Дописници МКДОпштински вести

Дебарските пожарникари гаснеа пожари, но вршеа и дезинфекција  

Поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, изостанаа традиционалните показни вежби на дебарските пожарникари, кои вообичаено ги одржуваа по повод 20 мај - Денот на пожарникарите, а беа следени од голем број граѓани. 

Дебар, 20 мај 2020 (МИА) – Поради состојбата со пандемијата од Ковид-19, изостанаа традиционалните показни вежби на дебарските пожарникари, кои вообичаено ги одржуваа по повод 20 мај – Денот на пожарникарите, а беа следени од голем број граѓани.

Токму поради состојбата, во изминатиот период од годинава тие освен што гаснеа пожари беа активно вклучени и во дезинфекција, која на територијата на Општината беше реализирана на двапати.

– Ние како единица освен во Општина Дебар, интервенираме и во општина Центар Жупа и на подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше. Во изминатиот период од годинава имаме евидентирано 44 интервенции. Од нив 34 се пожари на отворен простор и четири на објекти,додека останатите шест се  технички интервенции, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, командир на ТППЕ во Дебар.

Тој додава дека споредено со истиот период лани, имале 12 интервенции помалку.

– Лани имавме 56 интервенции од нив 50 пожари на отворен простор, три на објекти и исто толку технички интервенции. Бројот на пожарите на отворен простор е помал за 16. Тоа е, така да го наречам, бенефит од забраната за движење поради Ковид-19. Затоа пак активно бевме вклучени во спроведувањето на дезинфекцијата, пред се во станбени и верски објекти, непристапните делови во градот и селата,- посочува Мифтароски.

Денот не заборавија да им го честитаат градоначалниците Хекуран Дука на Дебар, на Центар Жупа, Аријан Ибраим и на Маврово Ростуше, Медат Куртовски, искажувајќи им голема благодарност за добрата соработка, но пред се, што со брзата интервенција спречиле поголеми катастрофи. вт/сп/

Back to top button
Close
Close