Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Депонија Русино: Почетокот на работата на заедничко претпријатие закочено, се чекаат уплатите од три општини

По речиси две години сè уште не профункционира заедничкото јавно претпријатие Русино/Полог кое треба да управува со отпадот во тетовско гостиварскиот регион. Како причина се наведува неизвршениот трансфер на пари од локалните самоуправи Маврово и Ростуше, Брвеница и Врапчиште, останатите шест веќе ги уплатиле парите.

Гостивар, 21 јули 2021 (МИА) – По речиси две години сè уште не профункционира заедничкото јавно претпријатие Русино/Полог кое треба да управува со отпадот во тетовско гостиварскиот регион. Како причина се наведува неизвршениот трансфер на пари од локалните самоуправи Маврово и Ростуше, Брвеница и Врапчиште, останатите шест веќе ги уплатиле парите.

Од центарот за развој на полошкиот плански регион (ЦРППР) напоменуваат дека неисполнетата обврска претставува пречка претпријатието да продолжи со работа според зацртаната програма.

Во врска со последните случувања и активностите со управување на отпад во полошко, од Единицата за менаџирање на проектот информираат за текот на работите во депонијата Русино и ги појаснуваат состојбите.

– Процесот на основање на претпријатието е завршен. Во тек е постапка за наплата на доспеаните обврски на деветте општини од полошкиот регион по основ на иницијалниот влог којшто е предуслов за претпријатието да започне со кадровско екипирање и воспоставување на систем за работа и контрола на депонијата. Тетово, Гостивар, Боговиње, Теарце, Желино и Јегуновце изминатиот месец ги подмирија своите обврски. Додека општините Маврово и Ростуше, Брвеница и Врапчиште сè уште немаат извршено трансфер на средства. Тоа всушност претставува пречка претпријатието да продолжи со работа според зацртаната програма, наведуваат од Единицата за менаџирање на проектот.

Градежните работи за изведба на брзи мерки за санација на депонијата Русино се одвиваат според динамичниот план. Досега се реализирани подготвителните работи, поставена е колска вага за мерење на количината на отпад, а во тек е изградба на насипите и воспоставување на системот за рециркулација на исцедокот. Овие работи се очекува да завршат до крајот на август годинава.

Со заокружувањето на овој процес, наведуваат од полошкиот плански регион, конечно ќе се спречи деградацијата на животната средина која е предизвикана од неконтролираните пожари и излевањето на исцедокот од депонираниот отпад.

Неколку деценициските проблеми со отпадот во Полошко пред две години почна системски да се решава. Со Проект за воспоставување на нов регионален самоодржлив систем за управување со отпад во полошкиот регион, преку грант од Швајцарската Влада беа обезбедени речиси два милиони франци. Решението предвидува формирање на заедничко претпријатие за деветте општини кое ќе управува со сметот. Како заедничка депонија беше избрана Русино, но лани имаше силно противење на еколозите и граѓаните од гостиварско. Работите подоцна продолжија, но ЈП Русино/полог досега не е формално почнато со работа и кадровски не е екипирано. згм/цр

Таг
Back to top button
Close
Close