0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Ден пред стартот на кампањата: ОДИХР ја почна Мисијата за проценка на изборите, партиите во полн залет

На еден ден пред официјалниот почеток на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ја започна Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ), додека партиите во согласност со препораките за спречување на ширењето на корона вирусот пред се насочуваат на прес-конференции и онлајн пропаганда.

Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – На еден ден пред официјалниот почеток на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ја започна Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ), додека партиите во согласност со препораките за спречување на ширењето на корона вирусот пред се насочуваат на прес-конференции и онлајн пропаганда.

ОДИХР вчера информира дека започнала со Специјалната мисија за проценка на изборите, како продолжение на мониторинг на изборниот процес што започна со Мисијата за набљудување на изборите (МНИ) што беа предвидени за 12 април, но беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.

Канцеларијата соопшти дека цел на Мисијата ќе биде проценка дали изборите се во согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство, при што нејзините набљудувачи ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите и на кандидатите, активности во кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови, како и квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања.

– Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес и ќе разговара за своите наоди на прес-конференција. Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес, информира ОДИХР.

На првиот ден од Мисијата, нејзина делегација предводена од шефицата Лаима Андрикине имаше средба со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на која беа разгледани сите активности што ќе бидат преземени за да се овозможи фер и демократски процес, како и заштита на сите учесници на изборите, имајќи ги предвид специфичните околности што ги предизвика Ковид-19.

ДИК соопшти дека е отворена за соработка и ги покани претставниците на Мисијата на ОДИХР да учествуваат во сите активности што ќе ги презема Комисијата согласно законите, прописите, протоколите и транспарентноста, со цел да се обезбеди успешен изборен процес.

Мисијата на ОДИХР се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес. Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, ОДИХР најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и на Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи, но ваквата мисија е суспендирана поради корона кризата и ограничувањата на патувањата.

Во пресрет на стартот на кампањата, лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција ги најави насоките на претставување на неговата партија, кои ќе се базираат на достигнувањата на Влада на надворешно-политичко и на внатрешно поле, потенцирајќи дека под нивно водство земјава до 2024 година ќе покаже нови успеси на домашен план, како што тоа го направи во изминатиот период на меѓународен план.

Тој потенцира дека изборот на граѓаните на овие избори е лесен, треба да избираат „помеѓу одговорна партија како СДСМ и неодговорна како ВМРО-ДПМНЕ, која ништо не променила во изминатиот период“.

Заев најави и пријави против ВМРО-ДПМНЕ поради, како што рече, предвремено започнување на предизборната кампања, обвинувајќи ја опозициската партија дека продолжила да се однесува антидржавно и оти делењето партиски пропаганден материјал е кулминација на нивното однесување.

ВМРО-ДПМНЕ од своја страна оцени дека јавноста на овие избори од СДСМ и Зоран Заев „нема да види програма, туку бомби“. – На овие избори битката на Заев ќе биде со страв и со лаги! Извршителите не ги знае, но инспираторите да!, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, обвинувајќи за напади и следење на членови на раководството на партијата и кандидати за пратеници.

Тој, исто така, потенцира дека изборот на граѓаните на овие избори е лесен, треба да избираат „или обнова со ВМРО-ДПМНЕ или криминал со Заев и СДСМ“.

ДУИ, пак, продолжи со пласирање на идејата за „премиер Албанец“, кој според партијата „ќе биде премиер за сите и ќе даде се од себе за подобрување на животот на сите граѓани“ и повика на „обединето гласање“ на припадниците на албанската заедница.

Заев, меѓутоа, вчера уште еднаш ја отфрли ваквата идејата на ДУИ како неприфатлива, порачувајќи и на партијата дека со овој „национал-популистички концепт“, ќе изгуби на изборите и ќе премине во опозиција. Според него, по 17 години власт здраво е и за државата и за самата ДУИ да помине во опозиција, „за да се подобри и реформира“. сп/бак/

Back to top button
Close
Close