БалканБалкан.ПорталДописници СветСвет.Слајдер

Делегацијата на ЕУ со порака за учество на изборите во Србија и за слобода на медиумите

Делегацијата на Европската унија, предводена од Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вклучувајќи го известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик и членот на Европскиот парламент, Тања Фајон, со денешната средба кај претседателот Александар Вучиќ, ја заокружија својата дводневна посета на Белград.

Белград, 7 јануари 2020 (МИА) – Делегацијата на Европската унија, предводена од Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вклучувајќи го известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик и членот на Европскиот парламент, Тања Фајон, со денешната средба кај претседателот Александар Вучиќ, ја заокружија својата дводневна посета на Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, покрај презентација на новата методологија на проширувањето на ЕУ, цел на посетата на делегацијата на ЕУ беа и разговорите со властите, парламентот и опозициските партии во Србија за престојните пролетни избори и бојкотот на поголемиот дел на опозицијата.

На овие средби, Вархеји ги повика сите партии да земат учество на престојните избори, а Фајон и Билчик и со порака дека за тоа се потребни слободни медиуми.

-Ги повикуваме сите политички партии да учествуваат на изборите, да не ги бојкотираат, сметаме дека тоа е неопходно за Србија, за српскиот народ. Од овде ја испраќаме пораката дека демократијата функционира доколку сите учествуваме во неа, изјави Вархеји.

За разлика од него, Тања Фајон и Владимир Билчик со оценка дека предуслов за ова е постоње на слободен јавен простор и слободни јавни медиуми.

-Слобода на медиумите, слобода на медиуми, слобода на медиуми.Ова се чини дека е еден од најзначајните услови за оние кои сè уште се во бојкот. Наша заедничка порака е да сториме сé што е можно за да се врати довербата во институциите, да се врати довербата на граѓаните во целиот процес на предизборната кампања и да се создадат услови не само за фер и демократски избори, туку и услови за плуралистички, слободни и професионални медиуми. Пораката е дека сè уште има простор за подобрување на условите за сите и јас се уште сакам вратата на дијалогот да остане отворена, опозицијата што е во бојкотот да се врати на масата и можеби да излезе на изборите, кажа Фајон.

Па состанокот со делегацијата на ЕУ, преставниците на опозицијата излегоа со став дека не ја менуваат одлуката за бојкот на изборите.

Поранешниот српски премиер и лидер на Нова странка Зоран Живковиќ изјави дека ги разбира препораките и дека мора да се остварат три работи, а тоа се: „слободни медиуми, слободни медиуми и слободни медиуми. Се друго е помалку важно“, кажа тој, а најконцизен беше лидерот на Народната партија и член на Сојузот за Србија,Вук Јеремиќ.

-Ставот на Европската унија, не е некоја новина, а нашиот став беше дека ние многу го цениме сето она што ЕУ моментно го прави во ангажманот со Србија и остатокот од Западен Балкан, но ставот на српската опозиција останува непроменет – на изборите на 26 април не можеме да учествуваме, тоа не беше наш избор, тоа едноставно е наметнато на српската опозиција со начинот на кој власта се однесува, кажа Јеремиќ.

На крајот на посетата, денес на средбата на Бичик и Фајон со претседателот Вучиќ, Билчик порачал дека „после изборите ќе се залага за промени во Србија на полето на владеењето на правото и јакнењето на довербата во институциите“, додека Фајон нагласила дека „вратата за дијалог со цела опозиција мора да остане отворена.“

Вучиќ на средбата оценил дека „власта ги исполнила сите обврски договорени во меѓупартискиот дијалог за подобрување на изборните услови, а намалувањето на изборниот цензус од пет на три проценти ќе даде додатен импулс на плурализмот.“ об/сд/

Back to top button
Close
Close