0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталОпштество

Д-р Скано од СЗО: Состојбата е загрижувачка, но може да се стави под контрола со прекинување на ланецот на зараза

Советникот на регионалниот директор за Европа на СЗО, д-р Фабио Скано изрази загриженост од она што се случува во Република Северна Македонија со Ковид-19. Но, рече дека ситуацијата може да се стави под контрола, со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање.

Скопје, 25 јуни 2020 (МИА) – Советникот на регионалниот директор за Европа на СЗО, д-р Фабио Скано изрази загриженост од она што се случува во Република Северна Македонија со Ковид-19. Но, рече дека ситуацијата може да се стави под контрола, со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање. Тој порача дека граѓаните и Владата треба да соработуваат и да не се дозволи да се влоши состојбата, која ќе бара ригорозни карантински мерки.

– Ова што го гледаме во моментов во Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме градот. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи. Оваа моја посета на вашата земја, се случи токму навреме. Она што го гледаме низ светот укажува на заклучокот дека вирусот нема наскоро да си замине, напротив, тој брзо се шири и коси животи и треба да направиме сè што е потребно да му се спротивставиме на проактивен начин, односно да бидеме пред него, истакна д-р Скано.

Тој рече дека од понеделникот, кога пристигнал во Скопје, остварил многу средби, меѓу кои со претседателот на државата Стево Пендаровски, со Комисијата за заразни болести, како и со претставници на верските заедници. Тој потенцира дека е импресиониран од пожртвуваноста на здравствените работници, кои неуморно работат за заштита на граѓаните од Ковид 19.

– Ставањето во функција на структурите за одговор, се случи рано, уште пред да се појави првиот случај. Почнуваме со силниот капацитет на тестирање, кој овозможи идентификување на пациенти уште во раните фази на пандемијата, агилното пренаменување на здравствените установи за лекување на болните од Ковид 19, што овозможи пациентите да бидат згрижени, како и раните мерки за заштита на постарите луѓе во старечките домови, со што се спречи голем број на смртни случаи, нешто што се случи во другите земји. Имаме целосно разбирање дека социо-економските последици од јавно здравствените мерки предизвикуваат загриженост оти директно влијае врз животот и егзистенцијата на луѓето. Сепак здравствениот и економскиот интерес не мора да бидат во судир. Одговорот треба да биде поизнијансиран, а јавно здравствените мерки сразмерни на степенот на пренесување на болеста. Еластичноста и правењето градација на локалното ниво, е клучно во моментот, истакна д-р Скано.

Тој рече дека Владата и граѓаните треба да соработуваат за надминување на ситуацијата и да се прекине ланецот на ширење на заразата. Д-р Скано потенцира дека треба да се применуваат универзалните мерки за заштита: миење раце, држење дистанца и носење маска.

Тој истакна дека Република Северна Македонија била добар пример во Европа, за тоа како се справува со Ковид-19 и верува дека ситуацијата со заразата повторно може да се стави под контрола. Во однос на олабавување на мерките, д-р Скано рече дека секоја држава презема такви олабавување, но дека е битно рано да се идентификуваат позитивните на коронавирусот. ир/скс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close