на повеќе државни органи, а заради заштита на здравјето на граѓаните. Сериозноста на мерките се огледа во податокот дека се прави сè за да се намали можноста за контакт помеѓу различните ризични категории, особено помеѓу малолетните лица како преносители и лицата постари од 67 години како најризична категорија. Непочитувањето на ограничувањето на движењето значи сериозна одговорност за прекршителите и полицијата засега покажува соодветен одговор. Армијата е вклучена и презема дел од надлежностите на полицијата, особено во обезбедувањето на „зелената линија“ на државната граница и обезбедувањето на објектите од витално значење.

Сепак, првите неколку дена по воведувањето се бележат бројни непочитувања, па дури и ситуации во кои полициските службеници треба да преземаат и други полициски овластувања за да го регулираат почитувањето на забраната за движење. Во комбинација со проверките за почитување на забраната за движење, МВР презема и мерки за контрола на лицата кои потпишале изјава дека ќе бидат во самоизолација за период од најмалку 14 дена. Станува збор за повеќе од 8 400 луѓе од целата држава, а само во првите неколку дена до надлежен јавен обвинител се поднесени повеќе од 80 кривични пријави за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Нема сектор за внатрешни работи во кој не се забележани прекршувања, а во СВР Струмица и СВР Тетово дури се забележани ситуации на пружање отпор кон полициските службеници, што дополнително ја комплицира кривичната одговорност на сторителите.

Охрабрува податокот дека барем во првото деноноќие од воведувањето на построгите мерки за малолетниците и за повозрасните лица не се забележани непочитувања од нивна страна, но загрижува податокот дека и по неколку дена голем број граѓани не го почитуваат полицискиот час од 21 до 5 часот.

Поврзано со ова, треба да се истакне и дека засега добро се регулира движењето на лицата кои имаат професионални и работни обрвски во времето додека трае забраната за движење и не се забележани поголеми проблеми или отстапувања. Дозволите за движење на државните и јавни службеници ги издаваат одговорните власти, а за вработените во реалниот сектор, работодавачот, за што се воспостави постојана комуникација со МВР.

Општ е впечатокот дека оваа мерка наиде на одобрување кај граѓаните, некои дури и бараат заострување на ограничувањето на движење, но да се надеваме дека секојдневно ќе се намалува бројот на прекршители и дека граѓаните доследно ќе ги почитуваат одлуките на Владата, со единствена цел да се заштити здравјето, но и да му се помогне на системот полесно да функционира и да овозможи поквалитетни услуги во овој тежок период.

Премиерот Спасовски рече дека вонредната состојба не значи нарушување на секојдневниот живот и обврски, но на дневно ниво ќе се излегува со мерките што ќе се применуваат. Како тоа би функционирало кај нас во практика?

Да, Владата е должна да ги преземе сите неопходни мерки и активности за да го одржи животот во нормала.

Во зависност од развојот на состојбата со коронавирусот, Владата има право и должност да ги донесе сите акти што ќе овозможат полесен пристап до ресурси и потреби пред сè за здравствениот систем. Но во реалноста сме сведоци дека е потребно донесување и бројни други уредби што ќе го олеснат секојдневието и ќе ја одржат стабилноста на системот. На пример, донесувањето на уредбите со законска сила во делот на образованието им овозможува на учениците и студентите да следат е-настава. Ова е многу важно за да не се изгуби образовната година, а позитивно влијае и на наставниците, кои совладуваат нови начини на учење, што е секојдневие во развиениот свет. Во другите сфери, уредбите се носат за редовното функционирање на министерствата, а право да предлагаат имаат сите министри за својот ресор. Дополнително, се преземаат мерки да се обезбеди правната сигурност на граѓаните, па беа донесени уредби што се однесуваат на стечајот, управните постапки, облигационите односи. Ова овозможи донесување одлуки за запирање на извршните постапки што ги водат извршителите за одреден период, се забрани отворање стечајна постапка за да се заштити капиталот во фирмите, се ограничи стапката на казнената камата итн.

Апел беше упатен од Пендаровски до партиите да ги остават калкулациите настрана, а граѓаните да бидат дисциплинирани, избори нема да има. Владата сега ја посочи како најодоговорна, а таа е техничка. Може мало појаснување што тоа значи за системот?

Да, во наредниот период највисокиот орган со овластувања за носење акти со кои ќе се регулираат работата и функционирањето на државата во услови на вонредна состојба е Владата. Иако е „техничка“ барем засега Владата сосема соодветно функционира и не постојат податоци за различни ставови по однос на најважните прашања од интерес за државата и за заштита на здравјето на граѓаните. Треба да се навикнеме дека Владата во овој состав и со овој капацитет ќе продолжи да функционира до завршувањето на вонредната состојба, откако и ќе продолжат дејствата за подготовка и спроведување на изборите. Многу е значајно тоа што добро функционира секој ресор во Владата и барем така изгледа, надминати се разликите што на почетокот на мандатот го имаа министрите со дополнителните заменик-министри и воопшто во Владата. Претседателот е во право, сега не е време за политикантство, сега е време кога секој граѓанин, независно од позицијата на која се наоѓа, треба да го даде својот максимум во справувањето со болеста, а тоа најдобро ќе се направи ако се почитуваат одлуките и препораките на надлежните.

Дали ќе има некакви ограничувања во однос на сферите во кои можат да се носат уредби со законска сила? Кој сега ќе биде гарантот дека оваа новонастаната ситуација не би се злоупотребила со оглед на тоа што сега има поголема концентрација на моќ во Владата?

Не постојат ограничувања на која област ќе се однесуваат уредбите. Едноставно, уредбите со законска сила се донесуваат по прашања од надлежност на Собранието. Но, евидентно е дека Владата ќе носи уредби најмногу во делот на организација на животот во услови на вонредна состојба, без воопшто да навлегува во регулирање прашања што нема да бидат поврзани со одговор на состојбите со вирусот. Секако дека е потребно да се подготви општеството да ги надмине полесно состојбите што следуваат откако ќе заврши вонредната состојба. Не смееме да останеме неми сведоци на стихијното заминување на болеста, туку треба да ги подготвуваме државните политики во насока на полесно справување со последиците што коронавирусот ќе ги остави врз македонската економија, туризмот, образованието итн.

Сега сме во многу важен период, период во кој довербата кон државните органи не смее да биде доведена во прашање. Секој граѓанин би се чувствувал посигурно доколку верува и ги цени мерките што ги презема неговата влада. Не само премиерот и министрите, туку сите вклучени во реализацијата на активностите за справување со ситуацијата, секогаш треба да бидат свесни за нивната, би рекол „историска“ одговорност, да се грижат за најдобрите практики за ресорот во кој работат, да го чуваат личниот и професионалниот интегритет и да се постават на висина на задачата, за да покажеме дека дури и во вакви тешки услови сме достојна држава членка на НАТО и земја што и официјално доби согласност за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

Токму тоа е и неизбежно прашање, кое се наметнува како позитивна тема деновиве. Северна Македонија ја доби одлуката од Европскиот совет за почеток на преговорите за членство во Унијата. Можеме ли да очекуваме поддршка во ова време кога сите земји членки се соочуваат со големата трагедија, особено Италија и Шпанија?

Еве на крај, да се осврнеме и на позитивните теми, на кои разбирливо за овој период не им се придава особено значење. Некако во сенка на сè што ни се случува остана и големата пријателска порака од Мадрид и е-седницата на шпанскиот Сенат за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, но и депонирањето на Протоколот во Вашингтон во овие сложени услови. Пријателството во Алијансата имавме можност веднаш да го почувствуваме. Ние сме НАТО и тоа е исполнување на тридеценискиот сон на многу генерации војници и старешини во Армијата, но и на сите политичари, професионалци и граѓани кои даваат огромна поддршка за нашето членство во Северноатланската алијанса.

Што се однесува до одлуката на Европскиот совет за отворање на преговорите за членство во ЕУ, иако е многу задоцнета, сепак е добредојдена и ќе нè натера дополнително да го мобилизираме општеството и да го подготвиме за квалитетен процес на преговори според новата методологија. Веројатно тоа е најзначаниот процес за кој државата треба сериозно да се подготви и процес од кој ќе зависи нашата иднина, развојот на нашето општество, добросостојбата на граѓаните, квалитетното образование, економскиот развој итн.

Уште истиот ден со одлуката за отворање на преговорите стигна и веста дека ЕУ обезбедила 66 милиони евра директна поддршка за нашата држава, кои може да се користат за следните активности: 1. 4 милиони евра за итни потреби; 2. 50 милиони евра за социо-економска поддршка; 3. 9 милиони евра поддршка за приватниот сектор и 4. 3 милиони евра директна поддршка за буџетот.

Ова значи дека солидарноста во ЕУ е на високо ниво и во овие кризни времиња, а нашата определба да бидеме дел од единственото европско семејство е најдобрата и долгорочно најправилната одлука на македонските политичари во 21 век.

Ана Цветковска

фото МИА

Back to top button
Close
Close