0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderАнализаПолитика

Договорот од Преспа завршена работа, најавите за ревизија политички маркетинг

Преспанскиот договор е веќе завршена работа и неосновани и нереални се најавите за негова ревизија или поништување по предвремените парламентарни избори закажани на 12 април, едногласни се аналитичарите во земјава.

Скопје, 24 јануари 2020 (МИА) – Преспанскиот договор е веќе завршена работа и неосновани и нереални се најавите за негова ревизија или поништување по предвремените парламентарни избори закажани на 12 април, едногласни се аналитичарите во земјава.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ за МИА посочува дека кога коментираме дали е Договорот реалност или предизборен политички маркетинг, треба да земеме предвид кои се импликациите од неговото поништување. Прво, наведува, тоа е сериозно блокирање на европските перспективи на земјата, нарушување на меѓународниот кредибилитет на Македонија, потоа правните консеквенции што би следувале како резултат на неизбежна тужба пред Меѓународниот суд на правдата, надворешнополитичките последици, а од внатрешнополитички аспект, вели, за да биде поништен Договорот, потребно е двотретинско мнозинство во законодавниот дом.

– Внатрешнополитичките можности се дека тој треба да биде поништен со двотретинско мнозинство. Со оглед на изјавите на сите релевантни поголеми политички партии тоа е невозможно да се постигне, бидејќи идните владини коалиции, сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ ги условија со почитување на Преспанскиот договор. Оттука и таа опција целосно е невозможна поради тоа што веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да освои двотретинско мнозинство е непостојна, со оглед на сите овие аргументи. Станува збор повеќе за политички маркетинг, кој има цел мобилизација на поголемо гласачко тело од страна на ВМРО-ДПМНЕ за последните избори, но не и реално постапување во врска со Преспанскиот договор понатаму, наведува Трошановски.

Тој додава дека е нејасна и ревизијата што ја најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што таа значи впрочем, па токму затоа преземање каков било чекор води кон последиците што ги наведува.

– Евентуално беше спомената промена на Уставот за внатрешна употреба, што повторно повлекува двотретинско мнозинство во Парламентот.

Потсетува дека Нова демократија во Грција лани пред изборите имаше силна антипреспанска реторика додека беше во опозиција, за по доаѓањето на власт значително да омекне и уште повеќе официјално од грчката Влада предводена од Нова демократија да биде изјавено дека Договорот не може да се промени, иако наводно е штетен за грчките национални интереси.

– Мислам дека истата траекторија на постапување, однесување би била применлива и во нашиот случај, оценува Трошановски.

Според Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во предизбориево повторно се наметнува темата Преспански договор, како една од оние по која има значителни поделби во општеството. Една од улогите на тоа повторно навраќање на оваа тема кај двете најголеми партии е, вели, да се хомогенизира сопственото членство (со потсетување дека тоа била линијата на поделба… и дека и натаму треба да биде, односно – да се опстои на поддршката на партијата што ја застапува едната или другата позиција – за или против Договорот).

Но во реалноста, нагласува, тоа е повеќе или помалку апсолвирано прашање, не само со неговото потпишување, донесувањето на уставните измени и стапувањето во сила, туку и со резултатите на претседателските избори – кога тоа прашање беше главната разлика меѓу кандидатите Пендаровски и Силјановска, и нема посебна причина сега повторно да се кршат копја околу тоа.

– Исто така, не може да се очекува ни негово поништување ниту, пак, менување, како што најавува ВМРО-ДПМНЕ ако тие ја освојат власта. Тоа им е јасно и ним, па затоа внимателно додаваат „ако добиеме двотретинско и Бадинтерово мнозинство“ – што не може да се случи освен ако СДСМ не ги бојкотира изборите (една партија да има двотретинско мнозинство се случило само еднаш во историјата на независна Македонија – во 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите), а пак за да се има и Бадинтерово мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба на своите листи да има 20-тина кандидати од немнозинските заедници (вклучително Албанци) на добитните позиции… па да видиме дали такви листи ќе поднесат на изборите. Со други зборови, бидејќи овие услови се неостварливи – не држи вода реториката за измена на Преспанскиот договор. Впрочем, доколку навистина беа толку против Договорот, ќе го спречеа донесувањето на уставните измени, како што деновиве спречуваат донесување неколку закони, со поднесување илјадници амандмани, дециден е Кржаловски.

Од друга страна, посочува тој, конечно се гледа и одредено олабавување, ако не и ретерирање од СДСМ, од ревносната употреба на додавката „Северна“ во секоја пригода, и каде што треба и каде што не треба, во многу случаи претерано, често и невкусно, но во секој случај непропорционално на одредбите од самиот договор. Ова, смета Кржаловски, е особено видливо по есенскиот самит на ЕУ и новото недобивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, кога веројатно и најревносните поддржувачи на Преспанскиот договор сфатија дека во преговорите сме дале премногу и прелесно, па сега ни се треска од глава тоа.

– Дополнително, меѓу граѓаните (а особено кај етничките Македонци), Договорот во цел овој период имаше малцинска поддршка (т.е. мнозинството беа против), а во последно време, веројатно и поради исходот од ЕУ-самитот, тој отпор се зголемува. Во таа смисла, и поддржувачите на Договорот, пред сè СДСМ како водечка партија, треба да се замислат и да забават малку со неговото спроведување, во најмала рака во согласност со самиот договор, да не се прават однапред дејства што треба да се спроведат дури со отворањето некои поглавја во преговорите со ЕУ, ако не и со враќање некои чекори што се направија предвремено, оценува Кржаловски.  

Водечките партии од власта и опозицијата на почетокот од неделава веќе си разманија ставови околу Преспанскиот договор, навестувајќи дека тој ќе биде една од темите на следните предвремени парламентарни избори.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, оцени дека укинувањето на Договорот од Преспа со Грција, кое го најави ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде опасно и може да ја врати земјата 25 години назад. Тој не верува, вели, во победата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, уште помалку дека оваа партија ќе освои двотретинско мнозинство за да го ревидира Договорот.

– Дали од ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би нè вратило 25 години наназад и би го вратило ПЈРМ, односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ-перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратегиски партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти, рече Заев.

Додавајќи дека укинувањето на Договорот е опасна работа и оти затоа целата демократска јавност и СДСМ, рече поранешниот премиер, се тука да гарантираат дека тој ќе опстои и ќе донесе иднина за нашата земја.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во повеќе наврати, и за странски и за домашни медиуми најави дека доколку имаат двотретинско мнозинство во Парламентот, ќе го укинат Договорот од Преспа. Тоа неделава го потврди на прес-конференција и Владо Мисајловски, потпретседател на партијата.

– Да, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство и тоа не значи дека Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции. Напротив, Македонија ќе биде горд сојузник на нашите стратегиски партнери, а странски инвестиции ќе има многу повеќе отколку сега, бидејќи странските инвеститори нема да ја заобиколуваат земјава притиснати од рекетот на соработниците на Заев, рече Мисајловски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ опстојуваат на ставот дека овој договор е штетен, и ќе остане штетен бидејќи се навлегува во идентитетот, во сè македонско.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера на средба со техничкиот премиер Оливер Спасовски меѓу другото искажаа силна поддршка за почитувањето на Преспанскиот договор и добрососедските односи, и ги поздрија заложбите и јасните определби за почитување на обврските од договорите со Република Грција и Република Бугарија.

Оценето било дека ова се значајни обврски, сериозно сфатени од Владата, која функционира со полн капацитет, какви што се државните потреби, во овој клучен период кога Република Северна Македонија очекува да стане полноправна членка на НАТО и оствари напредок во евроинтеграциите.

Спасовски, пак, истакна дека врвен приоритет на Владата е и почитувањето на Преспанскиот договор со Република Грција

И претходно и ЕУ и САД во повеќе наварти изразија уверување дека Договорот од Преспа ќе се почитува.

Брисел очекува Скопје и Атина да продолжат да го имплементираат договорот, оценувајќи го како значаен успех и позитивен пример не само за регионот, туку и за ЕУ и пошироко.

Според официјален Вашингтон, Преспанскиот договор отвори ново поглавје во односите меѓу Грција и Северна Македонија, даде можности за подобра економска соработка, го отвори патот на Скопје кон НАТО и ЕУ, има ефект врз целиот регион и како позитивен пример мора да биде награден.

Виолета Геров

 

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close