0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДМИА ИстражуваТема

Детското престапништво предизвик што ќе го надминуваат родителите, професорите, службите во Куманово

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека е намален бројот на кривични дела извршени од малолетници на подрачјето на Куманово минатата година споредено со претходните години. Но, тоа не значи дека не треба превентивно да се работи со тинејџерите, велат членовите на општинскиот совет за превенција од детско престапништво, кој беше формиран неодамна.

Куманово,  15 март 2020 (МИА)Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека е намален бројот на кривични дела извршени од малолетници на подрачјето на Куманово минатата година споредено со претходните години. Но, тоа не значи дека не треба превентивно да се работи со тинејџерите, велат членовите на општинскиот совет за превенција од детско престапништво, кој беше формиран неодамна.
На една од средбите на која присуствуваа родители, претставници на СВР Куманово, судии, социјални работници, адвокати, професори и средношколци беше посочено дека сега многу повеќе е актуелно психичкото насилство што го трпат малолетниците во однос на физичкото. Коментари на социјалните мрежи, исмејување, омаловажување неретко се причина за врсничко насилство врз малолетниците, кое често преминува и во физички пресметки. Неретки се и пресметките поради преземање девојки, нетрпеливост.

 

Општинскиот совет за превенција од детско престапништво почна да функционира во септември минатата година. Членовите направија анонимно истражување кај учениците, кое покажало дека има врсничко насилство и во училиштата, но и надвор по часовите.

– Статички гледано, насилството помеѓу младите е во намалување, но сè уште има инциденти што се случуваат, а не се пријавуваат и можат да доведат до посериозни последици. Ова се гледа од анонимното анкетирање спроведено помеѓу учениците, каде што поголем дел изјавиле дека виделе и учествувале во насилство. Наша задача е да ги охрабриме да пријават, да создадеме услови да растат во здрава и безбедна средина без насилство, без навреди, без говор на омраза, вели Виолета Богдановска, началничка на одделението за превенција од СВР Куманово.

Целта на ова тело е да се креираат услови да се намали детското престапништво и да се вклучат родителите, наставниците, стручните служби. Официјалната статистика покажува намалување, но реално, сведочат присутните на трибината, насилство има. Најчесто помладите, од 14 до 16 години се покритични и често непромислено влегуваат во физички пресметки. Причините не им ги откриваат на возрасните, туку само на нивното одбрано друштво.

На прашање од службите зошто се тепале, најчестиот одговор бил – бев изнервиран и соперникот исто така беше изнервиран и почнавме да се удираме. Обично таквите инциденти завршуваат брзо и не се повторуваат. Но, има и деца што го повторуваат насилството, кажаа родителите и професорите од средните училишта.

Според МВР, лани на подрачјето на СВР Куманово во делот на малолетничката деликвенција биле пријавени вкупно 56 малолетници што сториле 41 кривично дело. Во 2018-та, пак, биле регистрирани 58 малолетници што извршиле 50 дела.

Кривичните дела ги извршувале здружени меѓусебно или во најголем број случаи здружени со полнолетни лица, меѓутоа има регистрирано и случаи кога делата ги извршуваат сами. Најчесто, малолетните лица се јавуваат како извршители на кривичните дела од областа на имотните деликти, информираат од МВР.

Во однос на прекршоците од областа на јавниот ред и мир, регистрирани се 16 малолетници и деца, што е речиси двојно помалку од предминатата година, кога биле евидентирани 30 малолетници и деца.

Во текот на јануари 2020 година пријавени се вкупно три малолетници што сториле три кривични дела. Од областа на јавниот ред и мир во јануари годинава е регистриран еден малолетник сторител на физички напад.

Членката на општинскиот совет за превенција од детско престапништво, судијката Јулијана Гаревска, појаснувајќи ја улогата на општеството за заштита на децата, вели дека имаат посебни правила утврдени со законодавството. Законот за правда на децата, вели судијката Гаревска, е донесен во европски дух и им овозможува на децата да бидат издвоени како посебна категорија, се уредува постапување со деца во ризик, деца сторители на дејства што со закон се предвидени како кривични дела и прекршоци, се определуваат мерки за помош, грижа, заштита и за казнување на децата и помлади полнолетни лица. Во зависност од делото и возраста на детото, појаснува Гаревска, можат да се изречат воспитни мерки, казни и алтернативни мерки.

– Според моето согледување, најзастапени кривични дела на подрачјето на општината се насилствата, тешките кражби, кражбите, а од прекршоците најмногу се од сообраќајот и нарушување на јавниот ред и мир, тоа се тепачки што се случуваат или во училишни дворови, кафе-барови, вели Гаревска.

Таа смета дека треба да им се пружи помош на децата во справувањето со асоцијалното дејствување, преку превенција, рехабилитација, помош.

Во последно време претежно се изрекуваат воспитни мерки. Причините за насилство се нетрпение, незадоволство од односот на родителите, недоволна комуникација со родителите. Еден од начините да се привлече внимание е да се направи нешто со кое ќе се сврти вниманието на родител, во одредени случаи тоа е и насилство.

Даниела Младеновска, социјална работничка од Центарот за социјални работи и членка на советот, вели дека мултисекторската работа е исклучително значајна за превенција од насилство. Според нејзиното лично искуство, 80 проценти од условно наречените „насилници“ претходно и самите биле жртви на насилство.

– Децата кажуваат два – три пати сум бил малтретиран и дома ми велат ти прв не се удирај, но ако некој започне, тогаш врати. Тоа се случува неколку пати и детето го усвојува тој начин и го смета за нормално однесување. Во поново време има здружување од две – три лица, едниот е лидер, другите се помагачи. Обично тие се заплашени од лидерот или да се одбранат, да не бидат жртва, стануваат насилници, раскажува Младеновска.

Сè почнува како игра, од шега станува сериозна последица. Дел од децата даваат отпор, други се поотворени за соработка. Битно е да знаат дека можат да се обратат до службите, родителите, порачаа учесниците на трибината.

Сорабoткaтa на стручните служби е исклучително важна, смета Младеновска, и добро е класните да пријавуваат дали одредени деца почесто отсуствуваат, се повлекуваат.

– Подобро е веднаш да се реагира и на сомневање не мора да се чека, вели Младеновска.

Учениците велат дека им е срам и страв од отфрлање од средината, па затоа и не пријавуваат. Дел од нив на трибината посочија дека сведочеле на насилства помеѓу ученици од повеќе групи, дел сметаат дека професорите не реагирале соодветно и навреме. Посочија и пример дека при тепачки на средношколци, возрасните ги одминувале, вртејќи ја главата. Дете пријавило родител, бидејќи го истепал поради лоши оценки.

Тања Мишевска, родителка на средношколец, вели дека анкетите покажуваат дека при пријавување одредени проблеми тинејџерите најмногу доверба имаат во класните раководители. Родителите и службите треба да бидат сојузници во превентивното дејствување, смета Мишевска, и апелира на квалитетно поминување време со децата, вистински разговор што ќе открие што размислуваат тинејџерите, кои се во чувствителен период од животот.

Професорката Лидија Цветкова од „Наце Буѓони“ веќе 30 години работи како наставничка. Вели дека е многу тешко да се добие одговор зошто настануваат тепачки, кои се корените на тоа. Многу е тешко да се допре до младите, смета таа, особено сега во услови на енормно користење на социјалните мрежи и изместени универзални човекови вредности.

– Голем дел тинејџери не споделуваат сè што се случува на училиште. И сега многу повеќе е потребна врската помеѓу родителот, наставникот и ученикот. Ако проблемот не се реши навреме, тогаш ескалира, вели Цветкова.

Насилството не се случува наеднаш, сметаат надлежните, и затоа е добро да се пријави секое сомнително однесување, нетипично за средношколецот. А тоа можат да го сторат и учениците, нивните класни раководители, професорите, службите и, се разбира, родителите.

Трката за материјално богатство, обезвреднување на духовното, немањето позитивни примери, сето тоа придонесува младите да се свртат кон насилство, сметаат стручните.

Препораките што ќе ги понудат родителите, наставниците, самите средношколци, службата на серијата трибини, работилници во училиштата што ќе се одржуваат во наредниот период ќе бидат доставени до локалниот сектор за образование. Доколку на локално ниво не може да се реши одреден проблем, тогаш препораките ќе ги разгледува Министерството за образование и наука. Телото е дел од државниот совет за превенција од детско престапништво во кој членуваат повеќе министри.

Александра Максимовска

Back to top button
Close
Close