0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Дебата на НКЕУ-МК: Аерозагадувањето бара ургентни мерки, но проблемот не се решава за две години, потребно е јакнење на свеста

Анализите на светско ниво покажуваат дека загревањето на домаќинствата сѐ уште претставува голем извор на загадување на воздухот. Проблемот со загадувањето во земјава, посебно на градот Скопје не може да се реши за една или две години. Тоа е процес во кој сите, пред се граѓаните, а и институциите како на локално така и на централно ниво треба да работат заеднички, и да се најде начин како во процесот да се вклучи и приватниот сектор.

Скопје, 24 февруари 2021 (МИА) – Анализите на светско ниво покажуваат дека загревањето на домаќинствата сѐ уште претставува голем извор на загадување на воздухот. Проблемот со загадувањето во земјава, посебно на градот Скопје не може да се реши за една или две години. Тоа е процес во кој сите, пред се граѓаните, а и институциите како на локално така и на централно ниво треба да работат заеднички, и да се најде начин како во процесот да се вклучи и приватниот сектор. Дел од начините се да се подобри енергетската ефикасност во домовите со ефикасни технологии и да се зголеми опфатот на ценрално греење, обезбедување доволно финансиски средства за примена на мерките на локално и национално ниво, како и зголемување на бројот на овластени инспектори за зајакнување на надзорот.

Ова се дел од препораките и заклучоците од втората сесија на Работната група 5 (Животна средина – Поглавје 27) од Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“, на која се дебатираше за актуелните состојби во поглед на загревањата на домаќинствата во земјава.

Експерти од земјава и од Словачка, се согласија дека иако загадувањето на воздухот бара голема ургентност во преземање мерки за да се исполнат законските вредности за чист воздух, искуствата покажуваат дека брзите решенија не ги даваат очекуваните резултати.

Заменик министерка за животна средина – Христина Оџаклиеска рече дека согласно извештаите на релевантни меѓународни институции меѓу кои и на Светска банка и УНДП, согорувањето на фосилните горива во домаќинствата и административните капацитети има значаен удел во емисиите на цврсти честички во воздухот.

-Во изминатите неколку години се преземаат мерки за редукција на емисиите на загадувачките супстанции. Започнувајќи од 2019 досега донесени се три програми за намалување на загадувањето, со буџет на годишно ниво од 80 до 120 милиони денари, кои во најголем дел се однесуваат на замена на начинот на загревање на административните капацитети, рече Оџаклиеска, додавајќи дека се преземаат мерки и од страна на Министерството за економија каде се спроведуваат програми за доделување субвенции за зголемување на енергетската ефикасност во домаќинствата, субвенции за набавка на сончеви колектори и субвенции за набавка на печки на пелети.

Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европско движење истакна дека секоја држава гради систем на загревање на домовите според енергетските и економските ресурси и тука е значајна традицијата и културата, како и претприемничкиот амбиент.

-Тука се поставува прашањето колку државата е подготвена да вложува во заштитата на животната средина. Од оние анализи кои досега ги имаме можам да заклучам дека нашата држава се уште не е подготвена да даде многу повеќе за овој проблем. Историјата на технологиите ни укажува дека користењето на дрвата и јагленот за производство на енергија се карактеристични за општествата од 19 век. Но, денес кај нас и во светот многу домаќинства се уште се загреваат со дрва и со јаглен, учествувајќи со над 40 отсто во загадувањето на воздухот на планетата, рече Ѓуровска.

Додаде дека мерките за заштита на животната средина се многу скапи, но, посочи, секое одложување на преземање мерки ќе ја зголемат цената и таа ќе биде многу висока не само во поглед на парични инвестиции туку и во поглед на здравјето.

Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) истакна дека и проблемите во Словачка во областа на заштитата на животната средина се многу слични, иако земјата влезе во ЕУ во 2004 година, а Северна Македонија е сега на самиот почеток од тој процес. -Заедничката експертиза од различни засегнати страни можат да придонесат за формулирање препораки што ќе бидат потоа донесени од срана на Владата и ќе послужат за подобрување на состојбите, рече Стражај.

Александар Дединец, научен соработник во Истражувачкиот центар за енергија и одржлив развој во МАНУ во својата презентација „Како енергетиката може да го подобри квалитетот на воздухот во државата“, посочи дека граѓаните во Скопската котлина се постојано изложени на повисоки концентрации од дозволеното.

Истакна дека огревното дрво се користи од над 30 проценти од домаќинствата во урбаните делови и дури 85 отсто од домаќинствата во руралните области. Рече дека поголемиот број од домаќинствата што се греат на огревно дрво користат едноставни системи за греење и голем дел од нив не се доволно ефикасни.

-Проблемот со загадувањето на градот Скопје не може да се реши за една или две години. Тоа е процес во кој сите, пред се граѓаните, а и институциите како на локално така и на централно ниво треба да работат заеднички, и да се најде начин како во процесот да се вклучи и приватниот сектор. Вината не треба да се префрла од еден на друг, туку ова е процес во кој секој треба да почне од самиот себеси, најпрво да го промени сопственото однесување, за да има легитимно право да бара промена кај другите чинители во општеството, рече тој.

Неколку начини, според Дединец, можат да се применат, како на пример подобрување на енергетската ефикасност во домовите, при што во моментов 50,8 отсто од објектите немаат изолација, а 42 осто имаат изолација која не е според пропишаните стандарди.

Натаму, промена на начинот на греење, со ефикасни технолгии – 44,7 користат ниско ефикасни печки на огревно дрво, ефикасни технологии на електрична

енергија, топлински пумпи користат 5,3 отсто и печки на пелети и брикети користат само 1,5 отсто од домаќинствата.

Тој наведува дека треба да се зголеми и опфатот на централното греење – 44 отсто би прифатиле да се греат на централен систем дури и со малку повисоки трошоци во однос на системот што сега го користат.

Дединец ги презентираше и податоците на Светската здравствена организација, според кои годишно 6,5 милиони луѓе или 18.000 дневно умираат како резултат на загадување на воздухот и се смета дека тоа е четвртиот по големина „убиец“ на луѓето веднаш по крвниот притисок, неправилната исхрана и пушењето. Смртноста во Северна Македонија е околу 3.000 на годишно нво од ПМ2.5 честичките.

Вероника Оравцова, доктор на науки од Словачката асоцијација за надворешна политика, рече дека Словачка има една од највисоките стапки на ПМ2.5 честички меѓу земјите членки на ЕУ.

– Во периодот од 2005 до 2015 година емисиите ПМ2.5 честичките поради загревањето на станбените објекти е зголемено од 66 на 86 осто, рече Оравцова додавајќи дека станбентото грееење е главна причина и за надминување на дневното дозволено ниво на ПМ10.

Главни извори на загагадување на воздухот во Словачка се исто така транспортниот сектор, индустријата и индивуалното греење, рече таа, додавајќи дека е неопходно воведување нискојаглеродни технологии, мерки за намалување на побарувачката на енергија, раст на конкуретноста, иновативни решенија.

Анета Стефановска, раководител на Одделение за мониторинг на квалитет на воздух при Министерството за животна средина и просторно планирање, истакна дека ПМ10 е најкритична загадувачка супстанца во земјава, а концентрациите на суспендираните честички многу често ги надминуваат утврдените граници за заштита на здравјето, посебно во зимскиот период.

Како препораки за надминување на овој проблем првично е донесувањето подзаконски акти за квалитет на цврсти горива и нивно спроведување, што е во процедура.

Вели дека мора да се обезбедат доволно финансиски средства за примена на мерките на локално и национално ниво, како и зајакнување на административните капацитети и зголемување на бројот на овластени инспектори за зајакнување на надзорот.

Потребно, е вели, натамошно подигање на јавната свест во однос на користењето фосилни горива и палење недозволени материјали каде што голема поддршка, според неа, може да даде невладиниот сектор. Натаму, потребен е интегриран пристап во имплементација на мерките за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот и понатамошно зајакнување и координација помеѓу централната, локалната власт и невладините организации.

Ана Чоловиќ Лешоска директор на невладината „Еко свест“ вели дека е неопходно самата држава да негува добро развиен систем за мониторинг на загадувањето на воздухот, што подразбира проширување на мрежата на мерните станици и мерење на сите загадувачки материи што се штетни за човековото здравје.

Јавноста, вели таа, мора да се информира за состојбите со загадувањето, и особено брзо да се аламира доколку постојат здравствени проблеми. Што се однесува до домаќинствата и начинот на кој се загреваат, рече дека е потребно да се смени начинот на затоплување преку зголемување на субвенциите со кои домаќинствата ќе се префрлат на друг начин на греење, како и да се направи и сертфикација и стандардизација на уредите што се користат за затоплување. нд/са/

Back to top button
Close
Close