Дописници МКДОпштински вести

Донирани две смарт клупи во кривопаланечкото основно училиште „Јоаким Крчовски“

Во училишниот двор на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ Крива Паланка, денеска се поставени две смарт клупи, донација од Андријана Николовска, сопруга на вицепремиерот Љупчо Николовски и компанијата „Октагон Прима“.

Крива Паланка, 31 јули 2021 (МИА) – Во училишниот двор на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ Крива Паланка, денеска се поставени две смарт клупи, донација од Андријана Николовска, сопруга на вицепремиерот Љупчо Николовски и компанијата „Октагон Прима“.
Директорот на ООУ „Јоаким Крчовски“, Дане Петровски се заблагодари за донацијата со која, рече, училиштето ќе биде во тек со најновите модерни текови во технологијата.
– Донацијата е иницијатива на почитуваната госпоѓа Николовска, наша кривопаланчанка, која заедно со „Октагон Прима“ овозможи учениците да можат да користат интернет, апликации, полначи, а со тоа и да бидат во тек со дигиталната технологија и со тоа како училиште да бидеме во чекор со модерните трендови, изјави Петровски.
Николовска ја истакна максимата на Нелсон Мандела „образованието е најмоќното оружје кое може да го употребите за да го промените светот“, која е испишана и на една од паметните клупи.
– Чест ми е што денеска имавме можност заедно со иновативната компанија „Октагон Прима“ да донираме и поставиме во училишниот двор на ООУ „Јоаким Крчовски“ Крива Паланка, смарт клупи кои нудат интелигентно решение што го следи технолошкиот развој и потребите на новите генерации. Клупите се опремени со соларни панели за производство на електрична енергија, со вградени USB-портови за полнење батерии на мобилни телефони и безжичен бесплатен интернет. Вградени се сензори кои мерат количина на СО2, влажност на воздухот и температура во градот, истакна Николовска.
Таа рече дека иновативните и модерните технологии се клуч за развој на прогресивно општество и мотивација на младите генерации за изнаоѓање решенија за подобрување на животната средина. ид/нд/

Back to top button
Close
Close