Дописници МКДКултураОпштински вести

„Драма изгубена во времето“ утревечер премиерно во Куманово

„Драма изгубена во времето“ е новата претстава на Кумановскиот театар која премиерно ќе биде изведена утревечер од 20 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово,

Куманово, 28 јули 2021 (МИА) – „Драма изгубена во времето“ е новата претстава на Кумановскиот театар која премиерно ќе биде изведена утревечер од 20 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово,
„Драма изгубена во времето“ од Сашко Насев, работена по мотиви на „Темносино, речиси црно“ од Танасис Валтинос е во режија на Владлен Александров.
Во претставата играат: Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ и Александра Пешевска – актерка гостинка во видео.
На прес-конференција на Кумановскиот театар денеска беше соопштено дека пиесата го опишува судирот,  љубовта, препреките помеѓу мажот и жената, жената како сопруга, љубовница, актерка, спасител.

 

Режисерот Александров кажа дека ова е претстава за животот, за луѓето во салата и уметниците и актерите.

-Ова е сериозна претстава, за сериозна публика, во несериозно време. За целиот тој апсурден живот што го живееме, не само во последните години, туку апсурдно стана денешното време во кое сме. Ова не е политички спектакл, ова е психолошка претстава и спектакл за нашите мисли, чувства, гледање на светот во кој живееме, рече Александров.

Актерите Илиќ кажаа дека е задоволство да се работи со режисерот и дека е важно што во претставата се важни актерот и актерството.

-Публиката ќе има можност преку пиесата да ја согледа љубовта кон луѓето, животот, кон театарот, сметаат актерите Кети Дончевска Илиќ и Горан Илиќ.

Драматургот Симона Тоскиќ рече дека публиката ќе ужива во преставата во која се содржани  теми кои нè опкружуваат сите нас, сублимирани во драмата, теми за животот и смртта, човекот како единка, уметник и актер во сооднос со љубовта.

Претставата е посветена на лекарите, сестрите, болничарите, медицинскиот и останат персонал кој несебично се вложи во борбата против пандемијата.
Премирата ќе се одржи согласно здравствените протоколи за заштита од  вирусот и во салата на Центарот за култура бидејќи почна реконструкцијата на објектот на Кумановскиот театар. ам/хс/

Back to top button
Close
Close