Дописници МКДОпштински вести

Делчево ја одбележа 117-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев

Со пригодна свеченост организирана од Општина Делчево и во услови на вонредна состојба, а по повод 117-годишнината од смртта на Делчев, Делчево го одбележа датумот на убиството на патронот на градот кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница.

Делчево, 4 мај 2020 (МИА) – Со пригодна свеченост организирана од Општина Делчево и во услови на вонредна состојба, а по повод 117-годишнината од смртта на Делчев, Делчево го одбележа датумот на убиството на патронот на градот кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница.

По тој повод, пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија делегација од Општина Делчево, делегација од Советот на Општина Делчево, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните.
Во рамките на одбележувањето, членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев, а по завршувањето на церемонијата градоначалникот Горан Трајковски истакна дека поради вонредните активности, сите планирани културни настани со кои Делчево сакаше да му оддаде чест на својот патрон, се одложени.
-Како следбеници на ликот и делото на Делчев општината ги промовира неговите заложби и работиме да го изградиме нашиот град достоен носител на неговото име. Како градоначалник испраќам порака дека Делчево, поминувало низ многу премрежја, но од секоја битка излегувал посилен и бил победник. Верувам дека и денеска, со истрајност и одговорност кон личното здравје, кон здравјето на своето семејство и на секој сограѓанин, повторно заедно ќе прославуваме победа и ќе го продолжиме развојот на нашиот убав град покрај Брегалница, рече Трајковски.
На одбележувањето на годишнината од смртта на македнскиот револуционер не присуствуваа претставници од советничката група и партиски претставници на ВМРО ДПМНЕ кои самостојно се организираа и положија цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во чест на неговата смрт. вс/нд/

Back to top button
Close
Close