0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници СветМКДПолитика

Дендиас: ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија и Албанија е стратегиски избор и за Бугарија и Грција

Интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и за Бугарија и за Грција претставува стратегиски избор што води до стабилен Балкан, рече шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата во грчкото МНР со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 27 јули 2020 (МИА) – Интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија и за Бугарија и за Грција претставува стратегиски избор што води до стабилен Балкан, рече шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата во грчкото МНР со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за надворешни работи на Грција и на Бугарија изразија поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, но со почитување на поставените услови.

– И Бугарија и Грција сме фактори на стабилност и коразвој во нашиот регион. Ние сме помагачи на патот на нашите соседи кон Европската Унија, на балканските земји, на Северна Македонија и Албанија, секако, секогаш под услов да се почитуваат поставените услови. Интеграцијата на овие земји во Европската Унија и за Бугарија и за Грција претставува стратегиски избор што води до стабилен Балкан, рече Дендиас.

– Тоа е од огромно значење за сигурноста на двете држави, но заедничка е перцепцијата дека треба строго да ги исполнат реформите и да ги следат принципите на добрососедство, наведе Захариева.

Шефовите на двете дипломатии разговарале и за пандемијата, за последиците и за напорите за враќање во нормала, а Захариева и на средбата со Мицотакис и на средбата со Дендиас го отворила прашањето за отворање втор граничен премин меѓу двете земји, освен Промахонас.

Дендиас рече дека грчкиот премиер ѝ ветил на Захариева дека ќе го разгледа конкретното прашање.

Двајцата министри се осврнаа и на последните активности на Турција, за Света Софија шефицата на бугарската дипломатија рече дека „е споменик од огромно значење и историска симболика“, а Дендиас истакна дека Грција ќе продолжи со активностите за подигање на свеста на светската заедница за конкретното прашање.

Во однос на активностите на Анкара во Медитеранот, Дендиас ги повтори грчките позиции околу прекршувањата од страна на Турција, додаде дека Грција нема да толерира прашања поврзани со нејзините суверени права и оти „само со целосно почитување на меѓународното законодавство и правилата на добрососедство може да се гарантира стабилноста во регионот“, додека, пак, Захариева истакна дека кога постојат спорни прашања, „треба да се решаваат со дијалог, а не со еднострани активности“.

Постапките на Турција, како и пандемијата беа во фокусот и на средбите на министерката за надворешни работи на Бугарија, со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Сакеларопулу истакнала дека очекува „практична демонстрација на солидарност од партнерите во ЕУ и секако од пријателска Бугарија“, а Захариева потенцирала дека Бугарија и Грција се пример за добрососедски и пријателски односи во ЕУ. ср/лв/

Таг
Back to top button
Close
Close