Дописници МКДОпштински вести

До денеска нема британски сој на КОВИД-19 во Тетовско, 53 медицински лица досега вакцинирани

Ковид-центарот при Тетовската болница нема добиено информации до денеска за постоење на британскиот сој на коронавирусот меѓу заболените во регионот на Тетово, информираат од оваа јавна здравствена установа.

Тетово, 22 февруари 2021 (МИА) – Ковид-центарот при Тетовската болница нема добиено информации до денеска за постоење на британскиот сој на коронавирусот меѓу заболените во регионот на Тетово, информираат од оваа јавна здравствена установа.

Според координаторот во Ковид-центарот, д-р Гзим Нуредини брисеви се пратени во соодветна лабораторија на Македонската академија за науки и уметности (МАНУ).

-За постоење на британски сој немаме се уште таква информација од МАНУ, а имаме пратено брисеви таму и чекаме од нив да не информираат. Во случај да има, ќе не информираат веднаш. Но, сите овие мерки важат за сите видови КОВИД-19. Сега има информации дека тој сој за 10 пати е позаразен и плус и подраматична клиничка слика има, со дијареја повеќе, со гастроинтестинални симптоми. Значи сој со кој треба да сме претпазливи, изјави Нуредини.

Во саботата во Скопје вакцинирани се вработени лекари и медицински сестри од Клиничката болница Тетово кои се најизложени и работат со КОВИД-19 пациенти.

-Имавме етапно вакцинирање за вработени од црвена фаза, кои дејствуваат во т.н. „црвена зона“ директно работа со Ковид-пациенти. Во сабота 53 вработени се вакцинирани во Скопје, има и такви кои не сакале да бидат вакцинирани. Следува вакцинација и на здравствени работници од т.н. портокалова фаза, рече докторот.

Во тетовската болница сега има 14 хоспитализирани пациенти со КОВИД-19. Од нив осум се во потешка здравствена состојба. 

-Голем број од нив се со други болести, со шеќер, хипертензија, белодробни болести, мултидисциплинарниот пристап е неопходен. Амбулантски прегледи имаме околу 35-40 дневно, не е намалена бројка, новозаболени според бројките на Институтот за јавно здравје е околу 10 до 20  дневно. Да не бидат скептици луѓето за вакцинација, да не се плашат и да ја прифатат како начин да се избориме со болеста, изјави докторот.

Монтажната модуларна болница за ковид-пациенти е готова и според докторот остануваат уште некои административни процедури пред да се пушти во употреба. ас/мд/

Back to top button
Close
Close