0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваМИА ИстражуваОпштествоТема

„Дрисла“ со незначителен придонес во загадувањето, тврдат надлежните, за неколку недели јасна слика за финансиското работење

Депонијата „Дрисла“ лоцирана во југоисточниот дел на главниот град на оддалеченост од 14 километри од центарот пред неколку дена премина под капа на Градот Скопје. Доскорешниот директор  Горан Ангелов е разрешен, а на негово место за в.д. директор е поставен Коста Начевски. Надлежните најавија детални проверки на работата на „Дрисла“ во изминативе години кога депонијата беше под концесија, а за која кај голем дел од граѓаните постои загриженост дека токму оваа депонија придонесува за загадувањето на воздухот. 

Скопје, 29 јануари 2020 (МИА) – Депонијата „Дрисла“ лоцирана во југоисточниот дел на главниот град на оддалеченост од 14 километри од центарот пред неколку дена премина под капа на Градот Скопје. Доскорешниот директор  Горан Ангелов е разрешен, а на негово место за в.д. директор е поставен Коста Начевски. Надлежните најавија детални проверки на работата на „Дрисла“ во изминативе години кога депонијата беше под концесија, а за која кај голем дел од граѓаните постои загриженост дека токму оваа депонија придонесува за загадувањето на воздухот.

Што се одлага во „Дрисла“, дали има ефикасна контрола, како работела депонијата изминативе години кога беше под концесија на „ФЦЛ Амбиенте“ се дел од прашањата кои се отворија во јавноста откако сега поранешниот директор Ангелов беше поврзан со истрагата што во Бургас беше покрената за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад, од страна на компанијата „Блацион“ ООД. Тој фигурира во сопственичката структура на „Блацион“, но напомена дека неговиот удел е мал, а за работата во Дрисла кажа дека во ниту еден сегмент не излегла од пропишаните законски рамки.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов неодамна посочи дека според информациите со кои располагаат опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, но додаде дека тоа треба да се провери и ги повика и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

Во „Дрисла“ може да се депонира само неопасен отпад

Министерството за животна средина и просторно планирање формално и нема изададено дозвола за увоз на отпад на Депонијата „Дрисла“. Увоз на отпад во РСМ заради депонирање е забранет согласно Законот за управување со отпадот, а „Дрисла“ е компанија која има дозвола за вршење дејност депонирање на отпад и затоа и не може да се јави како увозник на каков било отпад, ниту опасен, ниту неопасен, појаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

МИА разговараше со раководителката на Секторот за управување со отпад при МЖСПП Ана Мазнева Каранфиловска, која во врска со шпекулациите дека депонијата увезувала отпад истакна дека формално МЖСПП нема издадено дозвола за увоз на отпад на правниот субјект поранешно АД „Дрисла“ сега Јавно претпријатие.

– Тоа значи дека не треба да има таму отстранет отпад кој не припаѓа на категоријата на неопасен отпад. Законот препознава три видови депонии: депонија за опасен, за неопасен и инертен отпад. „Дрисла“ е депонија за неопасен отпад и согласно дозволата на таа депонија може да се депонира само неопасен отпад, но „Дрисла“ не може да се јави како увозник затоа што е инсталација која има дозвола за депонирање на отпад. Нема дозвола за преработка, третман и добивање производи, рече таа.

Раководителката нагласи дека точно е оти во „Дрисла“ се третира отпадот, бидејќи истото е предвидено со Закон.

– Законот предвидува отпадот задолжително да биде третиран пред да биде депониран во смисла да му се намали волуменот, исцедокот што ќе истекува, да се намалат опасни својства… Најмногу се депонира биоразградлив отпад. Треба да биде стабилизиран за исцедокот да оди во пречистителна станица за отпадни води преку цефководен систем. Третман на отпадот тоа подразбира, образложи таа.

Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина за МИА посочи дека „Дрисла“ моментално поседува А-интегрирана еколошка дозвола, за својата работа и се придржува кон условите што се дадени со дозволата.

Градот Скопје овие денови откако ја презеде депонијата, ја следеше состојбата од технички аспект. Финансискиот дел се уште се изготвува и се чека завршната сметка. За тој дел Градот ќе има почиста слика за неколку недели. Овие денови Градот Скопје морал брзо да реагира да овозможи депонијата да работи без потреси, односно од оперативен аспект да не се почувствува никаков застој во Дрисла која е од витално значење за градот. Затоа што депонијата го прима сиот отпад од скопскиот плански регион, вклучувајќи го и Тетово.

Градот денеска на седница ќе го именува новиот управен одбор, а набрзо ќе мора да се направи нова седница каде ќе се усвојат инвестициските програми и планови за работа.

Од Градот апелираат граѓаните да не се грижат, дека е се под контрола и нема да се почувствува никаков потрес околу овој дел на работењето.

„Дрисла“ незначителен загадувач, според надлежните

За тоа колку „Дрисла“ придонесува во загадувањето на воздухот, во каква состојба е инсинераторот (горилникот) каде се гори медицински отпад, за тоа во каква состојба е откако Градот ја презема депонијата во свои раце и кои се идните планови во однос на оваа депонија поразговаравме и со советникот во Градското собрание и претставник на Градот во содружништво на депонијата „Дрисла“ во изминатите две години Драги Давчевски.

Според Давчевски, „Дрисла“ незначително придонесува за загадувањето на амбиенталниот воздух во градот.

-„Дрисла“ е извонредно проектирана, извонредна и е местоположбата, ружата на ветрови е поволна, што значи ветровите дуваат кон Драчево и кон Зелениково. Надморската височина и е идеална, таа се протега на некаде околу 80 хектари, меѓутоа на надморска височина меѓу 350 и 450 метри, најниската точка е 350 највисоката околу 450 метри, појаснува Давчевски за МИА.

„Дрисла“, вели тој, е секако загадувач, но не до таа мера за да може да влијае на Градот Скопје околу амбиенталниот воздух или да ја загадува почвата или водите.

-„Дрисла“ со складирање и депонирање на отпадот, тој отпад се ферментира односно се распаѓа по два основа – едниот е со присуство на кислород, односно површински, тоа се вика „аеробно“ распаѓање, а другиот е „анаеробен“ односно без присуство на кислород, меѓутоа тука се создава и депониски гас кој ние еве веќе сигнализираме дека тој е и опасност во прва мера, но тој може да биде и доста корисен ако се собере, потенцира Давчевски.

Тој нагласи дека имаат ставено мерна станица во „Дрисла“, на 50-60 метри од печката каде се согорува медицинскиот отпад, нагласувајќи дека вредностите што ги покажува станицата во тој дел се далеку пониски од оние во Скопје.

Во моментот кога го разговаравме со него ни покажа дека од 9:30 до 11 часот ПМ честичките се движеле од 70 до 130, а во 14 часот тие беа меѓу 60 и 80.

– Што значи тоа? Кога ќе пројдат камионите да донесат ѓубре се крева одредена прашина, и мерната станица ги фаќа сите тие мерки. Сулфур диоксидот е во моментов околу три што значи во реално време имаме мерење на самата депонија. Ако ги споредиме со вредностите кои се во Скопје, овие се далеку, далеку пониски. Така да „Дрисла“ незначително загадува, повторно рече Давчевски.

Тој потсети дека на инсинераторот, односно, како што тој го нарекува – печка за согорување на опасен медицински отпад, се направил филтер кој ги зафаќа сите издувни гасови и не дозволува да отидат во атмосферата, туку, како што рече тој, со една водена магла преку два система на дизни и преку еден јагленов филтер сите тие честички паѓаат долу и преку водата, односно со одводни канали се собира повторно долу кај „таложникот“. Така да, додаде тој, од тој аспект, делумно, во најголема мерка, издувните гасови од печката се зафаќаат, меѓутоа таа печка не е трајно решение.

Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина за МИА вели дека отпадот што се складира во „Дрисла“, се одлага на соодветен начин.

– Секојдневно по потреба тој се покрива со слој од земја, од еден метар и таму нема никаков вид на загадување. Исцедокот што се исцедува од депонијата пак се враќа со пумпи назад, не се преработува исцедокот, туку се враќа повторно во телото на депонијата, истакна тој.

Раководителката на секторот за управување со отпад при МЖСПП Мазнева Каранфиловска, пак, во однос на тоа дали „Дрисла“ загадува, вели дека со самата локација, надвор од Скопје таа не придонесува многу за квалитетот на амбиенталниот воздух.

Несоодветното депонирање значи ризик за воздухот, а во изминатиот период од увидот во документацијата на Државниот инспекторат за животна средина, вели Мазнева Каранфиловска тврди дека таму отпадот прописно се депонира.

Она што предизвикува загриженост, како што рече таа, е печката за горење на медицинскиот отпад, таа влијае врз квалитетот на воздухот.

По иницијатива на Државниот инспекторат за животна средина, како што соопшти Хусни Тачи од инспекторатот, во 2017-2018 година на „Дрисла“ и била издадена казна во висина од 8.000 евра која била подмирена.

– Потоа, во депонијата беше поставен филтер. Мерењата што се извршени од кога беше поставен филтерот, покажуваат дека нема надминување на параметрите што се мерат. Во меѓувреме, лани, тие поставија и мониторинг станица 24-часовна, со што секој граѓанин има линк каде што може да ги провери емисиите во воздухот во кругот на „Дрисла“, додаде Тачи.

Инсинераторот во „Дрисла“ не е трајно решение, Град Скопје размислува и за стерилизатор

Како што појаснува Давчевски, медицинскиот отпад кој е во количина отприлика околу 1000 тони годишно, се гори во печката за согорување на медицински отпад, кој го нарекуваме инсинератор, но тој, вели, е далеку од инсинератор.

– Правиот инсинератор треба да биде двокоморен каде во едната комора се става отпадот, а во другата состојба се подготвува пламенот, оганот. Тоа е една врста крематориум. Кога ќе постигне температура, во втората комора се отвора преградата, се турка отпадот во комората кај огнот и така се уништува, односно нема никакво влијание човекот за рачно да го внесува во огнот и тогаш имаме тотално уништување на отпадот со многу мала емисија на издувни опасни честички. Тоа е за инсинератор. Нашава печка јас би ја нарекол, исто и таа е двокоморна, меѓутоа таа ја храниме ние со отпадот рачно каде се развива температура меѓу 800 и 1200 степени максимум, тука се гори медицинскиот отпад, дополни Давчевски.

За филтерот што го направиле пред две години, на почетокот на 2018 година, кога добиле налог од МЖСПП дека мораат да ги зафаќаме и филтрираат издувните чадови вели дека во голема мера ја врши работата.

– Имаме многу мала, но сепак имаме мала емисија на издувни гасови кои се штетни. Луѓето кои работат таму се перманентно заштитени со ХТЗ опрема, со маски итн. А, отпадот кој доаѓа и кој се уништува таму од аспект на медицина, тој не се отвора, не смее да се отвори, тој е во специјални пакувања, дали се вреќи или кутии, како што доаѓа, така се става во печката и се уништува. Има моменти каде во тој отпад покрај медицинскиот отпад има и некој друг отпад, како што се плински боци, каде ете персоналот во амбулантите или болниците не внимателно ќе го стави некаде, во тој случај доаѓа до експлозии внатре во самата печка, па доаѓа до затнување на самите дизни, дали воздушни, дали тие што се на плин, вели Давчевски.

Тие, додава тој, ги нарекуваме технички инциденти, но веднаш се реагира и ги елиминираме.

Што се однесува на погонското гориво на самата печка, Давчевски вели дека го претвориле од нафта во гас, односно во плин. Со тој момент, смета тој, го елиминиравме, односно ги намаливме причините печката да биде причинител за некое загадување.

– Таму не се уништува само медицинскиот отпад, таму се уништуваат и акцизни стоки, се уништува и дрога, прекурсори итн. Се уништуваат и документи од амбасадите, тие инсистираат на палење, на горење. Но, сега за сега ја држиме во кондиција печката, но тоа не е трајно решение и мислам дека имаме една можност за брзо да реагираме во таа насока, но сето тоа ќе го направиме во согласност со екипата од градоначалникот, во согласност со управниот и надзорниот одбор на самата депонија на јавното претпријатие, секако со новиот директор кој еве и сега малтене ги фаќа конците на работење на депонијата, додаде Давчевски.

Тој вели дека во наредните брзи планови што треба да се спроведат предвиден е и стерилизатор што смета дека овој момент ќе го тргне како проблем.

Раководителката Мазнева Каранфиловска вели дека она што предизвикува загриженост е печката за горење на медицинскиот отпад која влијае врз квалитетот на воздухот. Печката, како што вели е донација од Велика Британија, донесена од време на бегалската криза и таа била функционална согласно тогашните стандарди и барања за максимално дозволените концентрации, кои смеат да излезат од оџакот. Но, сега условите се сменети и потребни се инвестиции во предтретманот на отпадот за да може печката да ги задоволува стандардите. Со филтерот кој е поставен, додава, емисиите на оџакот сега се добри, но тоа не значи дека не може да се случи некоја хаварија.

Штета е е што кај нас се уште се зборува за депонии, иднината е во фабрики за отпад

Го прашавме Давчевски да ни појасни што значи санитарна депонија по изјавата на градоначалникот на Градот Петре Шилегов за тоа дека прва грижа на Градот ќе биде „Дрисла“ да стане санитарна депонија.

Според Давчевски штета е што се уште се зборува за депонија, односно дека веќе треба да почнеме да зборуваме за фабрики за отпад.

– После седум години, сега требаше да зборуваме за фабрика за отпад. Затоа што за некого што е отпад, за друг е суровина. Градот Скопје треба да го искористи тој отпад како суровина, односно со селектирање на одредени материјали кои можат да придонесат за финансиски бенефит како што е пластиката, металот, текстилот…Сите тие работи треба да се соберат, гасот треба да се собере и многу мал процент на отпад кој ќе остане треба да се депонира на депонија, тој не треба да биде поголем меѓу 25-30 проценти, појасни тој.

Тоа, додава тој, го прави Словенија и таму има нулта отпад. Тоа, како што вели, е и концептот на градоначалникот и скопската депонија, едноставно да придонесе да имаме нулта отпад, односно многу мала количина на депонирање.

– Значи се во функција на подобрување на третирањето на отпадот. Тоа е неговата концепција околу депонијата да биде санитарна. Од сите аспекти да биде заштитена, и воздухот, и водата и почвата, тоа е суштината на нашите идеи, нашите планови, меѓутоа сето тоа ќе зависи од правецот кој ќе го заземе Градот, а тоа ќе се знае многу набрзо како ќе се развива сегашнава депонија да стаса до ниво на фабрика, смета Давчевски.

Тој вели дека ќе направат се оваа депонија да прерасне во фабрика без разлика во кој правец ќе се движи, дали Градот ќе се одлучи сам сето тоа да го финансира, затоа што, како што вели тој, тоа се сериозни средства, дали државата ќе застане да помогне во тој дел или ќе се оди повторно на приватно јавно партнерство.

– Мора сега посмело и брзо да го завршуваме за да можеме, затоа што депонијата веќе ни е спремна за експлоатација на гасот, за извлекување на гасот, затоа што ни влијае и на волуменот. Ако се извлече гасот, депонијата ќе издиши, ќе се намали најмалку за едно 30 проценти волуменот и векот на траење на депонијата ќе се продолжи за децении. Во тој правец мое мислење е дека треба да се движи Градот во однос на депонијата, а за тоа што ќе се направи ќе имаме време малку постудиозно да го оцениме заедно со раководството на Градот за да не ни се повтори оваа лоша приказна како досега, рече Давчевски.

„Дрисла“ во моментов лош пример 

– „Дрисла“ е во моментов еден лош пример како функционира јавно-приватно партнерство. Лош пример кој што е исвиркан, кој е извикан. Пример кој многу влијае по мое мислење на размислувањето и мнението поготово на оние општини кои требаше да бидат домаќини на новите регионални депонии или фабрики. Имаше предвидено во Дебарца една, во Св. Николе една регионална депонија или фабрика, во Ново село кај Струмица, Неготино… И приметувате како луѓето со страв реагираат, односно не сакаат кај нив да се припари со отпад. Без разлика што и сега кај нив има диви депонии на стотици. Меѓутоа, самата помисла дека депонија треба да се прави кај нив, нив им се ежи кожата. Несфаќајќи дека тоа нема да бидат депонии, туку фабрики, смета советникот на Градот Давчевски.

Според него ако приказната на „Дрисла“ се одвивала онака како што било планирано пред 7-8 години тие општини сега ќе се натпреваруваа кој да земе фабриката да биде на негова територија.

– Но, лошиот пи-ар во „Дрисла“ изминатите години и неинвестирањето, односно незаокружувањето на проектот доведува до тоа да и на ниво на држава ние имаме проблеми со тие, еве да ги наречам депонии, односно фабрики за третирање на отпадот. Така да ние мораме, бидејќи „Дрисла“ прва почна на тој план, мораме да го заокружиме тоа за да покажеме пред сите општини во државата дека третирањето на отпадот е примарна работа, но дека може да биде и доста вносна, односно да има бенефит со селекцијата на отпадот, со зафаќањето на природниот гас, со нови вработувања затоа што во тие фабрики најмалку 150 до 200 луѓе треба да работат, можеби и повеќе, така да општините би имале доста поголем бенефит отколку штета, вели Давчевски за МИА.

Марија Спасовска

видео: Андреј Бранковиќ

фото: Дарко Попов, Фросина Насковиќ

 

Back to top button
Close
Close