0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталВидео изјаваГраѓански секторПарламентарни избори 2020

ЦИВИЛ: Секојдневно се врши организирано ширење на дезинформации и лажни вести

Првата недела на изборната кампања почна жестоко и многу валкано. Голем дел од политичките актери не штедат, ниту избираат средства во борбата со својот политички противник. ЦИВИЛ констатира дека за жал дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза се едни од главните обележја на ова предизборие, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Првата недела на изборната кампања почна жестоко и многу валкано. Голем дел од политичките актери не штедат, ниту избираат средства во борбата со својот политички противник. ЦИВИЛ констатира дека за жал дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза се едни од главните обележја на ова предизборие, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

Тој посочи дека на социјалните мрежи и во некои медиуми се забележани „пропагандни операции за ширење на дезинформации и омраза“.

Набљудувачите на ЦИВИЛ, како што рече, секојдневно регистрираат објави кои организирано се споделуваат на страниците на Фејсбук, со навидум имиња на организации или иницијативи, а понатаму пораките и содржите се шират од профили, често пати безимени, блиски до одредена политичка структура и наоѓаат свое место во дел од медиумите.

– Преспанскиот договор, кризата со коронавирусот, ЕУ и НАТО интеграциите, реформите во клучните сектори во државата, но и Шарената револуција се носечки теми на структурите кои шират лажни вести, дезинформации и говор на омраза овие денови, рече Дерала. Дерала додаде дека ЦИВИЛ бил мета на говор на омраза и на вандализам во оваа прва недела од кампањата.

Според ЦИВИЛ, секојдневно се врши организирано ширење на дезинформации и лажни вести преку фотомонтажи и преку измислени информации. Забележани се случаи на директни закани упатени кон граѓани и сајбер булинг од локални партиски структури. ЦИВИЛ потсетува дека гласачите имаат право на информиран избор и на понуда и апелира да престане насилството, омразата и лагите.

Мониторингот на ЦИВИЛ забележал низа случаи на злоупотреба на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии во кампањата.

– Се бележи злоупотреба на службени возила во партиски цели од носителот на кандидатската листа на ДУИ во Петтата изборна единица Талат Џафери, од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во Лисиче и од градоначалничката на Тетово Теута Арифи, рече Дерала.

Тој информира дека овие случаи се документирани, со видео снимки или со сведошта од терен, се бележат и се ставаат во архивата и ќе бидат дел од извештајот што ќе го објави ЦИВИЛ по изборите.

ЦИВИЛ забележал дека насекаде низ земјата има непочитување на мерките за заштита од корона вирусот и апелира политичките партии да го почитуваат изборниот закон, Уставот, законите, изборниот молк.

Избпорниот процес ќе го следат повеќе од 300 набљудувачи на ЦИВИЛ. мд/сп/

Прес-конференција на ЦИВИЛ

Posted by MИА.mk on Петок, 03 јули 2020

Back to top button
Close
Close