Дописници МКДОпштински вести

Делчевски планинари и гости од Русија и Британија реализираа 15 километарски марш до Мала Чавка

Група планинари од Делчево, но и гости од Русија и Обединетото Кралство, денеска реализираа планинарска маршрута до врвот Мала Чавка на планината Голак.

Делчево, 15 август 2020 (МИА) – Група планинари од Делчево, но и гости од Русија и Обединетото Кралство, денеска реализираа планинарска маршрута до врвот Мала Чавка на планината Голак.

Учесници на планинарскиот марш беа и Русинката Екатерина Ефименко и Британецот Бред Мекалистер кои изразија задоволство од убавата природа и поминатото време со екипата од Делчево.

– Јас сум овде на гостги во Делчево. Решив да учествувам на маршот до Голак. Имате прекрасна природа, чист воздух, така што многу убаво се чувствувам со оваа група планинари, рече Ефименко.

– И јас планинарам со планинарската група од Делчево, кое е одлично место за сите кои сакаат да избегаат од големите европски градови, да ги прочистат дробовите со чист воздух со една убава прошетка која ја реализиравме за половина ден до врвот на планината, истакна Мекалистер.

Водичот на групата Љупчо Чучуковски кој е и претседател на клубот кој го реализираше маршот, додаде дека маршутата се одивала по првата национална патека во Брегалничкиот регион.

– Почетна точка ни беше од местото Горни Балван, потоа продолживме по Стари Голак, Спортско-рекреативен центар Голак, Виречка Чешма, Бун Чешма и го искачивме врвот Мала Чавка на 1508 метри надморска висина. Се вративме од другата страна на планината Голак, при што имавме заедничка дружба кај спортскиот комплекс на Голак, додаде Чучуковски.

Оваа планинарска тура, како што додаде Чучуковски е подготовка за традиционалниот планинарски марш „Голак 2020“ кој е закажан за месец септември годинава. вс/сп/

Back to top button
Close
Close