0_Web_Актуелно0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.ПорталОпштествоТема

Да ја искористиме изолацијата конструктивно – со книги, музика, филмови и по некоја партија „не лути се човече“

Сите во изолација. Нема одење на работа, во кино, во театар, на концерти,... Нема вежбање фитнес, пливање на базен, шетање по Кеј и на Водно.

Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Сите во изолација. Нема одење на работа, во кино, во театар, на концерти,… Нема вежбање фитнес, пливање на базен, шетање по Кеј и на Водно.

Драстична промена во навиките поради коронавирусот.

Како сето ова се одразува врз нас, дали ќе не научи на лекции што сме ги пропуштиле, дали можеби ќе ја зголеми хуманоста или ќе предизвика стрес, револт, агресивност?

– Самоизолацијата, седењето сами или со најблиските во четири ѕида и ден и ноќ на неопределено време не чини анксиозни, нетрпеливи, загрижени. Состојбата во државата е вонредна, секојдневно исчекуваме информации за евентуални новозаболени, но и за критично болните. Мерките стануваат сé поригорозни. Но, сé ќе помине, само треба да имаме трпение и да ги почитуваме препораките на надлежните. Да бидеме дисциплинирани и да им помогнеме на оние што ќе ја водат најтешката битка за уште еден здив. Би апелирала времето додека сме дома да го искористиме најдобро што можеме, да си ја слушнеме тишината во срцето, да се пронајдеме повторно себе си и најблиските, да правиме активности со кои, како што велат тинејџерите, би се „upgrade“-ирале на повисоко ниво. Семејните дружења да добијат на длабочина и топлина, комуникацијата со драгите пријатели и роднини да бидат редовни. Повторно да ја најдеме убавината на едноставните нешта, вели д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје при ЗМЗ Младост- Скопје.

Според неа, граѓаните се поделени во две групи: совесни – кои сериозно ги почитуваат и применуваат препораките од Министерството за здравство, и останати – кои си продолжуваат со секојдневните активности како ништо  да не се случува.

-Се дружат со блиските во паркови, викендички, пред зградите – пијат кафе, сок, пиво…Се прашувам дали тоа кафе ќе биде најскапото кафе во нивниот живот кое ќе го платат со сопствениот живот или со животот на саканите?, истакнува докторката.

Стресот, додава, се зголемува секојдневно. Чести се несониците, вознемиреноста, депресивниста, покачувањето на крвниот притисок, болките по телото. Некој се повлекува во себе, друг станува агресивен.

-Стресот кој долго трае доведува до пад на имунитетот, но затоа ќе се изјаснат имунолозите. Не смееме да си дозволиме да бидеме предолго во ситуација на продожен стрес или ако не можеме да го отстраниме стресогениот фактор, во случајов коронавирусот, треба да го изменаџираме најдобро што умееме. За некого тоа ќе биде пиењето чај, вежби за релаксација и опуштање, слушање музика, гледање омилен филм, играње „не лути се човече“ со домашните, читање книги кои подолго не чекаат, разговори по телефон со саканите, негување на цвеќињата во домот,…, напоменува д-р Дамјановиќ.

Таа уште еднаш потенцира дека ова е период на неизвесност и затоа мора да ја поддржиме медицинската струка која е клучна во овој момент.

– Инфектолозите, епидемиолозите, анестезиолозите и оние од лабораторијата за докажување на коронавирусот се исправени пред најголемиот индивидуален предизвик. Со нашето останување дома треба максимално да им помогнеме. Препорака за хроничните и психијатриските пациенти е да ја земаат редовно препишаната терапија, да побараат совет од стручно лице при влошување на основната симптоматологија. Оние, пак, што ќе бидат хоспитализирани да им веруваат на докторите и да соработуваат во секоја фаза од лекувањето, објаснува докторката.

Дамјановиќ посебно се осврнува на децата. Стресната состојба поради коронавирусот, вели, делува и на реагирањето на најмалите. Тие може да станат вознемирени, агресивни, агитирани, повлечени, да манифестираат ноќно мокрење,…

– Да се обидеме да им ја задржиме насмевката на наште деца зашто ние, возрасните, можеме да раководиме со нашите чувства и постапки, да бараме решенија како да се релаксираме, да собереме сила за она што следи, но децата сé уште ги немаат тие вештини за справување со стресот. Секојдневно сме бомбардирани со вести од светот, регионот и кај нас за актуелните настани  со коронавирусот. Настаните и случувањата не се со пријатна содржина, туку со содржина која не загрижува и не преплашува и нас возрасните. Со коронавирусот прв пат се соочува светот. Затоа кон децата, нашата реакција треба да е поддржувачка, во овие мигови да им понудиме повеќе внимание и грижа, да им ја покажеме нашата љубов. На децата им е потребна љубота и вниманието од најблиските (родители, старателите, членови на пошироко семејство) секогаш, а особено во кризните времиња, подвлекува д-р Дамјановиќ.

Порачува родителите да ги слушаат своите деца, да им ги објаснат нештата на едноставен начин и да ги охрабрат да прашаат сé што ги интересира.

-Изнајдете можности за непрекината игра и одмор. Битно е децата да бидат близу своите родители и членови на семејството и одвојувањето да биде само при болничко лекување и при тоа да има редовна комуникација (преку телефон) и посети ако е дозволено. Секојдневната рутина да се задржи во граници на можностите. Да се создадат можности за продолжување со учењето преку онлај и ТВ платформи, како и да се продолжи со детската игра и одмарањето. Да се информираат за заштитата од коронавирусот правилно, како и доколку некој не се чувствува добро, да побараат помош и ако е потребно лекување во болница, да се објасни дека одвојувањето ќе биде со ограничено време, дека во болницата се грижат докторите и сестрите и после закрепнувањето се ќе биде како и порано, објаснува д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје при ЗМЗ Младост- Скопје.

Мирјана Чакарова

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close