0_Македонија.ПорталДописници МКД

Цветкоски: Обичаите за Василица и потрагата по среќната паричка се вековни и се одржуваат

Прилепчани ги одржуваат традициите за Стара Нова година и за Василица кога, според обичаите се бара среќната паричка која. Според верувањето, на оној кому ќе се падне паричката ќе му донесе среќа во текот на целата година.

Прилеп, 13 јануари 2020 (МИА) – Прилепчани ги одржуваат традициите за Стара Нова година и за Василица кога, според обичаите се бара среќната паричка која. Според верувањето, на оној кому ќе се падне паричката ќе му донесе среќа во текот на целата година.

Граѓаните, велат,  веруваат и ги одржуваат обичаите а вербатаво среќата е во семејството или пак, во сопствените способности.

Според етнологот од прилепскиот „Завод и музеј“ Александар Цветкоски, обичаите за Василица се повеќебројни и речиси сите се одржуваат до ден денес. Главно е месењето на обредниот колач, кој што ја носи во себе среќната паричка.

-Василица на 14 јануари е нашата Нова Година, според Јулијанскиот календар. Главен обреден елемент е месењето обредни погачи. Најпознат е василичарскиот мазник од потпечени кори, но се месат и погачи, „турте“, буреци, односно, различни обредни лебови. Најкарактеристично што во нив се става паричката која служи да покаже дека оној на кому ќе му „падне“ ќе биде најсреќен преку целата година. Се сечат онолку делови колку што смета семејството: има дел за секој член, па за имотот и парче за Господ. Според старите обичаи се верува дека при јадењето, тогаш Бог е со нас, па му се остава едно парче, вели Цветкоски.

Василичарските обичаи се различни и различно се одржале во нашата земја.

-Во други делови од Македонија, на Василица, има и маскирани поворки. Се нарекуваат „сурвакари“, а самиот обичај „сурва“. Сите се маскирани, обично во демони на предците, ја обиколуваат куќата и имаат улога да ја благословат ( да ја „блосојат“) секоја куќа во која ќе влезат, да посакаат добро, напредок, бериќет, се што ќе биде добро за фамилијата во текот на годината. Затоа, на пример, е и карневалот во Вевчани. Во Прилеп, спроти Стара Нова година, карактеристично е коцкањето, или, како што се вели, се фрла зарот. И за „мали пари“, само за адет, зашто тој што ќе освои најмногу, ќе постигне најголем напредок. Тоа се најбитните ритуални моменти за Василица. За Василица имало и Василичарски огнови кои кај нас се „концентрираат“ за Коледе, објаснува етнологот Цветкоски.

Обичаите се жилави, речиси не се губат, опстојуваат. Основните, функционални елементи на обичаите за Василица речиси целосно се задржани и ги имаме како некогаш. Одредена улога има и стравот од гревовите. Треба да се помогне во зимскиот период да оживее природата, да се обнови.

-Различните обичаи за „барање“ на среќната паричка, некаде на Бадник, во другите краишта на Василица. не прават разлика на пораката за потребата од среќа. Се е поради „разбивањето“ на клаендарот. Прво, оној паганскиот календар, бил прецизен, но со текот на времето календарот е поделен. Всушност, ние за секој празник имаме обреден колач, а кога ќе се стави паричката не е многу битно, зашто сѐ се случува во некрстените денови до Водици, до 19 јануари. Но, за барањето на среќната парича е најбитно на што ќе се стави акцентот: дали на личната среќа, на просперитет на бизнисот, на имотот, на земјоделството. Приоритет семејството му дава на она што ќе му донесе просперитет во годината. Ако пак, паричката падне во парчето наменето за Господ, целата „куќа“, домаќинството, ќе има напредок во годината која штотуку започна, смета етнологот од приелпскиот „Завод и Музеј“, Александар Цветкоски.

Во секој случај, прилепчани вечер, во пресрет на Стара Нова Година (Православна нова година), традиционално ќе се соберат да прослават. Во домовите и во рестораните. За ручек, на Василица ќе го завртат „мазникот“ со среќната паричка за да видат кој ќе биде најсреќниот во текот на целата година. Инаку, барањето на среќната паричка е до Водици, 19 јануари, кога завршуваат некрстените денови. Тогаш, се вели, се отвора небото и се исполнуваат желбите. ем/вг/

Back to top button
Close
Close