0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталВидео изјаваИнтервјуМИА ИстражуваПолитика

Деркоски за МИА: Граѓаните и сега преку вебот на ДИК можат да проверат дали се во Избирачкиот список

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски во интервју за МИА рече дека иако не се уште распишани, Комисијата се подготвува за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април. Во интервјуто за МИА Дерковски вели дека најавените измени на Изборниот законик кои се уште не се во собраниска процедура треба да бидат што поскоро донесени за да има време да се имплементираат правилно.

Скопје, 21 јануари 2020 (МИА) – Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски во интервју за МИА рече дека иако не се уште распишани, Комисијата се подготвува за предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април. Во интервјуто за МИА Деркоски вели дека најавените измени на Изборниот законик кои се уште не се во собраниска процедура треба да бидат што поскоро донесени за да има време да се имплементираат правилно.

–  Работната група што ја предводи Министерството за правда, веќе подолг период работи на некои измени на Изборниот законик, со цел да се имплементираат одредени забелешки на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, меѓутоа и на некои други забелешки укажани од повеќе фактори коишто учествуваат во изборните процеси. Јас се надевам дека ќе се приближи кон некаков крај и дека навреме ќе имаме завршеток за да може и ние како ДИК да можеме навреме да се припремиме со новите изменети законски норми. Овие работи треба да се прават на време за да има доволно време да се имплементираат правилно, рече Деркоски.

Претседателот на ДИК ги повикува граѓаните да ја искористат можноста и уште денес преку веб-страната на Комисијата да проверат дали се или ги нема во Избирачкиот список и да не го чекаат јавниот увид.

Одговорно тврди, како што вели, дека фантоми во избирачкиот список нема, туку дека во Избирачкиот список има државјани коишто имаат наполнето 18 години и имаат живеалиште во Република Северна Македонија.

– Во државата има издадено нешто над два милиони и 400 илјади државјанства и тој е списокот, значи бројката од милион и 800 и некоја илјада е реална бројка на гласачи во нашиот Избирачки список, вели Деркоски.

За опасноста на изборите да има помала излезност, претседателот на ДИК смета дека граѓаните треба да одат да гласаат и да го искористат своето право, бидејќи само еднаш во 3-4 години можат да го направат тоа.

Господине Деркоски, извесно е дека на 12 април во земјава ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Како течат подготовките за реализирање на изборите?

Формално правно се уште ДИК треба да го почека датумот на распишување на избори и носење на решенија од Собранието, меѓутоа ние со оглед на тоа што јавноста подолго време е запозната дека се спремаат тие предвремени парламентарни избори и со оглед на тоа дека се формираше техничка Влада, која што треба да се грижи исто така за организирање и подготовка на тие предвремени парламентарни избори,  ДИК превзема веќе одредени мерки за подготовка на тие избори. Во таа насока, ние пред некое време објавивме повик за ангажирање на обучувачи во ДИК кои треба во наредниот период да спроведат ангажирана, би рекол, обука на членовите и замениците членови на избирачките одбори, со што многупати сме кажале дека е основна слабост во спроведување на овој процес и од тие причини годинава изменета програма направивме за обука и ангажираме поголем број на обучувачи во помали групи до 30 луѓе коишто ќе треба да се обучуваат во наредниот период за да ги избегнеме основните слабости во процесот.

Иако долго време се најавува се уште не се донесени измени на Изборниот законик. Има верзија која е во собраниска процедура и која е блокирана со илјадници амандмани, а има и друга верзија која деновиве се очекува да биде пуштена во собраниска процедура и за која разговараат работните групи. Колку ова доцнење со носењето на изборното законодавство може да влијае на организацијата на изборите?

Може, и затоа и се предвидени одредени стандарди од страна на ОБСЕ и ОДИХР, како организација која најчесто ги набљудува изборите и изборните активности  во повеќе држави во Европа и во светот. Една година пред да се прават избори не е препорачливо да се  менуваат изборните регулативи во државите, меѓутоа за жал кај нас, во нашата држава, праксата е поинаква. Многу често се менува Изборниот законик. Повеќе од 30 пати само овој Изборен законик е променет од неговото донесување и тоа практично не носи до ситуација кога треба ние ад хок да се припремаме за одредени законски измени и би рекол да импровизараме одредени решенија што не е добро. Јас затоа апелирам во секоја прилика до законодавците да внимаваат кога ги прават тие измени, во кој период и доколку ги прават да ги прават поквалитетно со цел да не создаваат нови проблеми, туку да решаваат одредени недостатоци коишто се виделе во меѓувреме на постоечкиот Изборен законик.  Во секој случај јас мислам дека е крајно време во нашата држава за нов Изборен законик, бидејќи промените коишто многу често се правени во овој Изборен законик доведуваат до тоа во самиот Изборен законик да имате колизија меѓусебна на повеќе норми во самиот законик и тоа претставува проблем во неговата имплементација. Работната група што ја предводи Министерството за правда, веќе подолг период работи на некои измени на Изборниот законик, со цел да се имплементираат одредени забелешки на мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, меѓутоа и на некои други забелешки кои од повеќе фактори коишто учествуваат во изборните процеси. Јас се надевам дека ќе се приближи кон некаков крај и дека навреме ќе имаме завршеток за да може и ние како ДИК да можеме навреме да се припремиме со новите изменети законски норми. Нашите членови коишто учествуваат тука, двајца членови од ДИК се дел од таа работна група, иницираа и она што ние тука го договоривме како можност за евентуална измена во Изборниот законик со цел да си ги подобриме на некој начин условите за работа и спроведување на изборната регулатива ни пренесуваат се што се случува таму. Меѓутоа јас пак ќе кажам, овие работи треба да се прават на време за да има доволно време да се имплементираат правилно.

Каква е состојбата со Избирачкиот список?

Избирачкиот список е тема која што се наметна пред неколку изборни циклуси, во 2014 – 2016 година. На последните избори, претседателските избори беше толку актуелна тема затоа што и не треба да биде актуелна тема. Избирачкиот список е материја која што е постојано менлива, се работи за флуктуација на голем број граѓани на државјани на државата коишто се на Избирачкиот список и постојано менлива е таа категорија. Имаме постојано промени на место на живеење, на живеалиште на граѓани, иселување, миграција, доселување, значи добивање на нови државјанства и таа состојба постојано се следи и се прати. Ние на квартално ниво добиваме податоци од МВР . Тој Избирачки список што го добиваме го преработуваме, го прочистуваме. Сега по распишувањето на изборите веднаш наредниот ден ќе го добиеме последниот Избирачки список, пристапуваме кон негова преработка, потоа следи јавниот увид во Избирачкиот список, меѓутоа не треба граѓаните да го чекаат увидот, и сега можат на веб страната на ДИК да се проверат дали се или не се и до колку има некаков проблем да го решат во нашите подрачни единици, или тука во ДИК или можат да ни пишат слободно на имејл, значи ни е да интервенираме, да ја поправиме таа состојба. Значи се работи и за право, меѓутоа и за обврска на граѓаните да интервенираат во самиот список. Ние ќе интервенираме онаму каде што реално има потреба и каде што побарале граѓаните од нас. Предложивме како една измена од оваа работна група која што претходно ја спомнавме за Изборниот законик, оние граѓани кои што на денот на гласање ќе имаат 18 години, а во меѓувреме немаат лична карта или на оние на кои им истекла личната карта или пасошот, важноста на пасошот, ние да можеме да ги запишеме во Избирачкиот список по службена должност. Се надевам дека ќе помине таа измена и ние да им овозможиме практично побрзо да си ја завршат работата, да интервенираме во списокот се со цел што помала група на граѓани биде оневозможена да гласа или односно што поголем број на граѓани да имаат право на глас. Се надевам дека тоа ќе помине како измена и ќе имаме можност и тука да им помогнеме на нашите граѓани. Одговорно тврдам во Избирачкиот список нема таканаречени фантоми – лица. Во Избирачкиот список има државјани на државата коишто имаат наполнето 18 години и имаат живеалиште во Република Македонија. Други нема затоа што и не може да има. Секој кој што стекнува државјанство веднаш се запишува во Избирачкиот список. Во државата има издадено нешто над 2 милиони и 400 илјади државјанства и тој е списокот, значи бројката од милион и 800 и некоја илјада е реална бројка на гласачи во нашиот Избирачки список.

Што е со дијаспората?

Во моментов, по последното добивање на Избирачкиот список нешто над 90.000 се регистрирани како наши гласачи, државјани кои живеат во дијаспората односно кои легално се пријавиле дека се иселени, меѓутоа знаеме дека таа бројка е неколку пати поголема. Тие повторно ќе имаат можност за гласање и на овие избори, но би ги повикал доколку сакаат да учествуваат во политичкиот живот на државата со свои претставници ќе треба да се пријават да можат да гласаат. Значи ние им овозможуваме, регистрација, пријавување на многу лесен начин на нашата веб страна, по мејл ги доставуваат скенирани документите. Веднаш добиваат решение дека се регистрирани како гласачи, можат да пријават каде во кое наше ДКП ќе гласаат и со тоа практично им олеснуваме многу работи. Е сега треба на денот на изборите да појдат на тоа ДКП и да го остварат своето право на глас. Можноста им е дадена. Се надевам дека ќе ја искористат во поголем број. Јас морам, пак, да напоменам дека има законски лимит дека нема да се организираат избори во дијаспората доколку не се оствари минимално пријавената бројка на гласачи од гласови колку што добил пратеникот со најмал број гласови на минатите избори, а тоа е некаде околу 6.600 – 6.700 гласови. Доколку нема толку пријавени нема да се организираат избори во дијаспората.

Од искуството што го имате, дали и како треба да се организираат изборите во дијаспората?

Сме размислувале повеќе опции, повеќе можности, гледавме како тоа во светот се работи, има повеќе начини. Електронско гласање е најдобрата опција, меѓутоа најтешко остварлива заради заштитата на личните податоци, правото на глас и можноста од хакирање на целиот процес. И тоа сега засега не е опција во нашата држава. Го разгледувавме од повеќе правци тој начин на гласање. Треба да се подигне и нивото на култура и нивото на, како да кажам, менталниот склоп на нашите граѓани за да може да воведеме такви можности. Не сме Естонија едноставно кажано, каде што и домицилните граѓани околу 46-7 проценти гласаат електронски на редовните избори. Меѓутоа ние предложивме една друга опција која што ќе им овозможи на нашите сограѓани од дијаспората поголемо учество а тоа е на денот на изборите да се отворат повеќе гласачки места каде што има концентрација на наши граѓани од дијаспората. Тоа може преку МНР да се отворат, да се закупат канцеларии, а ДИК ќе ги плати тие канцеларии, да се организираат таму изборите каде што реално се концентрирани. Пример сега треба да отвориме канцеларија согласно постоечките законски норми во Мелбурн, а не можеме да отвориме во Сиднеј каде што имаме голема бројка на дијаспора или треба да отвориме во Рим, а да може да гласаат граѓаните од Лавалета од Малта каде што ги има во поголем број. Тие не можат да одат во Рим се разбира, затоа потребно е да им се оствари канцеларија во Лавалета за да си го остварат правото на глас. На тој начин ќе пробаме ние како држава да им овозможиме што поголем број од нив да бидат зафатени е тогаш доколку не си го остваруваат своето право мислам дека треба да размисли државата дали и понатаму да организира избори во дијаспората. Ние прво треба како држава да им помогнеме да го остварат своето право, а после тоа од нив зависи дали ќе го задржат своето право. Ние дадовме предлог на овој начин во работната група да се прошири правото на организирање на избори во дијаспора, се надевам дека ќе биде прифатено. Ако биде прифатено ние ќе го реализираме.

На овој состав на ДИК, кој беше избран како привремен, неколку пати му е продолжуван мандатот а реализираше, освен предвремени парламентарни избори во 2016 година, и референдум за името и претседателски избори, а сега и уште едни предвремени парламентарни избори. Сега мандатот ви е до крајот јули годинава. Како се случи од привремен состав да станете ако може да кажам состав за пример?

Благодарам за комплиментот. Како се случи? Значи се покажа дека не е се во различните организациони форми на ДИК, полупрофесионални, полуполитички, политички, и.т.н туку прашањето е до изборот на луѓето. Значи, морам да ги пофалам колегите кои се во составот на ДИК дека сме сите една компактна целина која што пред се се договори да работи согласно позитивните законски прописи, да ги почитува законите на нашата држава и дека нема да има проблем. И се додека така функционираме јас ве убедувам дека нема да има никаков проблем затоа што политика е политика, ние сите имаме одредена политичка проминиенција, сме биле, ќе бидеме … Но овде е државен орган кој има задача да организира и да спроведе избори и да не се занимава многу со политика. Тоа колегите го сфатија и се надевам дека така ќе издржиме. Краток ни е мандатот, меѓутоа ние тоа не го земаме воопшто во предвид ниту гледаме дали сме времени, привремени, или како се додека сме тука ќе работиме она што ние задачата да ја завршиме. Се надевам дека нема да има проблеми. Морам да истакнам едно последно истражување кое го направија нашите партнери од ИФЕС, кои тука ни се постојано како поддршка, покажа дека после минатите претседателски избори, поддршката на јавноста во овој состав на Комисијата е на едно завидно ниво. Скоро 75 проценти од јавноста позитивно се изјасни за работата и тоа за нас претставува еден предизвик и една обврска да продолжиме во тој правец.

Едно од главните прашања на овие избори ќе биде излезеноста на гласачите. Има општа разочараност на граѓаните во политичките елити. Како граѓаните што помасовно да излезат на овие избори. Политичките партии би требало да влијаат на нив и дали тука може да се вклучи ДИК? 

Така е. Ова е повеќе прашање за политичарите отколку за нас. Ние како ДИК ќе направиме една кампања, малку подолга овој пат за да ги мотивираме граѓаните за да го искористат своето право на глас и да излезат на овие избори, меѓутоа сепак, главната задача за тоа е на политичките партии и опциите кои ќе ги понудат за граѓаните. Се работи за понудата. Граѓаните во изминатите 30 години видоа и слушнаа различни понуди и ветувања, имаат различни разочарувања и.т.н, повеќе или помалку… Тоа е тешка задача за политичарите, овој пат мислам дека ќе биде многу тешка задача да ги убедат граѓаните дека нивната опција е таа што треба да ја одберат. Јас можам само да апелирам до нашите граѓани дека излегувањето и остварувањето на правото на глас на избори е нешто кое што практично ја одредува нивната судбина во понатамошниот тек на настаните односно во наредните години така што би требало сите да излезат и да го остварат своето право на глас бидејќи се работи за избори во кои треба да се одбере една политичка опција која што треба да ја води државата во наредниот период. Само со излегување и гласање можете да го промените нештото инаку со пасивизација на изборите не можете. друго е референдумот каде што таму и законот ви дозволува да се изјасните доколку не излезете. Ако не излезете да гласате значи дека имате опција да го направите тоа, меѓутоа кај изборите исто така ако некои сметаат дека опција е да не се излезе, јас сметам дека правото на глас и остварување на правото на глас е опција која што може да доведе или до задржување на власт или до промена на власта и апелирам да луѓето го остваруваат своето право на глас бидејќи еднаш на три четири години го прават тоа, добро е да го направат тоа.

Дали има нови дописи или барања од членови на техничката Влада, по примерот на министерот Чулев?

Нема. Можеби ќе има не знам во наредниот период. Но и на седницата кажав дека добро е да се консултиураме и ние и тие пред да направт каков било чекор. Можеби нема потреба да се оди на овој пат, можеби да се решат проблемите со разговор. Се надевам дека нема да има многу такви, меѓутоа поинтенизвно би било тоа, доколку би било после распишувањето на изборите затоа што сега е период во којшто не се распишани избори и дека сите активности нивни се практично во рамките на работата на Министерствата кои ги водат, немаат никаква поврзаност би рекол со организација и спроведување на изборите, но како ќе се ближи периодот. Се надевам дека нема да има толку интензивна преписка, истакна Деркоски.

За две недели треба да има референдум во Дојран, а се најавува и за Неготино. Како течат подготовките и што ќе значи успешен референдум?

Во Дојран веќе има одлука донесено. На 2. 2 ќе се одржи референдумот, тоа е прашање од локално значење за јавно-приватно партнерство. Се надевам дека ќе биде успешен. Ние веќе Општинската изборна комисија во Дојран ја активиравме, ги обезбедуваме потребните услови во кои треба да се одржи. Во Неготино се собраа потребните потписи за распишување на референдум. Во тек се координативни состаноци и треба да се донесе одлука таму во локалниот совет за да се спроведе тој референдум. Како што вели законот повеќе од половината од гласачите треба да излезат за да се третираат како успешни. За да се распишат, сега во Неготино на пример се собраа од потребните 3.200 нешто над 3.350 потписи и согласно законот за референдумот и треба да се оди кон распишување на референдум за прашањето кое ќе се постави таму, а тоа е прашањето за најавената депонија. После тоа ДИК го обезбедува Избирачкиот список. Конкретно за Неготино организира со ДИК, ги подготвува избирачките одбори, доколку има некои промени ги завршува тие промени навреме и се печати материјалот кој што треба да биде на денот на референдумот. Нема никакви проблеми сега за сега.

Елизабета Вељановска Најдеска

фото Дарко Попов

видео Аслан Вишко

 

 

Back to top button
Close
Close