Политички партии

Димитриеска Кочоска: За четири месеци 200 милиони евра буџетски дефицит

Состојбата во економијата е повеќе од алармантна. Во првите 4 месеци имаме дефицит од цели 200 милиони евра, и во ваква една ситуација се прави ребаланс кој е наменет за предизборна корупција, а не за помош и развој на економијата. И ова доаѓа во ситуација кога на државата и граѓаните не им треба еднократна помош и поткуп, туку на сите нас ни треба стратегија како оддржливо решение со ќе се извлечеме од здравствената и економска криза.

16 мај 2020

Димитриеска Кочоска: 200 милиони евра буџетски дефицит за само четири месеци

Почитувани

Состојбата во економијата е повеќе од алармантна. Во првите 4 месеци имаме дефицит од цели 200 милиони евра, и во ваква една ситуација се прави ребаланс кој е наменет за предизборна корупција, а не за помош и развој на економијата. И ова доаѓа во ситуација кога на државата и граѓаните не им треба еднократна помош и поткуп, туку на сите нас ни треба стратегија како оддржливо решение со ќе се извлечеме од здравствената и економска криза.

Затоа денешниот прес би го поделила на два дела.

Првиот дел се однесува на податоци за извршување на буџетот за месец април, податоци кои може да ги прочитате во ребалансот на буџетот во делот на Остварување на Буџетот за 2020 година. Овие податоци се многу важни бидејќи планирањето на буџетот до крајот на годината се заснова меѓу другото на реализација на буџетот за овие четири месеци.

Во месец април буџетскиот дефицит се зголемил за нови 80 милиони евра. Повторувам 80 милиони евра нов буџетски дефицит.

Во истиот месец имаме пад на вкупните приходи за 20,1% во однос на истиот месец минатата година. Мора да земеме во предвид дека овие приливи во месец април во најголем дел се однесуваат на приходи за месец март, што значи дека ефектот од корона кризата е само половина месец. Ова укажува дека за мај трeба да очекуваме и подлабок пад на вкупните приходи во буџетот.

Од друга страна вкупните расходи во април се зголемени за 1% и тоа во месец во кој немаме никакви мерки за поддршка на бизнисот.

Зошто е намален трансферот до Агенцијата за вработување за 55% во однос на април 2019 година, односно за повеќе од 30% за периодот јануари – април 2020 во однос на истиот период 2019 година.

Социјалната помош е зголемена за само 11%, наспроти зголемување од 29% кое го имаше во првите три месеци од 2020 во однос на 2019 година. Дали на лицата кои примаат социјална помош повеќе им беа потребни средства во првите три месеци од годината или во четвртиот месец.

Јасно е почитувани дека на СДСМ не им е грижа за граѓаните на Република Македонија.

Во месец април 2020 година најмногу ме загрижува ставката – Други трансфери, која изнесува над 7 милијарди денари. Точно во оваа ставка се евидентираат и субвенциите на тутунарите, но да се потсетиме тие беа 1 милијарда и 800 милиони денари од потрошените над 7 милијарди денари. Оваа ставка има раст за 74% во однос на 2019 година, но затоа ставката здравствена заштита каде што најмногу требаше да се потроши во месец април е порасната за скромни 1,3% или само за 568.000 евра на годишна основа.

И така врз основа на овие податоци буџетскиот дефицит за првите четири месеци од годината во кои немаме исплата за никакви економски мерки, изнесува 200 милиони евра или 1,5% од БДП, што е нов креиран долг.

Вториот дел од пресот се однесува на ребалансот на буџетот за 2020 година.

Од податоците презентирани во ребалансот на буџетот може да се види дека за периодот јануари – април имаме остварување на 27,3% од вкупните планирани приходи за 2020 година. Исто така во самиот документ јасно е наведено дека вкупните приходите за овие четири месеци се помали за 4,9% во однос на истиот период лани. Даночните приходи имаат реализација од 25,9% во однос на планот и намалување од 9,2% во однос на минатата година.

Ако земеме предвид дека во првите четири месеци имаме јануари и февруари, месеци во кои немаше криза и половина од март, а приливот на пари во буџетот за април во најголем дел се однесува за пресметки до месец март, тоа значи дека ефектите од кризата врз приходите многу малку се чувствуваат во овој период, а сепак истите се движат надолу.

Оттука се поставува и прашањето од каде е тој оптимизам во планирањето на вкупните приходи? Изборен ребаланс? За оптимизам, по песимизам? А никаде нема реализам?

Имено, со ребалансот на буџетот приходите во 2020 се проектирани на ниво од 196 милијарди денари што е за 11,5% помалку од планот за 2020 година. Напоменувам, дека најоптимистичкото сценарио дадено претходно од ММФ на почетокот на кризата беше намалување од планот на приходите за околу 20%. ММФ во нивните проекции има намалување на вкупните приходи за 14,8% во однос на

иницијалниот план за 2020 година, што е пад на годишна основа за 7,7%, многу повеќе од претпоставениот пад со ребалансот на приходите од 3,5% во однос на 2019 година.

Податоците од погоре јасно укажуваат дека оваа година падот на вкупните приходи ќе биде поголем, особено ако се земе во предвид фактот дека ефектите од април и мај ќе се чувствуваат во мај и јуни, а до крајот на годината ќе живееме со позабавено темпо почитувајќи одредени протоколи кои нема да и дозволат на економијата така брзо да се врати во нормала.

Во ребалансот на буџетот на Централна влада на ставка плати, Владата крати потенцирам само 6,5 милиони евра, од вкупно планиран раст на плати за оваа година од околу 42 милиони евра.

Почитувани граѓани, ова јасно покажува дека во претходниот едногодишен предизборен период имаше масовно вработување во јавниот сектор што повеќе го оптовари буџетот на плати за 2020 година до сега и од сега натаму. Тоа понатаму значи дека во изминатиот период нашите обвинувања упатени кон власта имаа основ.

Во однос на ставката стоки и услуги на централна влада, за мене и понатаму останува неодговорено прашањето каде ќе се потрошат 41 милиони евра повеќе во однос на 2019 година. Само договорните услуги во вкупниот планиран износ учествуваат со над 70%. Расходите пак за патувања во земја и странство се скратени за скромни 17,4%. Падот на оваа ставка во месец април за 33% јасно укажува дека во период на карантин не се троши, од таа причина не знам зошто имаме таква проекција на ставката за стоки и услуги и нема корекција надолу.

Ако ги погледнеме планираните расходи по буџетски корисници и подетално го разгледаме Министерство за здравство ќе видиме дека планираните расходи се зголемени за само 720 милиони денари или нецели 12 милиони евра. Зошто не се планирани 34 милиони евра кои беа толку неопходни, итни за кои се бараа средства од Светската банка. Кога е нешто итно и неопходно за тоа средства мора да има. Истата ситуација ја имаме и во Министерството за труд и социјална политика. Што се случи, средства не се потребни? Ве повикувам да ја погледнете ставката за социјална помош на Централна влада дали има промени помеѓу првичниот планиран буџет и овој ребаланс. Нема!

Почитувани, сите овие податоци јасно укажуваат дека има огромна разлика има помеѓу она што СДСМ го зборува и тоа што СДСМ го прави на дело. Економските податоци кажуваат дека Македонија тоне, трошоците за непродуктивни цели растат, а стопанството крвари.

Ако владата имаше добра намера да ја поттикнува економијата, зошто тоа не го направи преку капитални расходи, за кои пред повеќе од еден месец кажував дека имаме одобрено над 1 милијарда евра. Зошто преку реализација на капиталните проекти не му помогнат на градежништвото и индиректно на тој начин потикнат уште најмалку 30-тина дејности.

Зошто вонредната состојба не ја искористија за да на побрз начин се донесат одлуки поврзани со одредени капитални проекти со цел да се олесни процесот и да се забрза изведбата?

Зошто се носат одлуки за издавање на лиценци за марихуана, а не се работеше на надминување на сите пречки се разбира доколку ги има, за да се заврши автопатот Кичево – Охрид?

Вкупно за 4 месеци има само 12,6% реализација на капитални инвестиции или тоа се само 50 милиони евра.

Напоменувам – за други трансфери за четири месеци имаме околу 300 милиони евра. И ако во нив имаме 50% блок дотации сепак остануваат неверојатни 150 милиони евра потрошени за други трансфери.

Почитувани,

ВМРО ДПМНЕ е различно од СДСМ, и парите на сите треба да се трошат рационално и домаќински. Тие говорат за еднократни мерки, ние зборуваме за стратегија. А повеќе од јасно е дека владата на СДСМ размислува само за избори и повторно го потценува народот мислејќи дека во овие тешки момент со разноразни празни ветувања ќе успее да им ги избрише сите лоши политики кои ги гледаме секој ден.

Гордана Димитриеска Кочоска

Дополнителен заменик министер за финансии

Центар за комуникации ВМРО-ДПМНЕ

___________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close