0_Македонија.ПорталПарламентарни избори 2020Политика

ЦИВИЛ: Кршење на изборниот молк и други изборни нерегуларности

Мониторинг на ЦИВИЛ: Кршењето на изборниот молк и други изборни нерегуларности се интензивираат во последните 24 часа

14 јули 2020

Мониторинг на ЦИВИЛ: Кршењето на изборниот молк и други изборни нерегуларности се интензивираат во последните 24 часа

ЦИВИЛ издаде соопштение врз основа на извештаите од набљудувањето на изборниот процес за периодот од вчера во 12 часот напладне до 12 часот денеска. Според соопштението, набљудувачите на ЦИВИЛ веќе од почетокот на изборниот молк на полноќ 13 јули, бележат бројни случаи на кршење на изборниот молк, а во изминатите 24 часа недозволените активности на политичките партии се интензивираат.

КОЛКУ МИНИСТЕРСТВА ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ИМА ВО ЗЕМЈАВА?

Ова соопштение ЦИВИЛ го започнува со случајот на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. Се работи за специфичен случај кој може да се доведе во врска со повеќе облици на изборни нерегуларности, вклучувајќи го и кршењето на изборниот молк, но и злоупотреба на службената положба и на јавните ресурси.

Да се задржиме само на еден аспект од случувањата.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, и за време на изборен молк води политичка кампања, и на својот Фејсбук профил напиша: „Владата предводена од Оливер Спасовски се подготвува за изборен поткуп и во таа насока денес, во момент кога дел од граѓаните го остваруваат гласачкото право, беа поништени 20 решенија и наредби за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи, а потпишани од моја страна… 20 полициски службеници помалку, се ништо наспроти силната волја и решеност да ставиме крај на криминалното работење на СДСМ“.

Воедно, во текот на вчерашниот ден, јавноста беше запознаена и со неколку случаи на приведување, односно повикување на „информативен разговор“ на неколку јавни личности поради кршење на изборен молк, поврзан со фамозниот пост „да се пречкрта Северна на гласачкото ливче“, но исти или слични објави од спротивставената политичка партија, не беа предмет на ваква полициска „обработка“. Во врска со двојните аршини на техничкиот министер, со објаснување дека слободата на говорот не е кривично дело, се јави заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

МЕДИУМСКИ МАНИПУЛАЦИИ

Интернет порталот „Порталб“ пред да настапи изборниот молк, објави анализа на прогнозите за изборните резултати од аналитичарот Роберт Несими.

Порталите, блиски до одредена политичка партија, ја објавиле анализата за време на изборниот молк во текот на вчерашниот ден, но, со „малку“ поинакви резултати. Тие прикажале резултати во корист на партијата што ги контролира, односно, различни од тие што се прикажани во анализата на Несими. Значи, освен кршење на изборниот молк, тука имаме и случај на ширење дезинформации.

Во предизборниот период се забележува зголемена активност на одредени интернет портали чиишто содржини се наменети исклучиво за ширење лажни вести и дезинформации, со намера да се создаде искривена претстава за одредени политички структури пред јавноста.

КРШЕЊЕ НА ИЗБОРНИОТ МОЛК СО СПОНЗОРИРАНИ ПРОПАГАНДНИ СОДРЖИНИ

Високи функционери и лидери на политички партии, како и нивни активисти се впуштаат во неконтролирана онлајн пропаганда, како да е просечен ден од изборна кампања, а не изборен молк.

И во вториот изборен ден од изборниот молк, речиси сите политички партии продолжуваат да го кршат изборниот молк, со тоа што на Фејсбук сè уште им течат спонзорирани видеа со пропаганден материјал.

Една од предизборните коалиции вчера претпладне ги стопираше спонзорираните објави на Фејсбук, но Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи дека има уште една спонзорирана објава на еден кандидат за пратеник од истата коалиција, која сè уште е активна.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи и дека една политичка партија има објавено 11 спонзорирани видео содржини на Фејсбук, и едно интервју од лидер на партија, за една национална косовска телевизија.

Понатаму, мониторингот на ЦИВИЛ бележи осум спонзорирани содржини кај друга поголема политичка партија, а на топ листата се редат и другите политички партии. Така, една политичка партија има седум спонзорирани содржини, две имаат по три, две партии имаат по две и две политички партии имаат по една спонзорирана содржина на социјалните мрежи, што претставува кршење на изборниот молк.

Вкупно, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ бележи 39 спонзорирани содржини на социјалната мрежа Фејсбук, (во кои не влегуваат и вчерашните 8 содржини кои се веќе стопирани од една од коалициите). Политичките реклами се забележуваат и на онлајн игрите и понатаму.

НЕПОЗНАТИ НАРАЧАТЕЛИ И ЦРНА ПРОПАГАНДА

Но, покрај официјалните Фејсбук профили на политичките партии или кандидати за пратеници, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ регистрира и 12 Фејсбук страници кои спонзорираат политички видео спотови без нарачател, а содржината е, пред сè, во категоријата црна пропаганда за одредена политичка партија.

За една партија се објавени 7 содржини со црна пропаганда од седум различни Фејсбук страници.

За друга политичка партија се објавени 3 содржини со црна пропаганда од две Фејсбук страници.

Од една Фејсбук страница, за една политичка партија има едно видео со црна пропаганда.

Во еден случај, на Фејсбук страница е објавено спонзорирано видео со ексклузивни снимки со екстремно физичко насилство врз пратеник, на 27 април 2017 година во македонското Собрание.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ досега архивираше десетина спонзорирани пропагандни видеа и фотографии на политичките партии, но истите ќе ги објави по завршување на изборниот молк, односно по завршување на изборите.

Вниманието на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ го привлече и социјалната мрежа Тик-Ток, на која се објавуваат видео содржини со пропагандни пораки, кои претставуваат кршење на изборниот молк.

Говорот на омразата, лажните вести и дезинформациите, како и кршењето на изборниот молк не стивнуваат ниту на социјалната мрежа Твитер.

За сите случаи наведени овде, како и во онлајн системот на ЦИВИЛ постојат фото и видео записи, како и прецизни податоци и факти, кои ќе бидат презентирани во јавноста по завршување на изборниот молк.

ЦИВИЛ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Back to top button
Close
Close