Оригинални текстови

Дебата во организација на ЗНМ: МРТВ треба да биде лидер во промоцијата на професионални стандарди

Здружението на новинарите на Македонија организираше вебинар на тема „Стручна дебата за реформите во јавниот медиумски сервис МРТВ“. Целта за овој настан е потребата од реформи во МРТВ преку кои ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера. На овој настан предмет на разговор беа идните активности предвидени во Петгодишната стратегија за развој на МРТ до 2025 година.

Скопје, 19 февруари 2021 

Здружението на новинарите на Македонија организираше вебинар на тема „Стручна дебата за реформите во јавниот медиумски сервис МРТВ“. Целта за овој настан е потребата од реформи во МРТВ преку кои ќе се овозможат услови за позитивни промени во јавниот сервис, што би било од полза за јавноста и целата медиумска сфера. На овој настан предмет на разговор беа идните активности предвидени во Петгодишната стратегија за развој на МРТ до 2025 година.

Дискутантите истакнаа дека за силна МРТВ потребно е да се засили независноста на јавниот сервис, за МРТВ да стане лидер во промоција на професионалните стандарди.

МРТВ е јавно претпријатие кое треба да работи независно од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво а уредувачката и деловната политика на МРТ треба да биде непристрасна кон нив. МРТВ има три улоги а тоа е граѓаните објективно и професионално да ги информира, едуцира и забавува.

– Во минатото имаме примери каде МРТВ потфрлуваше во својата основна мисија. Се сеќаваме на критики од јавноста, локални организации во медиумскиот сектор, меѓународни организации исто така го критикуваа известувањето на МРТВ, посебно во критични ситуации.

Во денешен контекст ситуацијата е подобрена, особено во делот на програмата и во балансот на вестите, но има услови за уште позначајни подобрувања, за МРТВ да стане лидер во промоцијата на професионалните стандарди, и на долг рок да ги мотивира и приватните телевизии да го следат таквиот пример со цел да има кревање на стандардите во целиот медиумски сектор. Значајна е и улогата на МРТВ во кревање на социјалниот стандард на новинарите.

ЗНМ е конструктивен партнер и ќе остане и понатаму преку своите залагања за подобрување на законската рамка со која се уредува работењето на МРТВ. ЗНМ и понатаму ќе инсистира МРТВ да го добие својот дел од буџетот како што го предвидува и законот, а се со цел да се осигура политичката и финансиската независност на јавниот сервис изјави Младен Чадиковски – Претседателот на ЗНМ.

Иницијативата за дебата за јавниот сервис ја поздрави и Катерина Синадиновска од СЕММ.

– За нас како организација јавниот сервис, прво секогаш бил важен и конструктивен партнер во процесот на саморегулација, а второ секогаш бил стожер на медиумскиот простор, оти сметаме дека реформите таму ќе предизвикаат бран на позитивни промени низ сите медиуми.

Важно е да се знае дека и приватните медиуми не може да се сведат на обичен бизнис, туку главна цел е да го штитат јавниот интерес како и професионализмот на новинарите тука јавниот сервис треба и мора да поставува стандарди за сите.

Две работи сакам да истакнам кои се важни за нас како СЕММ во овој период. Првата е начинот на финансирање, загрижува фактот што властите си прават свои математики кои се во спротивност со законот. Вториот момент е промената за гласање во Собранието за изборот на Програмскиот совет, многу е важно што поголем консензус да има во гласањето на членовите. Не смееме да дозволиме власта да има така лесна контрола, но ниту опозицијата да го саботира процесот на реформи.

Целиот процес мора да се води од начелото на професионализам и заштита на јавниот интерес.

Фактот што има позитивни промени во МРТВ со истиот кадровски состав покажува дека понекогаш стегите не се во капацитетот на личноста, туку во атмосферата и политичката волја за ослободување од притисокот, нешто за кое сите мора да се залагаме за МРТВ да ја оправда улогата да биде независен национален сервис кои работи во заштитата на јавниот интерес и професионализмот, вели Синадиновска.

Извршниот директор на МРТВ Марјан Цветковски рече дека е од исклучителна важност следната недела да се усвои петгодишната стратегија за развој на телевизијата, за да може да се засилат реформите,

Познато е дека најважните работи во работењето на МРТВ е финансиското работење. Оваа година ако не се исполни ветувањето и заклучоците на Владата, дека со ребалансот во месец јуни ќе се вратат финансиите на МРТВ, сериозно ризикуваме дека оваа година нема да можеме да исплатиме плати. Ликвидноста во овој момент ја одржуваме со проекција дека во месец јуни 2021 ќе добиеме дополнителни финансиски средства. Тековното работење до јануари 2021 бевме во добра состојба. Главна цел беше враќање на достоинството за сите вработени во МРТВ, успеавме небаре дупло да ја зголемиме плата на вработените. Во 2012 година минималната плата на вработените во МРТВ беше 12.000 а сега е 21.000 денари. Успеавме да го подигнеме нивото на социјален квалитет, сега мислам дека се доволно мотивирани. Секако имаме уште некои работи кои во идниот период треба да ги усогласиме, но тоа е предизвик за кој ќе работиме во иднина. Ветувањето од Мин. за финансии со ребалансот ќе добиеме финансии и ќе можеме да продолжиме да работиме позитивно во иднина. Сè уште се соочуваме со предизвици во работењето и свесни сме дека треба да има подобрувања во сите сектори и се надевам дека идната недела ќе ја усвоиме петгодишната стратегија за развој, со што уште веднаш ќе влеземе во посилни реформи, рече Цветковски.

Заменик министерот од МИОА Александар Бајдевски, вели дека јавниот сервис во државата мора да биде ослободен од сите политички, комерцијални и други влијанија и да го штити професионализмот како и јавниот интерес. Владата ќе даде шанса за избор на новите членови на Советот преку постоечките закони кои предвидуваат двотретинско мнозинство

– Она што сакам да го истакнам, изминатите 4 години се водеше сметка за распределбата на финансиите за јавниот сервис. Ние како влада се трудевме и водевме сметка за одржливо работење на МРТВ и пробавме да направиме подобра законска рамка, меѓутоа потребно е и од другата страна да се вклучи Програмскиот Совет и Директорот на МРТВ. Програмскиот совет има клучна улога во штитењето на јавниот интерес во работењето на МРТВ. Сакам да ја потенцирам анализата на МиМ за транспарентноста МРТВ, ХТВ и РТВ Словенија, со жалење можам да констатирам дека како програмски совет некако сме најнетранспарентни. Сметам дека тоа во иднина треба да се промени, се да се објавува на веб страницата на МРТВ во интерес на јавниот интерес како се трошат јавните буџетски средства.

Промените мора да продолжат во иднина, ние како влада ќе продолжиме во унапредување на процесот на креирање на независен и објективен јавен дифузен сервис. Ќе направиме сè што е во наша можност и ингеренции во овој процес на унапредување на улогата на МРТВ, а во таа насока ќе дадеме шанса во наредниот период, преку постоечките закони, со двотретинско мнозинство, да се обидеме да избереме нови членови на Советот, од редот на професионалците. Се надеваме дека нема повторно да наидеме на блокада од опозицијата, рече Бајдевски. Во дискусијата се вклучија и останатите професионалци од фелата кои порачаа дека процесот на реформи во јавниот сервис не смее да запре и во наредниот период во насока на дополнителна професионализација и подобрување на целокупната програма.

Здружение на новинари во Македонија

________________________________________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Таг
Back to top button
Close
Close